Конфликтот меѓу Србија и Косово има негативно влијание врз безбедносната ситуација во регионот, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во интервју за германскиот дневен весник „Neue OZ“.
„Актуелниот конфликт меѓу Србија и Косово има негативно влијание врз безбедносната ситуација во регионот. Мора да се направат сите дипломатски напори за да се најде решение. Само ако ова успее, можеме да се концентрираме на развојот на регионот. Затоа, особено балканските земји мора да водат кампања за ова“, истана Спасовски.
На прашањето како Македонија се справува со тоа што е главна транзитна земја за бегалците кои сакаат да влезат во ЕУ преку Балканот, Спасовски вели дека нашата земја се наоѓа на многу посебна географска положба.
„Мигрантите патуваат од Грција, ЕУ држава, низ земја која не е членка на ЕУ, а потоа повторно влегуваат во ЕУ. Ова е предизвик за Северна Македонија и за Европската Унија. Затоа, логично е да соработуваме со ЕУ на граница. Патем, ова не е ништо ново за нас. Седум години соработуваме со земјите од ЕУ за управување со границите. Распоредувањето на Фронтекс е логичен развој на оваа соработка“, вели Спасовски.
Тој меѓудругото, наведува дека во Македонија не се спроведуваат процедури за азил за другите земји на ЕУ и дека тоа нема да се промени.
Македонскиот министер во интервјуто зборува на неколку теми кои ја засегаат земјата, но и земјите од Европската Унија.