Која: Пратениците да ги стават интересите на земјата пред се друго

by fokus

Собранието и политичките лидери сега треба да донесат одлука во врска со натамошните перспективи на земјата. Кога такви прашања доаѓаат во Собранието, пратениците имаат одговорност да ги стават интересите на земјата пред се друго. Ова го порача шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која во интервју за МИА, нагласувајќи дека успехот на земјата во постигнувањето Договор со Грција во врска со долготрајниот спор е многу позитивен пример за целиот регион.

Амбасадорот кој на чело на Мисијата на ОБСЕ во Скопје дојде на 17 септември, непоспредно пред референдумот, во интервјуто изразува задоволство што во земјава пристигнал токму пред плебисцитарното изјаснување на граѓаните и изразува задоволство од оценката на ОДИХР за референдумот.

Во врска со можноста за усвојување на уставните измени или одење на предвремени избори, како и евентуалните пазарења за амнестија на Груевски и други раководни лица на ВМРО-ДПМНЕ, Која е дециден дека прашањето за одговорноста е всушност прашање за владеење на правото.

Нагласува дека се покренати сериозни обвинувања, обвиненијата се потврдени од судовите и судењата се во тек. Додава дека обвинетите имаат право на фер судење и секако мора да се сметаат за невини пред докажувањето на вината. Изрази верување дека епилогот на аферата со прислушувањето треба да се напише преку правниот процес.

Која, кој има 29-годишно професионално искуство во службата за надворешни работи на Австрија, бил амбасадор во Белград и Љубљана, како и Мадрид, Варшава, Рим и Ватикан.

Пред да биде назначен за шеф на Мисијата во Скопје, Која бил постојан претставник на Австрија во ОБСЕ во Виена.

-Што се однесува до работата на Мисијата, ќе се фокусираме на четири приоритети: поддршка за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и унапредување на конструктивни меѓуетнички односи, поддршка за напредокот во имплементирањето на владината амбициозна реформска агенда во областите на мандатот на Мисијата, помош во адресирањето на транснационалните закани, вклучително и организиран криминал, сајбер криминал, трговија со луѓе и насилен екстремизам и радикализација кои водат до тероризам; и рано предупредување за безбедносни настани, вели Која.

За референдумот пак вели:

-Мило ми е што пристигнав тука навреме за референдумот, со оглед на тоа колку е важен момент за земјата. Самата Мисија која ја водам не го набљудуваше референдумот, туку тоа е оставено на нашите колеги од ОДИХР. Сепак, задоволен бев со оценката на ОДИХР дека референдумот „беше спроведен непристрасно и дека фундаменталните слободи беа почитувани во текот на целата кампања.“ Во Мисијата во Скопје и помогнавме на Државната изборна комисија да обучи избирачки персонал и на МВР да обучи полициски службеници за нивните должности за денот на референдумот, исто како и порано.

Прашан за крстосницата пред која се наоѓа Македонија, тој вели дека политичките лидери треба да одлучат кој пат да го фатат.

-Сега е на Собранието и политичките лидери на земјата да одлучат. Никој не може да одлучи наместо нив и не можам да ги посоветувам која одлука да ја донесат. Само би кажал дека кога такви прашања доаѓаат во Собранието, пратениците имаат одговорност да ги стават интересите на земјата пред се друго. Доколку се продолжи со уставните амандмани, тогаш ќе ја следам дебатата одблиску и ќе очекувам процесот да се одвива согласно воспоставените процедури со можност да се слушнат сите гледишта. Од друга страна, доколку Собранието изгласа да се самораспушти и да распише предвремени избори, очекувам дека ОДИХР ќе дојде и ќе ја набљудува кампањата и гласањето.

 

Поврзани новости