Влатко СТОЈАНОВСКИ
Откако Арбен Таравари го доби последното поглавје од судскиот спор за печатите на Алијанса за Албанците и го зацврсти легалитетот како партиски лидер, првиот партиски претседател Зијадин Села најави дека неговиот табор ќе ја продолжи правната битка за печатот на АА, но во меѓувреме ќе настапува под логото и брендот Албански сојуз.
Како што изјави Села, луѓето кои се дел од неговата политичка групација имаат идеали и додаде дека тие ќе продолжат заедно да градат „една цврста политичка структура“. Одговарајќи на прашањето дали тоа значи оти ќе формира нова партија, тој во интервју на „Лајм“ рече:
„Не мислиме дека решението е оставка и предавање. Не оставам на случајност, ја создадов таа нова политичка партија. Веќе е формирана и се вика Албански сојуз, има црвено-црни бои и нема да се откажеме од оваа работа. Идејата на Алијанса за Албанците и нејзината кауза имаат свое продолжение…“.
Инаку, „Фокус“ уште лани во октомври ја објави информацијата дека додека трае маратонскиот судски процес за печатите на фрагментирана Алијанса за Албанците, приврзаниците на првиот партиски лидер Села регистрирале нов политички субјект, чиј назив гласи Албански сојуз.
Според официјалните податоци од Централниот регистар, овој политички субјект е регистриран во пресрет на последните локални избори одржани на 19-ти октомври (прв круг) и 2-ри ноември (втор круг), односно на 3-ти септември 2025 година со седиште во скопската населба Чаир.
Првично, како овластени лица на фигурираа Беким Даути и Арбереша Селими, додека моментално во својство на претседателка на партијата е наведена Селими, која беше државен советник во Министерството за правда и воедно шеф на кабинет на поранешниот министер Кренар Лога.
За потсетување, Лога е и поранешен генерален секретар на Алијанса и воедно важеше за близок соработник на Села, но Лога одлучи да се повлече од партискиот и јавниот живот, откако Села по изборите донесе одлука да излезе од Европскиот фронт предводен од ДУИ, каде предизборно влезе и Таравари.
По регистрацијата на Албански сојуз, извори блиски до Села брифираа дека не основале нова партија како политички проект, туку дека станувало збор за техничка операција, со цел да може да користат одредени законски можности, во смисла на регистрација на општинските советници и користење на државно финансирање.
Тогаш, Села одби да одговори на нашето барање за коментар во врска со новиот политички субјект, но неколку месеци подоцна тој јавно потврдува дека стои зад Албански сојуз, посочувајќи дека тоа ќе биде во функција на продолжување на каузата на Алијанса за Албанците под друг назив.
Во меѓувреме, Села настапуваше и говореше исклучиво во својство на единствен лидер на АА кој, според него, има легалитет и легитимитет. Во врска со оваа тема, тој на една неодамнешно интервју на Канал 5 рече:
„Тоа што се случи лани во АА, за жал, се случи зашто оставив простор кога се извлеков од претседателската функција. Тогаш, дадов простор со партијата да раководат луѓе кои не се конзистентни, кои не гледаат подалеку од една година и кои немаат визија. Кога јас го дозволив тоа, тоа е моја грешка. Не требаше да го дозволам тоа.
Делував демократски – кога ќе се соочиш со слаб резултат треба да дадеш оставка. Иако тоа беа локални избори само за советници во Тетово, оставив простор, бидејќи уште тогаш имав информации дека тоа намерно се направи од внатре, од Таравари и други и од политичките противници.
Сакајќи да прекинам обид за расцепување на АА оставив простор, дадов оставка за партијата да биде соединета. За жал, ниту со оваа постапка не успеав тоа да го направам и како се движеа работите потоа тоа беше грешка, бидејќи да знаев дека тоа ќе се случи АА немаше да има други претседател и ќе биде соединета“.
Околу прашањето колку Алијанси постојат, бидејќи трета фракција предводена од вицепремиерот Арбен Фетаи остана дел од ВЛЕН и од Владата, Села рече дека не треба да чуди ако од крилото на Таравари се појават уште 5-6 Алијанси.
–Но, АА е една единствена, а тоа е партијата која се раководи од моја страна. За жал, првпат се случува по трет пат да се врати предметот од Апелација во Тетово. Два пати го имаме добиено спорот и сега по третпат треба да се одлучува, но сигурно е дека идеалистите, тие што се основачи на партијата и тие кои веруваат во платформа и програма, се заедно со мене – рече Села.
Како што е познато, расколот во АА изби во пресрет на двојните парламентарни и претседателски избори, кога тогашниот партиски претседател Таравари одлучи да се приклучи кон тогашната албанска опозициска коалиција ВЛЕН, што се косеше со ставот на неговиот претходник Села, кој, пак, сметаше дека партијата треба да настапи како дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
По овие избори, ДУИ заедно со партнерите замина во опозиција, додека ВЛЕН стана дел од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во која Таравари беше министер за здравство. Арно ама, по извесно време тој се разиде со партнерите, замина од ВЛЕН и од Владата и стана дел од новоформираната предизборна коалиција на чело со ДУИ – Национална алијанса за интеграција.
Во рамки на НАИ, повторно се споија поранешните блиски соработници Таравари и Села, но тоа траеше само до локалните избори. По изборите, на кои Села не освои ниту еден градоначалник во општините каде настапуваше (Струга, Дебар и Арачиново), тој излезе од коалицијата на ДУИ, додека по последната правна победа на Таравари најави дека ќе настапува под логото на новата партија – Албански сојуз.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека се уште не добил известување од пратеникот Села дека во иднина во законодавниот дом ќе настапува под името на нова партија. По денешниот брифинг со новинарите, Гаши рече дека штом биде известен за евентуални промени во дејствувањето на пратениците, ќе ги информира останатите пратеници и јавноста.
–Во моментот кога секој пратеник, пратеничка група или група пратеници кои не се организирани во пратеничка група се изјаснуваат поинаку, го информираат претседателот на Собранието, јас ги информирам сите пратеници и јавноста, така што во моментот кога ќе бидам известен, ќе бидете и вие и јавноста известени околу секакви промени на пратеничките групи – рече тој.
Таборот на Села формирал нова партија, поради судскиот ќорсокак за печатот на Алијанса!