Фокус дознава: Комисија за заразни болести ќе добие или нов претседател или портпарол

by Fokus

Речиси две години, поточно откако настапи корона кризата во земјата редовно слушаме за Комисијата за заразни болести, односно тие се луѓето во кои сите се крстат и кои предлагаат на владата кога и колку да се затегнат и олабават мерките, односно тие ги даваа предлозите за полицискиот час, за затворање и отворање на угостителските објекти, за можноста за избори…

„Фокус“ веќе ги објави дел од членовите на Комисијата за заразни болести, меѓу кои се Жарко Караџоски, кој e  епидемиолог од Институтот за јавно здравје, но и прв човек на Комисијата. Потоа,  тука е Сузана Матевска, преставник од министерството за здравство, државниот секретар во министерството Владимир Милошев, како и поранешниот директор на детската болница Козле, Ангелчо Андоновски, директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ и доктор Ирина Бухова Сотирова, прв човек на ДСЗИ.

Исто така во комисијата е и Љубица Тасева  од кабинетот на Филипче, додека пак Зоран Стојановски е државен советник и главен за превентива во ресорното министерство. Во Комисијата е и Ванчо Новоселски како преставник на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и директорот на Институт за јавно здравје Шабан Мемети.

Меѓутоа, со доаѓањето на Беким Сали, кој од вчера и официјално седна на министерското столче можно е да дојде до промени на дел од членовите на Комисијата за заразни болести.

Како што дознава „Фокус“, новиот министер размислува дали да се смени претседателот на Комисијата, Караџовски со оглед на тоа што има слаба комуникација со новинараите или пак на ова тело да се назначи нов портпарол, кој ќе ја информира јавноста за сите случувања и одлуки.

„Се уште не сум донел никаква одлука. Треба да седнам и да разговарам и со моменталниот претседател на Комисијата, но и со другите членови за да ги слушнам нивните размислувања. Се уште сум во фаза на консултации. Можно е да има и нов формат, односно да има портпарол. Но, сепак не е донесена конечна одлука“, истакна во изјава за „Фокус“, Сали.

За време на целиот овој период, работата на Комисијата за заразни болести беше критикувана од најголемата опозициска партија.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости