Навивачката група Комити попладнево најави дека со навивачко кортео кое ќе стартува пред западната трибина од Градскиот статион достоинствено ќе го испратат нивниот член Никола Саздовски-Саздо кој денеска почина откако беше брутално претепан пред десетина дена.
-Погребот ќе се одржи утре, 10.07.2018 на гробиштата во с.Ракотинци со почеток од 13.00 часот. „Комити“, утре, за да го испратиме нашиот брат како што доликува, дојдете на собирот со автомобили, кој симболично е закажан пред нашата, западна трибина од 11.45 часот со поаѓање во 12.20. Да го развиориме уште еднаш омилениот бајрак на Саздо, „Боже чувај ја Македонија”, се вели во соопштението на Комити.
Тие упатија сочувство до фамилијата на Саздовски и му порачаа на младиот навивач дека повторно ќе се сретнат „таму горе“.
-Саздо беше нападнат и убиен од луѓе кои само се нарекуваат навивачи, а во основа се криминалци, дилери, убијци и најважно од се, заштитени се како никој друг во државава. МВР, ОЈО, НВО-та и некои квази новинари, прво се обидоа да го заташкаат случајот и да го пренесат кон друг правец, па од кога беа фатени во лага се обидоа да се правдаат и сето тоа, само зошто беше Комита и Македонец.
Прости ни Саздо, не успеавме да те заштитиме од нашите душмани. Даваме заклетва дека ќе ја истераме правдата на било кој начин. Ќе останеш засекогаш во нашите срца и во душата на Западот. Еден ден, повторно ќе се сретнеме таму горе и ќе запееме заедно. Сочуство до фамилијата и најблиските, стои во соопштението.