Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, упати ново предупредување до Украина и западните земји, тврдејќи дека Москва во одредени околности не само што има право, туку и обврска да употреби нуклеарно оружје.
Во напис за „Московското списание за меѓународно право“, Медведев оцени дека Украина и нејзините западни сојузници веќе создале ситуации во кои Русија би можела да ја разгледа можноста за нуклеарен напад.
Како особено опасно сценарио го посочи евентуалното испорачување нуклеарно оружје на Киев од западните земји, предупредувајќи дека тоа би можело да предизвика превентивен нуклеарен удар.
Медведев нагласи дека конечната одлука за употреба на такво оружје е во рацете на рускиот претседател Владимир Путин.
Своите тврдења ги темели на руската нуклеарна доктрина, изменета во ноември 2024 година, како и на советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1996 година, кој, сепак, не утврдил општо право на превентивен нуклеарен напад.
Изјавите на Медведев претставуваат дополнително заострување на нуклеарната реторика во услови на продолжување на војната во Украина и зголемени тензии меѓу Москва и Западот.