Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ја анализираше актуелната состојбата поврзана со појавата на суспектен случај на мајмунски сипаници во земјата, при што беше констатирано дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемилошка анализа, лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај, соопшти Министерството за здравство.
Комисијата препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање, изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите, како и секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден.
Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје треба да го провери примерокот за тестирање на сомнителен случај на мајмунски сипаници. Пациентот е од Кичево, во добра здравствена состојба и нема потреба од хоспитализација.