Се’ поизвесно станува дека Зоран Заев како мандатар ќе успее докрај да го истера процесот кој му е доверен- формирање на нова Влада со силен домашен и меѓународен легитимитет.
Фактот дека Али Ахмети ретерираше и евроатлантските интеграции ги постави како врвен приоритет на новата Влада, како и изјавата на Зијадин Села дека новата Влада во секој случај ќе ја добие нивната поддршка и дека акцентот треба да се стави на реформите влеваат надеж дека наскоро Република Македонија ќе добие нова Влада која ќе треба да се зафати со решавање на проблемите на граѓаните.
Големата поддршка која новата власт ја добива од меѓународната заедница е гаранција дека Република Македонија ќе го има демократскиот свет на своја страна при соочувањето со многуте предизвици и решавањето на горливите прашања и наталожените проблеми.
Сепак, од каде да се почне? Пред какви предизвици ќе биде исправена новата Влада? За што треба да се залагаат граѓаните?
Досегашната опозиција-новата власт, како и граѓанскиот сектор во овој момент треба да направат транзиција во поимањето на слободата. До сега се залагавме за ,,слобода од’’- па се боревме за слобода од диктатурата на режимот, од редењето споменици, од неефикасните и некадарни институции, од неиздржаните одлуки… Сега навлегуваме во фаза на ,,слобода кон’’. Но, кон што треба да се стреми новата власт? Ние сега знаеме што не сакаме, но тешко ќе ни биде да утврдиме што точно сакаме. Знаеме од што бегаме, но не сме баш сигурни кон што треба да се движиме. Со други зборови кажано- новата власт не само што треба да не биде она што претходната беше, туку треба истовремено и да биде сето она што претходната не беше. Ама од каде да се започне?
Приоритет на новата власт треба да биде реформскиот процес кој би водел кон воспоставување на системот на добро владеење, односно воспоставување начин на остварување на власта воден од принципите на одговорност, транспарентност и владеење на правото. Конечно треба да добиеме власт која ќе умее да преземе одговорност за своите одлуки и постапки, а не постојано да ја одбегнува одговорноста обвинувајќи некој друг за проблемите (светската економска криза, опозицијата, странските служби итн.).
Граѓаните треба да бидат во можност да го следат донесувањето на одлуките на Владата и да имаат пристап до информациите од јавен интерес. Секој владин акт, секоја одлука и дејствие треба да биде во рамките на законот за да се оствари уставниот принцип на владеењето на правото. Судството треба да ја заземе улогата која Уставот му ја доделува и да стане вистинска трета власт во државата. Понатаму, владата треба да има слух за проблемите и потребите на граѓаните и да одговара на истите. Од малку корист е власта со парите од даночните обврзници да гради споменици додека истите тие даночни обврзници немаат канализација и патишта, ефикасно здравство и модерно образование. Притоа сите засегнати страни треба да имаат пристап до процесот на донесувањето на одлуките и удел во истиот.
Клучен сегмент овде е организирањето јавни дебати на кои граѓаните ќе можат директно да ги посочат своите потреби; а неоткинлив дека е и дијалогот меѓу власта и невладиниот сектор. Во целиот синџир на добро владеење неопходно е да дојде до департизација на институциите, односно да се оддели државата од партијата за да може институциите да станат функционални, ефикасни и ефективни. Медиумите имаат круцијална улога во следење на остварувањето на доброто владеење и во заштитата на јавниот интерес. Сево ова треба да биде поткрепено со конструктивна јавна дебата на власта, опозицијата, невладините организации, експертите и од сите засегнати граѓани.
Стремежот кон доброто владеење несомнено ќе води кон ослободување на економијата од стегите на политиката. Реалниот сектор треба да се растерети од преголемата регулација, претешките санкции и нелојалната конкуренција.
Ослободувањето од корупцијата ќе значи реинвестирање на добивката, проширување на бизнисите и отварање на нови работни места како и зголемување на платите и подобрување на работните услови за постоечките.
Инвестициите на државата во реалниот сектор, особено во инфраструктурни објекти и навременото подмирување на обврските ќе дадат дополнителен стимул за бизнисот. Со сево ова, државата ќе стане партнер на бизнисот, а не негов џелат. Од друга страна, не е лесно да се утврдат итните економски приоритети во ситуација кога едноставно немаме точни информации за состојбите во државата. Во овој момент не можеме со сигурност да утврдиме колку пари изнесува јавниот долг на Република Македонија и на општините. Не го знаеме ни точниот број на вработените во јавната и државната администрација. Не го знаеме ни точниот број на работни места во реалната економија. Кога власта ќе ги има предвид овие бројки ќе има можност да создаде економски политики во склад со истите. Но, ова се генерални насоки за тоа како треба да се постави државата кон приватниот бизнис.
Евроатлантските интеграции треба да бидат високо на приоритетната листа на новата влада. Токму гореспоменатите политички реформи и воспоставувањето на пазарната економија се основата на Копенхашките критериуми. И затоа следењето на препораките од Унијата се гарант за остварување на политичките и економските реформи. Членството во НАТО и во ЕУ од одамна се стратешки цели на надворешната политика на Република Македонија, но запирањето на реформите како и ретроградноста во надворешната политика резултираше во стагнација и назадување во интеграциите. Евроатлантската перспектива на земјите од Западниот Балкан е главниот мотор на промените во регионот и во политичка и во економска и во безбедносна смисла. Сонот за Европа ни дава мирно јаве. Затоа, новата власт треба целосно да се посвети на исполнување на препораките од Европската комисија и на добри билатерални односи со соседството. Имајќи ги во предвид состојбите во регионот, Македонија со посветени напори за брзо време може да се врати на лидерската позиција во евроинтегративниот процес меѓу земјите од Западниот Балкан.
Од листата на приоритети никако не смеат да се изостават ни социјалните реформи- односно реформите во здравството, образованието, подобрувањето на работничките права, заживувањето на културата… Потребни се реформи во овие сектори и реални проекти од кои граѓаните ќе имаат директен бенефит, но секогаш во духот на доброто владеење во редовна комуникација со граѓаните и будно следени од институциите и независните медиуми.
Од друга страна, граѓаните треба да бидат свесни дека новата влада ќе се соочи со големи предизвици за кои ќе бидат потребни многу напори и време за да бидат надминати. Насушно потребните реформи се тежок и болен процес, па затоа граѓаните треба да ја дадат својата поддршка и преку својот активизам да придонесат за забрзување и ефектуирање на процесите. Раководството на новата опозиција ставено пред судски процеси ќе ги употребува сите ресурси кои ги има за да ги минира реформите и да го кочи напредокот и граѓаните треба да бидат особено свесни за пропагандата која ДПМНЕ ќе ја шири за да го блокира остварувањето на правдата.
Патот пред нас не е лесен. Проблемите се таложеле со години и не можат да се решат преку ноќ, а очекувањата на граѓаните се високи. Затоа новата влада не смее да си дозволи грешка, а граѓаните треба да покажат разбирање за ситуацијата во која не’ доведе досегашната власт и активно да се вклучат во изнаоѓањето решенија.
Драган Алчинов