Сведоштво на жртва на психичко насилство: „Трпев насилство 17 години, два месеца носев мртво бебе затоа што не ми даваа да абортирам“

by irena 10:15
10:15

Податоците од институциите покажуваат дека проблемот со насилството врз жените во Македонија е далеку од решен. Само во текот на последните две недели, Министерството за внатрешни работи поднесе 21 кривична пријава за сторени вкупно 25 кривични дела во врска со семејно насилство, од кои шест кривични пријави се поднесени по брза постапка. Мила, жртва на семејно насилство и мајка на две малолетни деца, реши за „Фокус“ да ги раскаже траумите од 17-годишниот брак, на кој се обидува речиси цела година да му стави крај.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

„Како да славиме кога се бориме за опстанок и секојдневно умираат жени“, истакнаа учесничките на протестниот марш во Скопје, во чест на Меѓународниот ден на жената, 8 Март.

Под мотото „Нема да нѐ снема“, голем број граѓани маршираа низ скопските улици во чест на сите храбри жени што си го посветиле животот на оваа борба, за сите жени, кои изминатава година не дочекаа правда, сите оние што требаше да бидат спасени и за сите што не можат или не им е дозволено да излезат на марш.

Додека се одржуваше маршот, пристигна и полицискиот билтен на МВР за настаните што се случиле во претходните 24 часа. За 8 Март, Меѓународниот ден на жената пристигнале дури осум пријави за семејно насилство, неколку во Скопје и по еден случај во Росоман, Кичево и во Виница.

Насилниците не застанаа ниту по грозоморниот случај од почетокот на март, во кој мајка, со своето шестогодишно дете, се фрли од зграда затоа што трпела физичко насилство од сопругот со години. А била и двапати истепана од него утрото пред да реши да си го одземе својот и животот на невиното дете.

Насилниците не застанаа ниту по случајот со Росица од септември 2025 година, кога во Велес, насилникот Илија Стефановски ги избоде до смрт 31-годишната бивша партнерка Росица и нејзиниот 68-годишен татко, а потоа си го одзеде и својот живот. Пет дена претходно, Илија бил прогласен за виновен, за загрозување на сигурноста и за насилство врз поранешната девојка Росица Коцева и добил условна казна.

Случаите на семејно насилство со фатални последици отворија широка расправа во општеството и јавноста побара одговор на милион прашања: Способен ли е системот да ги заштити жртвите на насилство и да не дојде до фатални последици? Доволни ли се казните? Има ли корупција во центрите за социјални работи? Имаат ли центрите за социјални работи доволно средства и стручен кадар? Дали МВР може да ги заштити жртвите? Дали државата располага со доволно засолништа и советувалишта? И дали жртвите што се спасиле од пеколот, имаат институционална поддршка да продолжат да живеат и да егзистираат во земјава?

Пред еден месец беа изгласани измените на Кривичниот законик, со кои стореното кривично дело „телесна повреда“ (видливи модринки) нема да може да биде амнестирано под притисок на насилникот, односно гонењето ќе биде целосно препуштено на надлежните органи и ќе се гони по службена должност, а сторителот ќе биде со сигурност казнет. Досега законот предвидуваше гонење само по предлог на жртвата што оставаше простор, поради страв жртвите да ја повлечат пријавата, а насилникот да остане на слобода, претставувајќи закана за жртвата.

Токму тука е првиот проблем, велат активистите. Насилникот со ова се пропушта низ првиот филтер, полицијата што не го проценува ризикот од насилство, задоволувајќи се со законскиот минимум, а тоа е службена белешка или поплака, која фаќа прашина во досието во фиока, објаснуваат тие. Според нив, така си ја олеснуваат работата и ги заобиколуваат последните законски измени со кои по брза постапка треба да се процесираат вакви предмети и да стигнат до судница. Но, полицијата тврди дека тоа се менува.

Мора да напоменам дека ваквите измени на законот, во последната недела дена резултираа со три постапки по брза постапка спроведени од страна на СВР Скопје. Два притвори имаме изречено, во еден случај имаме изречено мерки за обезбедување присуство, каде што имаме детектирано ваков тип на потенцијално сторено кривично дело. Но, очигледно дека не само измената на законот, треба да го смениме кодот на однесување, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

 СВЕДОШТВО: 17 ГОДИНИ ТРПЕВ НАСИЛСТВО

Податоците од институциите покажуваат дека проблемот со насилството врз жените во Македонија е далеку од решен. Само во текот на последните две недели, Министерството за внатрешни работи поднесе 21 кривична пријава за сторени вкупно 25 кривични дела во врска со семејно насилство, од кои шест кривични пријави се поднесени по брза постапка.

Мила, жртва на семејно насилство и мајка на две малолетни деца, реши за „Фокус“ да ги раскаже траумите од 17-годишниот брак, на кој се обидува речиси цела година да му стави крај.

И самата како дете била жртва на семејно насилство. Татко ѝ пиел  премногу и ја малтретирал Мила, брат ѝ, и мајка ѝ. Мила вели дека тогашниот сопруг се оженил оти го терале неговите, а таа се омажила оти бегала од проблеми што ги имала дома и барала мир. Мислејќи дека ќе најде мир на своите 21 година, таа наишла на уште поголем пекол.

Јас, четири години не смеев да се слушнам со мајка ми, ниту ми беше дозволено да ја видам. Јас сум живеела во такво семејство и не сакав моите деца да го проживеат тоа. Затоа и се решив да пријавам и да ставам крај на малтретирањето, вели нашата соговорничка.

Мила, со години, трпела психичко и економско насилство, не само од сопругот, туку и од неговите родители. А, овие два вида насилство се и најтешки да се препознаат.

На почетокот од бракот бев присилена да работам на нива, не смеев да работам друго, не смеев да се дружам со никого. Но, си реков дека така требало да биде, сепак тогаш имав само 21 година. Ми беше многу тешко затоа што ништо не се смени. Загубив едно дете. Имав ризична бременост и требаше да лежам и да внимавам на себе, но мајката на сопругот ми рече дека тоа не е ништо и ме натера да одам на нива со зборовите „јас сум одела по нивите и ти ќе одиш“. Станав да работам и го загубив бебето. Два месеца го носев мртво затоа што не ми дозволуваа абортус и едвај останав жива. Првиот збор на свекорот по случајот беше „што ти рекоа, сега можеш ли да раѓаш?“. Минував низ пекол, не ми даваа пари ниту за лекар, се присети Мила.

По две години, родила син. Наместо да мирува 40 дена, Мила била присилена да стои на мешалка за бетон.

Големиот син е 12 години, помина низ трауми и ќотек, не знам друго дете дали тоа го поминало. Кога требаше детето да спие и јас да спијам, ми наоѓаа некоја работа за да ме држат будна и преморена. По две години од неговото раѓање, останав бремена со малиот. Не сакав да го родам поради малтретирањето, но сопругот и неговите родители не ми дозволија да абортирам. Повторно имав патолошка бременост и едвај останавме живи со бебето на породување затоа што ми застана срцето, раскажува Мила.

Кога бебето направило 40 дена, начекала момент да биде сама и си заминала „гола и боса“ заедно со двете деца кај нејзината мајка.

Таа пријавила во полиција од каде што ѝ кажале да не отвара врата никому додека не пристигнат службеници, но сопругот и родителите биле побрзи. Дошле, ѝ ги одзеле децата и избегале.

Пријавив во полиција. Некако по 24 часа успеавме да го земеме бебето, а службите од ЦСР, поголемиот син ми го вратија таму затоа што наводно татко му сакал да си го одзеде животот без него. Но, тој плачеше премногу и јас по една недела морав поради него да се вратам, вели Мила.

СТАНАЛА ЖРТВА И НА ЕКОНОМСКО НАСИЛСТВО

Сепак, проблемите продолжиле, а, освен психичкото насилство, станала жртва и на економско насилство.

Кога децата наполнија 4 и 2 години, конечно добив дозвола од нив да работам. Но, кредитно ме задолжија. Подигнав кредити за да се купат трактор, автомобил и за тоа на момент помислив дека има надеж и дека ќе може да се средиме како семејство. Но, неговите родители, всушност, доминираа во нашиот брак, а сопругот беше под силно влијание на мајка му. Сопругот замина на работа во Германија, а јас работев на смени. Речиси сите средства што ги испраќаше завршуваа кај неговите родители, а ние ги добивавме трошките. Тогаш одлучив дека нашите деца не треба да бидат жртви затоа што неговите родители не мислеле за својата иднина и на 30 мај 2025 година се вратив со децата дома кај мајка ми, раскажува соговорничката.

Мила не се чувствува безбедно, иако живее со мајка ѝ, и брат ѝ. На почетокот очекувала во секој момент да биде физички нападната од сопругот и неговото семејство, кое, според неа, имало историја на семејно насилство.

Морав да ги заштитам децата од трауми. Таткото на бившиот сопруг е алкохоличар, а брат му двапати лежел во затвор за семејно насилство. Кога отидов со полиција да ги земам своите работи, тие почнаа пред службениците да ме навредуваат и се обидоа да ме влечат и удрат пред нив. Мораше да дојде интервентна полиција да реагира. Преку адвокат поднесов кривична пријава и бев во обвинителството на сослушување, но полицајците што беа со мене ја смениле изјавата и лажеле, не знам од која причина. Беа млади службеници и се сомневам дека им е вршен притисок да го сменат исказот. Обвинителството ја отфрли пријавата по што мојот адвокат поднесе жалба до Апелација, но оттаму сè уште нема одговор, тврди Мила.

ЦЕНТРИТЕ ЗА СОЦИЈАЛНИ РАБОТИ ДОЦНАТ

Поради траумите, таа завршила во болница на неврологија. Благодарение на третманот на лекарите и нивните совети успеала да застане на нозе.

Но, Мила е незадоволна од односот и третманот на центрите за социјални работи. Центарот за социјални работи од Велес донел решение таткото да ги гледа децата секоја сабота во својот дом, иако таа барала да ги гледа во просториите на Центарот.

Таму кога ги носи, им се полни главата дека „мајка ви е курва и дека нема пари да ве гледа, вратете се тука, ќе ви купиме мотори“. Децата трпат психичко насилство и најстрашно е што никој нема слух за нив, тврди таа.

ЦСР дал мислење дека треба да ја чека судската пресуда за развод за да добива алиментација за децата, а Мила се произнела со мислење дека треба и таткото да ја чека судската пресуда за да може да ги гледа децата.

Благодарение на Хелсиншкиот комитет, по 3 месеци успеала да земе решение дека е старател на децата за да може да ги запише на училиште во Велес.

Службите, три месеци, односно 90 дена, го чекаа законскиот рок до 26 септември за јас фактички да ги изгубам децата. Се произнесоа децата да ги носам секој ден со автомобил таму каде што живеевме претходно и да ги враќам. А, јас тие средства ги немам. Одам на работа, но цела плата ми ја зема банката и живеам на грбот на мајка ми, вели велешанката.

Дел од имотот е на нејзино име и тоа, според неа, е најголемиот проблем за насилното семејство од каде што избегала.

Тие сакаат да ги вратат децата таму, да не плаќаат алиментација и да го добијат имотот за кој јас плаќам кредити, вели Мила.

Поради ова и притисоците од семејството не престанале и продолжиле со лажни пријави на социјалните мрежи. Таткото на сопругот објавил пост на Фејсбук дека наводно таа си ги киднапирала децата и ги објавил со име и презиме. Поради тоа, семејството добило мерки за забрана за приближување до неа.

Во моментов, во Судот во Кавадарци се води постапка за развод, но досега се одложени пет рочишта. Последното било одложено поради тоа што Центарот за социјални работи од Кавадарци не доставил извештај до Судот.

Ве известуваме дека во однос на конкретната постапката за развод на брак, која се води пред Основниот суд Кавадарци, Извештај за водењето мировна постапка  и доверувањето на малолетни деца дава меснонадлежен Центар за социјална работа во Кавадарци. 

ЈУ МЦСР Велес до ЈУ МЦСР Кавадарци доставува наод и мислење на стручен тим за мајката, која е со живеалиште во Општина Велес и со децата живее во Велес. 

Во однос на вашето прашање дека Судот наводно го одложил рочиштето за развод по веќе почната постапка пред Основен Суд Кавадарци, на едно од рочиштата, поради неможност за присуство од здравствени причини, на покана од Судот Кавадарци, од страна на стручно лице уредно е доставено известување. На наредното закажано рочиште  имаше обезбедено и учествуваше преставник од ЈУ МЦСР Велес, одговорија од Центарот за социјални работи во Велес.

ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ПРОПУСТИ

Начинот на однесување на институциите, како што се полицијата и Центарот за социјална работа, е почетниот проблем што го детектираат жртвите, нивните адвокати и експертската јавност, која сочинуваат психолозите.

Првиот институционален контакт што го прави жртвата на семејно насилство речиси во сите случаи е пријавата во полициска станица. По пријавата на насилството, полициските службеници веднаш треба да преземат соодветни мерки за заштита на жртвата и асистираат за нејзино носење до медицинска установа, а доколку има потреба, таа се предава на центрите за безбедно згрижување лица – жртви од семејно насилство, кои се дел од општинските центри за социјални работи.

Жртвите на семејно насилство, кои бараат и даваат согласност за мерки, се сместуваат во сигурна куќа, чија локација ја знаат само неколку вработени од ЦСР.

Инаку службите од Центарот ги известуваат сторителите дека против нив ќе има или е покрената постапка за семејно насилство, а ако има мерки од Судот, сторителите се испраќаат во советувалиште во Скопје, кое работи по специјална програма.

МВР е надлежно да предлага до Судот итни мерки, кои важат до 30 дена, а центрите за социјални работи може да предлагаат до Судот привремени мерки, кои важат до една година.

Службите за социјални работи постапуваат според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, односно според два правилници, едниот за начинот на спроведување проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата, како и според Правилникот за начинот на спроведувањето и начинот на следење на изречените привремени мерки за заштита. Во еден од правилниците за проценка на ризикот, жртвата се прашува:

Дали жртвата има сознание дека сторителот има намера да набави оружје?“, што, според психолозите, е непотребно трауматизирање на испитаниците.

Дека системот за заштита на жените-жртви на семејно насилство е сè уште недоволно развиен, а бројките за жртви и сторители на кривични прекршочни дела во врска со семејно насилство покажуваат загрижувачки континуитет, заклучи и Државниот завод за ревизија во најновиот извештај објавен во август 2025 година.

Ревизијата на тема „Имплементацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција)“, покажала дека мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.

Согласно бројот на жители, во државата треба да има 184 легла во засолништа, воспоставени се само 67 (37%), од кои 48 се од Центрите за социјални работи (ЦСР), а 19 од невладиниот сектор (НВО). Во однос на советувалишта, потребни се 19, а воспоставени се 11 (59%), од кои 7 од ЦСР, а 4 од НВО.

Територијалната распределба е нерамномерна. Во југоисточниот и во североисточниот регион нема ниту едно легло во засолништата на ЦСР, додека НВО обезбедуваат засолништа само во скопскиот и во југоисточниот регион. Исто така, во југоисточниот регион нема воспоставено советувалиште, иако е предвидено едно. Со увид во дел од воспоставените засолништа и советувалишта, утврдено е дека голем дел од нив во претходниот период се користеле, но сега не се во функција.

ДЗР забележа и дека не е направена потребната реорганизација во центрите за социјална работа, има недостиг од кадар, нема систем за лиценцирање на СОС линии за помош, постојат нелиценцирани здруженија, граѓанскиот сектор недоволно е вклучен, ја нема потребната криминализација на психичкото насилство.

ЕКОНОМСКО НАСИЛСТВО ОД ДРЖАВАТА

Државата не инвестира доволно за да им помогне на жртвите. Тие може да добијат еднократна парична помош до 15.000 денари и до 12.000 денари за трошоци за медицинска интервенција доколку имало потреба. Тоа воопшто не е доволно, особено ако жртвата нема свој имот и/или е невработена.

Според Мила, жртвите на семејно насилство немаат никакво олеснување, ниту финансиска помош, ниту, пак, можност да почнат нов живот во некој од социјалните станови што ги гради државата.

-Сакав да ги пратам децата на зимски одмор, програма со еднократна помош, но не ми следувало тоа право затоа што сум била вработена, истакна Мила и им порача на жртвите да бидат храбри и да го кренат гласот затоа што животот вреди повеќе од сè.

Исто така, на жртвите им е потребна поконтинуирана или подолга финансиска помош, но и обуки за професионално доусовршување за жртвите, со цел да бидат поконкурентни на пазарот на трудот за да може да се осамостојат и да почнат сами да живеат.

Домувањето и економската зависност се најголемите проблеми за жртвите. Според извештајот на Државниот завод за ревизија, државата мора да работи на подолгорочно домување затоа што жртвите на семејно насилство се потенцијални бездомнички.

Владата има целосна надлежност и можност да им обезбеди подолгорочно домување на жените жртви на насилство, кои, за жал, не се дефинирани како посебна група, но се опфатени во групата на лицата во социјален ризик и други ранливи групи што не се станбено обезбедени.

Текстот е објавен на 12 март 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.588

Слични вести