Колку „квадрати“ тежат политичките партии?

Најновиот број на неделникот Фокус го открива целокупниот недвижен имот што моментално е во сопственост на политички партии, како и неговата вредност.

by Фокус

Четири политички партии поседуваат недвижен имот, во кој спаѓаат станови, дуќани, канцеларии, ниви, пасишта, пишува најновиот број на неделникот Фокус.

Според податоците што ги добивме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, најголем имот поседува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кој е претставен преку 100 имотни листови.

ИМОТ ВО СЕКОЈА ОПШТИНА

Проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности покажуваат дека станува збор за недвижности во скоро сите општини низ земјава, со тоа што дел од имотот е во урбани средини, додека дел е во рурални подрачја.

Меѓу другото, партијата има имот и во селски населби како гевгелиско Стојаково, кочанско Оризари, штипско Таринци, струмички Куклиш, дебарски Мал Папрадник, прилепско Ропотово, како и скопските Градовци и Мирковци.

Сепак, најголем имот има во главниот град Скопје, каде всушност партијата поседува имот регистриран на 28 имотни листови.

Во рамки на овој имот, главно стекнат за време на владеењето на Никола Груевски, спаѓа партиското седиште, стан и деловен простор на Рекорд, како и недвижности во претежно нови објекти во Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Сарај и Шутооризари.

Што се однесува до владејачката СДСМ, оваа партијата поседува недвижен имот преку 13 имотни листови во неколку градови низ земјава.

Меѓу нив, највреден е објектот каде е сместено партиското седиште на Бихаќка, но партијата го поседува и имотот наследен од СКМ во Струга, Кавадарци, Неготино, Ресен, Валандово, Богданци, Крива Паланка, Крушево, Лозово.

Исто така, сопствен имот има и Социјалистичката партија, која го наследи имотот на ССРН, во чии рамки спаѓа и вредниот објект во центарот на Скопје.

Освен тоа, опозициската партија која од скоро ја предводи Љупчо Димовски, наследувајќи го покојниот Љубислав Иванов – Ѕинго, располага со градежно земјиште и објект во Карпош, како со имот имот во Струга и Велес.

Уште една партија со свој недвижен имот е владејачката ДУИ, во чија сопственост е објектот во скопски Чаир, каде е регистрирана партијата, како и се уште неурбанизираното земјиште во соседната парцела.

Воедно, „интегративците“ поседуваат и деловни простории во Дебар, ниви во прилепското село Дебреште, а од неодамна, како што обелодени Фокус, и атрактивен објект во центарот на Тетово од 1.400 квадрати.

Токму откритието за нов имот на ДУИ, како и првостепената судска пресуда за конфискација на имот на ВМРО-ДПМНЕ, беа повод да извршивме проверка каква е моменталната имотна состојба на политичките субјекти.

Годишните сметки што ги обезбедивме од Централниот регистар, пак, откриваат колкава е вредноста на пасиштата, градежното земјиште и објектите во сопственост на партиите со сопствен имот, како и за начинот на кој тие управуваат со него.

Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости