Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски најави денеска нови проекти во неговата четиригодишна програма.
-Еден од покрупните проекти е продолжување на проектот за промена на дотраените и оштетени фасади, кој го почнавме минатата година и кој планираме да го продолжиме сè додека не се променат фасадите на сите оштетени згради во Мичурин – изјави тој.
Од СДСМ, пак, му забележуваат дека не ги исполнил ветувањата од првиот мандат во Општината каде Коневски бара трет мандат. Меѓу зградите кои сепак стигнал да ги реконструира, велат од СДСМ, се оние каде што живеат неговите родилите и каде што живее поранешниот министер, Спиро Ристовски.
„Ивица Коневски е најнеуспешниот градоначалник кога станува збор за реконструкција на фасади. За осум години, од ветените 18 направи само седум меѓу кои зградата во која живеат неговите родители и зградата на неговиот партиски другар Спиро Ристовски. Тоа е реализација од помалку од една фасада годишно што говори колку ова било приоритет за Коневски. Да биде лагата уште поголема, Коневски дури ни во буџетот нема издвоено средстства за фасадите кои ги ветува. И денеска истиот тој проект најавува дека го продолжува иако не го заврши“, велат од СДСМ.
Од таму најавуваат дека новата локална власт ќе издвои тројно повеќе средства за реконструкција на фасади кои, велат, се во очајна состојба и се опасни за минувачите, а посебна комисија ќе одлучува во кои згради ќе биде инвестирано.
Во вториот ден од изборната кампања, Коневски, пак, најави дека ќе ги реконструира санитариите во ОУ „Блаже Коневски“, ќе го реконструира фудбалското и кошаркарското игралиште во ова училиште, а пред влезот ќе постави хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација за поголема безбедност на децата.