МНР: Изразивме незадоволство и загриженост од присуството на Живаљевиќ во Собранието

by fokus 14:00
14:00

Министерството за надворешни работи во врска со нотираното присуство на Горан Живаљевиќ, советник во Амбасадата на Република Србија во Република Макединија како дел од толпата на луѓе кои влегоа во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април 2017 информира за забелешките што и биле пренесени на амбасадорката на Република Србија во Република Македонија, Н.Е. Душанка Дивјак – Томиќ.

„На средбата беше изразено незадоволство и загриженост поради недозволеното присуство на акредитиран дипломат на Република Србија во Република Македонија во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април о.г., и беше побарано детално појаснување на причините и околностите за истото.

- Advertisements -

Притоа, беше укажано дека ваквата активност на посоченото лице не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба, како и унапредување на добрососедските односи и соработка, за што двете земји се залагаат. Воедно, беше изразено очекување дека во натамошна меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети и утврдени сите околности на случајот и следствено ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право“, се наведува во соопштението од МНР.

Оттаму додаваат дека амасадорката ги потврдила заложбите за натамошно развивање и унапредување на соработката и добросососедството меѓу двете соседни држави и искажала ставови и појаснувања на линија на неодамнешните изјави на премиерот и новоизбран претседател на Република Србија, Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ.

 

Поврзани новости