Народна банка вo текот на минатата година наплатила поголеми провизии од домашните деловни банки, покажува финансискиот извештај на централната банка за 2025, иако од август лани им ги намали надоместоците за плаќањата преку Македонскиот интер-банкарски платен систем (МИПС), објави Фактор.
Народна банка и гувернерот Трајко Славески рекоа дека намалените платежни провизии за банките индиректно ќе влијаат на трошоците на граѓаните и компаниите, но извештајот покажува дека вкупните наплатени провизии што ги наплаќа од овие финансиски институции се зголемиле од 9,28 на 9,61 милиони евра.
„Провизиите од домашните банки за долговен промет на сметка“, што всушност се надоместоците за користењето на МИПС како услуга се навистина значително намалени од 5,64 на 4,05 милиони евра на годишно ниво, но сите други надоместоци извлечени од комерцијалните банки се зголемени. Особено во очи паѓа новововедениот надоместок „за вршење супервизија над банки и штедилници“ кој за прв пат е спроведен со посебна одлука во 2025 и за истиот биле наплатени околу 1,6 милиони евра.
„Со измените во тарифата за надоместоците на учесниците во МИПС , од 1 август 2025 година, заради намалување на провизиите во домашниот платен промет преку поедноставување и усогласување на моделот на тарифирање со практиките на ЕЦБ и другите централни банки, приходите од провизии од домашните банки за долговен промет на сметка за 2025 година се пониски од 2024 година, со оглед на тоа дека овој вид надоместок беше целосно укинат“, објаснето е во финансискиот извештај на НБРСМ.
Но затоа за прв пат во текот на 2025 им биле наметнати трошоци за „супервизија“ на банките кои влегуваат во нето-приходите од провизии кај Народна банка.