Србиновски: Македонија има јасна НАТО насока

Спроти годишнината од зачленувањето на НАТО (на 27 март 2020 година) “Фокус“ разговараше со новинарот и безбедносен аналитичар Александар Србиновски, каква е насоката на Македонија за засилување на воените капацитети и изградба на на функционална армија согласно НАТО - стандардите, но и потребите што ги носи новото време

by jadranka 10:48
10:48

На прашањето, упатено до Александар Србиновски, новинар и безбедносен аналитичар, како Македонија реагира и кои чекори треба да ги преземе, тој вели:
Регионот навистина влегува во фаза на засилени одбранбени инвестиции, но Македонија не реагира импулсивно, туку со јасна насока. Наместо да влеземе во трка со соседите, се фокусираме на тоа да изградиме функционална и употреблива армија.
Според домашни буџетски податоци и јавни информации добиени од медиумите, вклучително и изјави на надлежни државни институции и претставници, буџетот за одбрана за 2025 е околу 329 милиони евра, при што над 30 отсто се наменети за модернизација. Тоа покажува дека не се работи само за одржување, туку за вистинска трансформација на системот.
Тоа веќе се гледа и на терен со нова опрема, артилерија, возила, инвестиции во противвоздушна одбрана, хеликоптери и инфраструктура. Значи, се гради армија што е помобилна, поотпорна и подобро подготвена за современи предизвици.
Следниот чекор е јасен: да не застанеме само на набавки, туку да вложиме уште повеќе во луѓето, обуката, логистиката и отпорноста на системот. Клучната поента е дека Македонија не смее да биде пасивен примател на безбедност, мора да биде активен и подготвен дел од системот особено во перидод кога беснеат конфликтите во Украина и оние на Блискиот Исток. 


За тоа, пак, дали Македонија континуирано ги следи НАТО стандардите и дали сме усогласени со Алијансата, нашиот соговорник вели:

Без разлика која политичка гарнитура го водела одбранбениот сектор во изминатите години, Македонија во континуитет работи на усогласување со НАТО стандардите и може да се каже дека има видлив напредок. Тоа се гледа и преку буџетските показатели и преку насоката на инвестициите. Македонија го достигнува и одржува прагот од околу 2 отсто од БДП за одбрана, а значителен дел од средствата се насочуваат кон модернизација.

Воедно, усогласувањето со НАТО не се сведува само на финансиски индикатори. Станува збор за постепена трансформација на системот од опрема и логистика, до обука и интероперабилност. Во тој контекст, чекорите што се преземаат одат во насока на јакнење на мобилноста, противвоздушната заштита и вкупната подготвеност. Секако, ова е процес кој бара време и континуитет. Но, генерално може да се оцени дека Македонија се движи во согласност со стандардите и очекувањата на Алијансата, со постепено градење на пофункционален и одржлив одбранбен систем. Ако се обидеме да анализираме колку Македонија процентуално од својот буџет и БДП одвојува за одбраната, ќе видиме дека државата се наоѓа над дел од поголемите и економски посилни членки на НАТО, како Италија, Шпанија, Белгија, Канада, Португалија и Луксембург, но и над некои земји од регионот, како Хрватска и Словенија, вели Србиновски.

З.Ф. 

Повеќе на оваа тема читајте во новиоит број од неделникот „Фокус“ од 26.03.2026 година

Слични вести