Разговараше: Маја Васева
Го пренатрупаа и затнаа градот, ти доаѓа да застанеш среде центарот и да се чудиш, вели легендата на македонското актерство, Шенка Колозова, во интервју за „Фокус“, овој пат како кандидат за советник на партијата Левица. Со познатата глумица разговаравме за преобразбите кои ги доживеа Скопје изминативе години и за потребата од стопирање на градежната манија. Нема да е прв пат Колозова да седне во Совет. Била советник и во првата постава на општинскиот совет на Ѓорче Петров каде се уште живее. Иако е во пензија се уште е активна на сцената, па допринесува во сценариото и во актерската екипа на новите серијали од Македонски народни приказни. За промената што му се случи на Скопје вели дека не сака да го вперува прстот во еден човек, но дека треба да се има одговорност за интервенциите кои го нарушија градскиот простор.
ФОКУС: Зошто се решивте да влезете во политичките води и да побарате советничко место во Град Собрание?
КОЛОЗОВА: Никогаш не сум била активна во политата, но никогаш не сум била ниту надвор од случувања. Како човек не ми било сеедно што се случува. Се решив на ова што го правам поради самата Левица. По природа сум човек кој сака социјална еднаквост, на која не и значи многу богатство, човек кој би сакал да нема гладни и сиромашни. Бидејќи секогаш тоа било од примарна важност за Левица, пресудно за мојата одлука беше тоа што е Левица во прашање. Иако од друга страна, сметам дека тоа е утопија и дека сега во овие околности би било многу тешко да однесе победа. Но јас како човек, поради себе и поради другите сакам да допринесам колку што можам нешто да се направи. Знам дека во овие мигови Левица нема големи можности, иако не значи дека нема да се придвижат работите.
ФОКУС: Како ја оценувате работата на досегашниот градоначалник Коце Трајановски, кој бара трет мандат?
КОЛОЗОВА: Јас не би сакала да зборувам ништо лошо за поединец, затоа што не знаеме кој колку е одговорен. Но да не заборавиме дека Коце Трајановски и било кој градоначалник може сам да одлучува, иако зависат од партиите. Се направија убави работи, но има премногу лошои кои ги покриваат убавите. Ние сме склони да го кажеме само неубавото. Но да не заборавиме дека тоа што го направил Трајановски е должност на секој градоначалник и не би требало некој да се фали со тоа што го сработил, затоа што тоа му е работа.
ФОКУС: Мислите ли дека граѓаните доволно партиципираат во носењето одлуки кои ги засегаат или дека е тоа како ексклузивно право на политичарите од двете партии кои цело време си ја подаваат власта?
КОЛОЗОВА: Не може некој да те натера да не можеш да пркнеш и да бидат само две партии. Овој народ има своја одговорност и треба да го изрази своето мислење. Знам дека имаа луѓе зависни од едната или другата партија и дека мораат така да гласаат. Но има и еден голем дел кој не зависи од ниедна партија. Мислам дека тоа е поголемиот дел и треба да си го изрази своето мислење на свој вистински начин. Левица тргна од позицијата дека не ни треба замена, туку промена. Но гласачот е тој што треба да ја направи таа промена. Ако има доволно свест и совест и слобода кај луѓето, тогаш би требало да се изразат слободно. Не очекувам чуда, но очекувам чекор напред. Тоа ќе биде доволно како показател дека нешто се менува во оваа наша земја.
ФОКУС: Скопје за десетина години драстично се смени. Како ги доживувате овие промени?
КОЛОЗОВА: Многу ми е жал што морам да го кажам ова, но вакво Скопје не го сакам. Ние сме нова земја, нов град и ако таму каде што го создале барокот и класицимзот денеска градат само модерни згради, не знам зошто ние да се враќаме назад и зошто сакаме да докажеме дека сме Виена и Будимпешта. Ние не сме тоа и никогаш не сме ни биле. Не знам зошто си дозволуваме да се залажуваме дека сме Виена. Зошто Скопје не си остана тоа што беше? Требаше само да ги обноват зградите. Наместо тоа го пренатрупаа. Повеќе не се дише во Скопје. Мене ми е страшно, ми се чини ако се прошетам низ градот ќе се загубам. Старите рекле „И многу арно не е на арно“, е ова излезе така, дека многу арно не е на арно затоа што се пренатрупа. Немаш желба да застанеш да гледаш околу себе. Просто ти доаѓа да се чудиш каде се наоѓаш. Беше модерен град и одеднаш некој те враќа некаде каде што не си бил никогаш. Ние не сме биле царство, не сме биле Будимпешта, или Виена, или Париз. Дали себе да се градиме дали да се прехраниме. „Скопје 2014“ е мегаломанско, невидено и непотребно.
ФОКУС: Една од најскандолозните одлуки на Советот на Град Скопје е да овозможат изградба на панорамско тркало во Вардар. Што мислите за оваа одлука на советниците?
КОЛОЗОВА: Советот мораше да му даде поддршка на градоначалникот, а Коце Трајановски морал да даде поддршка на друго место. Ако нешто е непотребно, тоа е панорамското тркало. Која панорама ќе ја гледаме во таа рамница? Се е повисоко од панорамското тркало. Тој што сакал да гледа панорама, требало да се качи на Водно. Значи непотребно фрлени пари во таа сиромаштија што ја имаме наоколу. Па десетина бездомни семејства ќе добиеја куќи со тие пари. Што ќе ми се тие бродови? На кое море ќе пловат? За Солун ќе одат? Па уште пирати ни требаат.
ФОКУС: Изминативе години се поставија многу споменици, а централно место заземаат античките херои. Мислите ли дека правите историски личности ги добија почесните места, како што е големиот споменик на Александар Македонски?
КОЛОЗОВА: Има ли нешто што не се вика „Александар Македонски“, се прекрстија и направија во негова чест. Ако немаме херои нема да ставаш споменик, или стави еден споменик за сите херои. Ама Алаександар Македонски, што мајка бара овде? Гајле му било него за Скопје и Вардар.
ФОКУС: Многу згради, подигнати во време на претходното политичко уредување, беа преслечени во барок. Продолжува рефасадирањето и тоа под палка на Град Скопје, не само на институции туку и на станбени објекти. Што мислите за ова ново руво кое го доби градската архитектура?
КОЛОЗОВА: Го сакав Скопје такво какво што беше, со модерниот изглед. Ако лицето на зградата беше оштетено, тогаш требаше само да го обноват, а не да го прават барок, нешто што не сме. Ние сме биле диво племе кога тие народи граделе во Париз, Будимпешта, Лондон и во Виена. Не сме имале ни царштина ни царови. Од некни почнавме да растеме како држава и сега се враќаме во нечија историја, во туѓа историја. Нашата не била таква, не можам и не сакам да ги гледам тие огромни столбови. Кого лажеме дека сме аристократија? Треба да се сакаме такви какви што сме, да не се залажуваме дека сме кнезови.
ФОКУС: Како советник за што ќе се залагате во прв план, каде мислите дека е потребно итно и неодложно дејствување во градот?
КОЛОЗОВА: Сметам дека треба да се смени тоа што е направено, да престане да се доградува. Го затнаа градот и го затворија. Повеќе не дише слободно. Би се залагала да се престане со давање на дозволи за високи градби во Центар. Дебар маало кое беше маало на куќи, дворови и комшилук, сега е маало каде се градат петкатници. Прво да се претстане со градењето и да се инвестира во повеќе зеленило.