Колумна на Стојан Андов: Далавери за непријателско преземање на фирмите и земјоделски субвенции со измама

by Фокус

Текстот е објавен на 01.06.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1182

Откако „експертите“ на партијата на власт ќе утврдат дека би било корисно да му се преземе бизнисот на некој успешен стопанственик, тогаш една категорија партиски активисти, веќе прогласени за експерти, ќе гледа тој стопанственик да го воведе што подлабоко во бизнис со државата. Потоа следува истоштувањето со долгови кон банките и на крајот непријателското преземање. Концесиите во земјоделството, пак, се користат за втората далавера, добивање пари од буџетот за субвенции иако земјоделското производство опаѓа

Пишувал: Стојан АНДОВ

Во овој текст ќе се обидам да опишам некои од главните далавери што пречат во Македонија да профункционира ефикасна пазарна економија. Се разбира, причините што попречуваат таков успех кај нас се многубројни и тешко можат сите да се опфатат. Но, на овој начин сакам само да поттикнам размислување за тоа како да се демистифицираат тие далавери и да се избегне нивниот многу штетен ефект. Овде ќе се задржам само на две групи далавери.

Првата група далавери би ја нарекол „непријателско преземање“. Тој потфат има различни форми, а овде ќе се осврнам само на две од нив, во кои активно учествуваат државните органи. На пример, откако „експертите“ на партијата на власт ќе утврдат дека би било корисно да му се преземе бизнисот на некој успешен стопанственик, тогаш една категорија партиски активисти, веќе прогласени за експерти, ќе гледа тој стопанственик да го воведе што подлабоко во бизнис со државата.

КАКО СЕ НАМАМУВААТ БИЗНИСМЕНИТЕ?

На пример, да му даде тендери за снабдување на државните институции или, пак, да го наведе на обид својот бизнис нагло да го зголеми со поддршка да добие изведување на некој важен државен проект. Откако, во нормални услови, ќе го добие тендерот, за почеток на својата активност нашиот стопанственик ќе мора да земе кредити од банките. Тој мора да обезбеди средства за подготвителните и почетни работи за зделката, а тоа се прави преку кредити од деловните банки.

Откако ќе го забрза изведувањето на проектот или изградбата на некои објекти, инвеститорот, што најчесто е некој државен орган, кусо време редовно ќе му ги исплаќа ситуациите (градежните етапи). Тоа обично е мамка за длабоко да загази, инаку добронамерниот стопанственик. А потоа разните инспекции ќе најдат различни причини што ќе бидат искористени државата да не му плаќа редовно на стопанственикот, на кој веќе му должи. Работата така може да оди до крајот на целата зделка.

Бизнисмени блиски до партијата на власт, веќе на половина пат на создавањето на проблемите, честопати ќе му понудат на нашиот бизнисмен што државата го заглавува, да му го продаде бизнисот на некого кој зајакнал од тоа што е близок до партијата на власт. Ако така завршат работите, нашиот добронамерен бизнисмен евентуално ќе загуби половина од бизнисот. Ако, пак, е тврдоглав и не разбрал како одат кај нас работите, тој ќе продолжи со работата, ќе си ги зголеми долговите кон банките, тие ќе престанат да му даваат кредити и евентуално наскоро ќе дојде до стечај.

Тогаш ќе му пропадне и имотот што порано го стекнал нашиот стопанственик. За бадијала, целиот проект ќе го откупи некој нов стопанственик кој всушност е претставник на власта. Откако ќе го преземе проектот, новиот стопанственик ќе ги обнови барањата да му се исплатат сите заостанати долгови од државата, а државните органи ќе најдат оправдување за тоа и ќе му ги исплатат. Наеднаш проектот што го откупил ќе стане многу рентабилен и новиот бизнисмен ќе заработи многу пари.

За да се изведе ваков потфат, потребно е учество на државните органи во него. Тие, фактички, со својата активност треба да го овозможат проектот. Многу од новите успешни бизнисмени блиски до власта, кои стекнале големи богатства, успеале во тоа само така што корумпираните државни органи, државната администрација, но и судството, послужиле како оној познат лонец ставен на огнот, а внатре жаби, кои не ја чувствуваат опасноста од постепеното зголемување на температурата и ќе ја почувствуваат дури откако врелата вода ќе ги онеспособи да скокнат од лонецот и да се спасат.

Во ваквите многу чести случаи, обично сѐ е законито, сѐ е покриено со неспорни наоди на инспекциите, одлуки и решенија на државните органи, па и судски одлуки. Ако власта пропадне и ако дојде нова власт, сите нови бизнисмени за кои работела поранешната власт, во прво време ќе се најдат во небрано, бидејќи новата власт, под притисок од јавноста, извесно време ќе внимава и ќе покажува дека е строга кон новопечените богаташи. Но, тоа во нашиот систем трае кусо време.

Кога ќе им пораснат апетитите за да дојдат до пари, новите властодршци ќе почнат да прават компромиси со збогатените од претходната власт. Тие, пак, сфаќајќи ја новата ситуација, ќе станат кооперативни. Се разбира, новата власт нема да биде задоволна со тоа, постепено таа самата ќе се обиде да го поттикне процесот на „непријателско“ преземање фирми од страна на нови фаворити од власта, и како што вели детската песна, „така сѐ се врти во круг“.

ЗЕМЈОДЕЛСКИ ДАЛАВЕРИ

Втората воочлива далавера е поедноставна, ама со неа, пак, е позгодно да се развијат политички манипулации со јавноста и таа да се претстави како крупен стопански проект на власта кој внесува многу новини во повеќе сектори и така да се заслепи јавноста. Таков е случајот со издавањето на државното земјоделско земјиште под концесија поврзано со системот на стимулации во земјоделството. Оваа далавера досега се изведуваше во две фази.

Во првата фаза се изготвуваше голем државен потфат за крупно земјоделско производство, по пат на таканаречени концесии. Имено, огромните земјоделски комплекси се парцелизираат на повеќе парцели од повеќе стотини хектари секоја. Така систематизираниот проект се дава на тендер со цел да се воспостави систем на закуп од страна на оние кои имаат намера и можат да го модернизираат земјоделското производство.

Но, таа намера е присутна само во пропагандата. Во практиката, пак, најголем дел од земјиштето под концесии се издава на заслужни личности од партијата. Откако така ќе се средат работите, ќе минат низ сложена административна и судска процедура и ќе станат правно неспорни. Издадените концесии стануваат основа за користење државни субвенции за земјоделството.

Тоа е првата фаза од далаверата, а потоа следува втората. Некои од концесионерите можеби ќе извршат земјоделски работи на земјиштето што го зеле под концесија, можеби дел од него ќе изораат, дел од изораното можеби и ќе посеат. Значи, ќе преземат мерки поради кои јавноста, која, пак, по природата на работите површно гледа и работите ги памти само 2-3 дена, ќе изгуби од вид што се случува во практиката и ќе се стекне впечаток дека барем тој концесионер правилно го користи земјиштето, но таквите се поединечни случаи.

Поголем дел од концесионерите воопшто немаат срам и со прст не мрднуваат, ниту го обработуваат делумно земјиштето што го зеле под концесија. Но, нивниот договор за концесија е основа тие да добијат субвенција од државата. Доволно е секој од нив само да пријави одреден вид производство или пак насади на површините кои ги зел под концесија, ќе добие право на субвенции, ќе си ги добие парите а земјиштето ќе остане необработено.

Системот на субвенции, кој сѐ уште владее повеќе од 10 години, погубно влијае врз домашното земјоделско производство. Концесионерите си ги добиваат концесиите според површините што ги зеле, а земјоделското производство опаѓа. И тоа, за чудо, опаѓа сѐ повеќе како што се зголемуваат субвенциите. Значи, што повеќе субвенции, помалку производство.

Кога ќе свртите кај Велес, од патот Скопје – Гевгелија, и ако се повозите кон Штип, во кое било доба од годината, од едната и другата страна ќе забележите целосна пустош. Полето кое некогаш беше внимателно обработувано, било да се сееше жито или да беа подигнати лозја, од двете страни на патот сега заличува на африканска пустина.

Така значи, како власт, откако ќе спроведеш партиска концесија, ќе воведеш земјоделски субвенции кои главно ќе ги користат партиските концесионери. А инаку, на прв поглед, модерно звучат зборовите „концесија“ и „субвенција“. Владата и натаму ќе се гордее со сѐ поголемите субвенции. Која и да е таа, сепак ќе се потпре на системот на концесиите, и ќе гледа да ја сврти водата на своја воденица, т.е. нејзините „широки“ партиски маси на законит начин да добијат државни пари, како за чудо, поттик за намалување на производството.

Во партиските изборни програми многу не се зборува за концесиите, што е разбирливо. Системот на концесии е основа во нашиот случај за добивање субвенции. А во системот на субвенциите, по некоја пара ќе им се фрли и на вистинските земјоделци, ама малку, а главната сума ќе оди кај концесионерите. И поради тоа што вистинскиот земјоделец ќе добие нешто, иако главнината ќе оди во џебовите на заслужните партиски кадри, кои ниту виделе ниту практикувале земјоделско производство, интерес на партијата е да ја убеди јавноста дека таа е „конкурентна“ на другата противничка партија, давала или пак ќе дава големи пари за субвенции во земјоделството.

НЕЗАСЛУЖЕНИ ПАРИ ЗА КОНЦЕСИОНЕРИТЕ

Значи, сегашниот систем на субвенции во земјоделството својата суштина и смисла ја има во тоа што парите ги наменува за концесионерите кои и немаат друг мотив освен да ги добијат тие незаслужени пари, а потребите за вистински развој на земјоделството од сегашниот систем на субвенции и концесии, нема шанса да бидат задоволени. Затоа кај нас опаѓа земјоделското производство, од слични причини пропаѓа и сточарското производство, а земјата доживува непрестано зголемување на учеството на увозната храна во исхраната на населението.

Иако земјоделските површини во Македонија не спаѓаат во врвот на плодните земјоделски површини во Европа, сепак постои можност кај нас да се развие рентабилно производство во многу поголеми количини отколку што сега е случајот. За тоа е потребно да се смени целиот систем што веќе е воспоставен,. Многу повеќе треба да се користи искуството на високоразвиените европски земји, за што е потребен сериозен втемелен научен приод без деформации од партиски упади.

Потребни се специјализирани заводи или некоја друга форма развојни центри во земјоделството што ќе му помогнат на земјоделецот од парчето земја со кое располага да добие повеќе приход. Општото опаѓање на земјоделството во нашата држава е една од главните причини луѓето што живеат од земјоделство се повеќе да се иселуваат од земјата. Сегашната бесмислена политика во земјоделството ги опустоши краиштата кои се сметаа за едни од поразвиените во државата, а кои се потпираа на зголемено и квалитетно земјоделско производство.

Од овој маѓепсан круг Македонија може да излезе само ако секоја од партиските власти кои се менуваат, еднакво би била посветена и на развој на земјоделството, на неговото усовршување со воведување нови култури и нови сорти и нови начини на одгледување и сето тоа со помош од државата, со избор на култури чии плодови ќе поднесуваат и транспорт до пазарите, а ќе овозможуваат и земјоделско производство за индустриска преработка.

За да се дојде до таква состојба, неопходно е, како во земјоделството, така и во другите стопански гранки и инвестициони области, да превладее долгорочниот интерес на граѓаните и на земјата, а за тоа претходен услов е да се оневозможат сега применуваните далавери.

Поврзани новости