Компромитираните

by Фокус

„А оној кој ќе спечали пропуст или грев, па го припише на оној кој не е крив, јасно, ќе понесе и клетва и грев.“ (Куран, Eн Ниса, 112)

Пишува: Н. Сулејман Реџепи

Деновиве, еден српско-македонски полицаец, кој се претставува како политички прогонуван новинар, бие и плука по сите што на еден или на друг начин знаеја да им ги деконспирираат нечовечките планови и сметки на споменатите полициски структури. Разбирливо, сите скрибомански дрдорења на таканаречениот новинар што се објавуваат како „вистини од полициските архиви“, всушност, целат да посеат лутина и омраза кај пошироките маси, кои потоа би резултирале со евентуални радикални реакции. Сето тоа, нормално, е мотивирано и диригирано од психопатската опседнатост на налогодавците на „новинарот“, чија единствена специјалност е аматерската репродукција на антиалбанските сценарија! Да, сѐ уште виреат смешните аспирации за угнетување на Албанците, кое би требало да финишира со нивното истребување од вековните огништа. Таа забеганост редовно беше камуфлирана како борба против идејата за „голема Албанија“, која во последно време ја гарнираат со борба против „Албанските џихадисти“! Тоа е визијата на нездравите луѓе, кои во недостиг од идеи и вистински цели, продолжуваат да ја хранат својата опседнатост со моментот на „конечната победа над Албанците“. Таа антиалбанска булумента многу скоро ќе биде присилена да се самоуништи бидејќи со единствениот преостанат метод (компромитирањето на албанските јавни фигури), таа, всушност, неповратно се искомпромитира себеси.

Соништата на србоносталгичарите

Македонското пискарало, завлечено во мракот на српските дувла, очигледно не прави ништо друго, освен што интерпретира по своја волја некои „аналитички местенки“ на антиалбанските полициски структури од двете страни на нашата северна граница. Сакајќи да замаглува факти и аргументи, а во неможност да ја контролира сета фрустрација што му ја сервираат од разни лаборатории, тој не е во состојба да забележи дека осветлува некои случувања, кои своевремено беа испланирани како провокација и деградирање на албанскиот национален процес, кој се профилира по паѓањето на комунизмот. Фактите говорат дека, токму јас, авторот на овие редови, бескомпромисно сум се борел против тенденциите за кои новинарот-полицаец вели дека биле фабрикувања на српско-македонските тајни служби, а со цел враќање на српската војска во Македонија, која би висела како чекан над главата на „Албанските сепаратисти и џихадисти“. Со тогашното политичко организирање на Албанците и нивното учество во Владата и во Собранието на РМ паднаа во вода обидите на србоносталгичарите да предизвикаат етнички конфликт. Во таа небулозна атмосфера заживеа сценариото, според кое, единствениот начин за дестабилизирање на Македонија, со цел да се врати српската војска на овие простори како спасител, била верската провокација! Новинарот-полицаец споменува само два случаи, кои, пак, јас секогаш сум ги разоткривал јавно како српско-македонски ујдурми со цел почнување војна на Македонците против „албанските џихадисти“ на Балканот. Тој конфликт бил замислен да се реализира преку инсталирањето на Сојузот на исламската младина, што како орудие во рацете на српските тајни служби требало да се ангажира директно за радикализирање на Албанците на верско рамниште. Тоа, се разбира, не им успеа на авторите на идејата бидејќи целата македонска и поширока јавност знае колку бескомпромисно сме се бореле против таа антиисламска творевина. И, кога тој  план им пропаднал на тајните српско-македонски структури, на теренот се појавил планот Б: Провоцирање на муслиманите со „украсување“ на саат-кулите со крстови, кои набргу се поставија во Битола и во Прилеп. Се сеќавам, му се обратив  директно на тогашниот претседател Глигоров, а тој ми вети дека во текот на две недели ќе ги симне крстовите. Наместо исполнување на ветувањето, дојде абер дека МПЦ се готви да постави крст и на саат-кулата во Гостивар! Признавам, овојпат многу остро и нервозно му се обратив на Глигоров: „Вие поставувате крстови, ама ние ќе ѝ ископаме гроб на Македонија, а тие крстови да си ги поставите во тој гроб“, му порачав. „Одисејадата“ на крстовите тогаш заврши, а планираната финална провокација со поставување крст на скопската саат-кула, пропадна. Дури и денес не сакам да помислам што ќе се случеше ако тргнеа кон брдото на кое со векови, во хармонија, опстануваат убавата Султанмуратова џамија и саат-кулата што скопјаните, муслимани и христијани, ги потсетува да поитаат бидејќи времето минува, а со него и нашето гостување на овој свет. Во секој случај, не постои релевантна организација во светот или посериозен дипломат од тоа време што не беа запознаени од страна на ИВЗ во РМ со мрачните цели на србоносталгичарите, предводени во тоа време, а се потврдува денес, од бившиот прв разузнавач на Македонија, Слободан Богоевски. Во тоа време ИВЗ во РМ ги замрзна односите со МПЦ.

Природно, јас бев именуван за главен виновник на разоткривањето на мрачните сценарија на тие антиалбански и антиисламски структури и токму затоа сиот нивен бес и омраза се истурија и се истураат врз мене. Првиот човек на муслиманите во Македонија станува цел на невидена медиумска хајка, преполна со инсинуации, измислици, лаги и конструкции. Пораката во лебедовата песна на тие валкани полицајци дојдени од некои мрачни времиња и заталкани во овој нов систем во кој живееме е многу јасен: Фрлање дрва и камења врз личноста што ги оневозможува полициските проекти. По можност: Личноста да се искомпромитира. Но, легендата недвосмислено кажува дека лебедот, откога ќе си ја отпее песната, умира.

Јас, уништувачот на плановите на србоносталгичарите

За чудо, последните две години како да дигнаа глава истите структури, а разлог за тоа станаа војните во арапските држави. Некој почувствува дека Македонија е „многу загрозена од албанските муџахедини“, кои доброволно тргнаа да гинат во Ирак и Сирија. Стравот се почувствува најмногу токму кај наведените структури во овој текст. Во таква ситуација и атмосфера, за доброто на сите во Македонија, ИВЗ покажа коректност и конструктивност и придонесе за донесување на законот, кој забранува учество на наши граѓани во туѓи војни.

Но, потсетувам дека кога ИВЗ како единствена Институција на муслиманите, многу порано ги алармираше државните институции и севкупната јавност. Тогаш кажувавме јасно дека луѓето што со својата појава  предизвикуваат немир кај Македонците не се ништо друго, туку само туѓи алатки што немаат допирни точки ниту со вистинскиот ислам, ниту со Албанците и дека како такви треба да бидат третирани од соодветните закони. За жал, државните институции беа глуви како топ. Ние јасно сме кажале во јавноста дека таквите луѓе не се наши и немаат никаква врска со ИВЗ. Тој наш став, гледаме, многу ги иритирал српско-македонските полициски структури, кои се надевале и планирале дека Исламската заедница во Македонија ќе стане партнер со „радикалците“ и дека ќе ги институционализира. Тоа би бил преттекстот да се преземат мерки кон нашата институција, кои би предизвикале верижна реакција кај Албанците од целиот регион и кај сите муслимани. Еден таков конфликт би ги забошотил трагите на кражбите, корупцијата и организираниот криминал на одредени властодршци, и покрај интересирањето на странците за таквите злоупотреби на власта. Со таков потег, Македонија и Србија би покажале дека „ја штитат Европа од продорот на Исламот“ а, така се надевале структурите на злото, вратите на НАТО ќе се отвореле ширум. Ама, мало морген. Само еден е патот што Македонија ја води кон евроатлантските интеграции и тој ќе мора да се мине токму како што се налага во домашната ни задача. На тој пат, удбашките инсталации се само мравки.

На крајот, сакам да потенцирам дека ИВЗ во РМ, не само што не ги прифати како свој составен дел „радикалните“ структури што се повикуваат во името на исламот, туку професионално подготвивме проект кој би го сензибилизирал муслиманскиот верник против војните што се водат на Блискиот Исток. Тој проект, исто така, има за цел да понуди социјална поддршка и хуман однос кон семејствата, чии членови веќе се наоѓаат на боиштата или, пак, загинале во тие војни што ние не ги сметаме за наши, како и реинтегрирање на „борците“ откако ќе се соочат со законските процедури на државата.

Тој проект на ИВЗ во РМ беше поделен благовремено и поддржан од многу странски амбасадори во земјата и стана основа за многу документи и заклучоци произлезени од меѓународни конференции и самити. Но, за жал, тој проект наиде на негативен став токму од одредени српско-македонски структури, што никако не успева да изнајде начин да го предизвика финалниот конфликт со Албанците и муслиманите, воопшто. Нивните сценарија и патолошки желби, убеден сум, се искомпромитираа и со овој текст. А ќе бидат допрва искомпромитирани ако даде Алах да се соочиме со факти и со аргументи пред неконтролирани и недиригирани институции. А, Алах дава. Само треба искрено да му веруваш и да го замолиш. И да бидеш чист во срцето, се разбира. За жал, обидот на удбашките полициски структури за „компромитирање на стабилизирачкиот фактор“ има своја цена. Сите сме сведоци за валканата кампања што се води кон мене и кон Исламската заедница воопшто од некојси мизерни портали и блогови со адреса во антиалбанските и антиисламски штабови. Трагично е кога искомпромитираните се обидуваат да те искомпромитираат, но мојата битка е чесна и на крајот ќе бидат искомпромитирани и неутрализирани сите тие што шират омраза и се обидуваат да го рашират пламенот на нетрпеливост кон Албанците и кон сите други припадници на Исламот. Одиме до крај, сѐ додека србоносталгичарите од подземјето не се предадат.

Авторот е претседател на ИВЗ во РМ

Поврзани новости