Упативме прашање до Државната комисија за спречување на корупцијата дали Трендафилов е доставил анкетен лист за неговата имотна состојба и дали воопшто е должен такво нешто да направи. „Претседател на ССМ нема обврска да поднесе анкетен лист. Синдикатите се здружение на граѓани кои не користат државни средства, туку се самофинансираат“, одговорија кусо од ДКСК.
За одговор на прашањата што не интересираат се обративме директно до првиот човек на ССМ. „Последната исплатена плата заедно со сите додатоци што следуваат изнесува 57.845 денари и таа не е тајна за членовите на ССМ пред кои одговарам, а и лесно е проверлива“, вели Трендафилов, одговарајќи на тој начин и на обвинувањата од владејчаката ВМРО-ДПМНЕ дека зема околу илјада евра плата или, како што пресметаа, 2,5 минимални плати. „Фокус“ имаше увид во платната листа на Трендафилов како потврда за исплатениот износ. „Што се однесува до привилегиите – ССМ има две службени возила, а според систематизацијата и двајца вработени возачи. Ако, се навратиме наназад – речиси на сите мои претходници возачите им беа на располагање 24/7. Јас, за разлика од нив, најчесто сам возам на сите дестинации што се неопходни да се поминат за службени потреби. Дополнително, не сум член на ниту еден управен одбор на државна институција, што би значело и дополнителна привилегија во финансиска смисла, нешто што го практикуваа најголемиот дел од моите претходници“, потенцира Трендафилов.
Патем, со одлука на Владата пред околу две недели, поточно, на 3 февруари, нов член на УО на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – ПИОМ, стана конкурентот на Трендафилов – првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати – КСС, Благоја Ралповски.
Што се однесува до имотната состојба, Трендафилов е дециден – „недвижен имот што се води на мое има – нема. Поседувам возило „фиат типо“ од 2016 година купен со потрошувачки кредит, како и друго возило “фиат албеа“ произведено во 2005, кое го купив во 2013 година. И, на рака носам смарт часовник од марката „самсунг“ вреден околу 300 евра“.
КОЕФИЦИЕНТ ОД 2,69 И ГОЛЕМИ ПАТНИ ТРОШОЦИ ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ
Наспроти него, народните избраници заработуваат видливо повеќе од првиот синдикалец и многу повеќе од актуелната минимална плата од нецели 400 евра – 24,397 денари во нето износ. Според последната одлука за определување на коефициентите за утврдување на плата, донесена од Комисијата за избори и именувања на Собранието на 22 јануари минатата 2025 година, на пратениците им се пресметува коефициент од 2,69. Кој се пресметува на просечната бруто плата. Ако се земе како основица брутото плата од за ноември минатата година која, како што објави Државниот завод за статистика, изнесува 69.141 денар и ако се употеби едноставна математичка пресметка на множење се добива износот од 185.989 денари во бруто износ. Кога од ова ќе се одбијат придонесите за здравствено и пензиско осигурување, како и персоналниот данок, се добива износ од 121.614 денари.
Тоа е основната нето плата на што секој месец „легнува“ на трансакциската сметка на Дафина Стојановска и нејзините колеги и колешки во законодавниот дом, без никакви додатоци. За координаторите на пратенички групи и за претседатели на работни тела, износот е поголем, затоа што коефициентот за нив е 2,85. До крајот на месецов се чека нова одлука од Комисијата за избори и именувања која треба да го утврди новиот коефициент за избраните и именуваните лица, меѓу нив и пратениците, врз база на годишната просечна бруто плата за 2025 година. Ако се следи трендот на раст на платата за очекување е дека тие годинава за пратениците ќе бидат уште поголеми.
Што се однесува до патните трошоци, тука од јавно објавените податоци видливо е дека се наплатени сериозни износи како компензација за патувањето. Ако се земе примерот на посочената Стојановска, која е пратеник веќе десетина години, ќе се види дека за минатата година наплатила 225.111 денари на име патни трошоци. Ако, се направи увид во пресекот што собраниските служби го направиле од почетокот на овој пратенички мандат (28.05.2024 година) до средината на минатата година , поточно, јуни 2025 година на Стојановска и е компензирано 329.593 денари.
Нејзината партиска колешка од Охрид Лидија Петкоска на пример за минатата година „материјализирала“ 212.161 денар, а во пресекот од 24/25 стои дека наплатила вкупно 265.416 денари. За Петкоска е познат и податокот дека припаѓа на групата пратеници на кои им е одобрен надоместок за закупнина на стан, почнувјќи од 28.05.2024 (кога почна мандатот), до престанокот на мандатот и изнесува 400 евра месечно.
Нивната политичка соперничка од СДСМ Јована Тренчевска што доаѓа од Струмица, пак, за 2025 година наплатила вкупно 109.589 денари, додека пак за пресекот од 2024/25 година и „легнале“ нешто помалку – 88.377 денари.
А, пак, Бране Петрушевски од Куманово за претходната година наплатил 136.177 денари, додека за пресекот од почетокот на мандатот заклучно со првите шест месеци лани вкупно – 194.276 денари.
Инаку, ако се погледне вкупно пратеничката листа на трошоци – апсолутно рекордери во меѓу народните избраници се Кире Божиновски од Ресен на кого минатата година му се признаени 637.233 денари, Петар Ристески од Прилеп со 602.187, Јован Митрески од Струга со 464.150 денари, понатаму Јулија Тушевска со 446.854, Зоранчо Јованчев – 426.640, Беким Ќоку 418.281, Драгана Арсова со 382.285, Петар Марков 381.829, Никола Коњановски 373.415 и Миле Талевски со 372.254 денари добиена како надоместок за направени патни трошоци.
Зоран ФИДАНОСКИ