Која е Гордана Силјановска Давкова – приватно: Ни на сопругот не сум му ветила безрезервна лојалност, а не пак на некоја партија!

by Fokus

Професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател од ВМРО – ДПМНЕ за претстојните избори во изминатиов период е едно од најактуелните лица во медиумите. Нејзината професионална биографија е достапна на јавноста, но сепак, малку податоци се познати за нејзиниот приватен живот. За волја на вистината, сепак и приватниот живот на кандидатите има голема улога кога е гласачкото тело во прашање.

Пред да го даде својот глас, народот има право да знае и детали од приватноста на личноста на која и ја дава довербата, без оглед на политичките ставови на истата. Така на пример, голем дел од гласачите потенцираат дека предност имаат лица со среден семеен живот, држејќи се до ставот дека ако некој не може да си го среди личниот живот, тешко ќе може да ја средува државата.

Родител, брачен партнер, љубител на животни, скромна или личност која сака луксуз и познати брендови, сите овие статуси и карактеристики сепак имаат улога кога се гласачите во прашање.

Околу тоа која е професорката Гордана Силјановска Давкова приватно, мајка, сопруга, жена која минува време во кујната и средување на дворот, вегетаријанка која не вози автомобил и практикува јога, и за многу други детали од нејзината интима, поразговараме отворено.

Фокус: Јавноста веќе ја имаше можноста да се запознае со вашата биографија. Реномиран професор по уставно право и политички систем, екс министер, предавач на повеќе светски универзитети… Но, покрај богатото ЦВ, сепак народот, посебно кога станува збор за жена – кандидат за претседател, се интересира која е Гордана приватно? Мајка, сопруга?

ГСД: Фамилијата ми е едно од најважните нешта во животот. Во 1995 година од фамилијарни причини не заминав на пост-докторски студии на North Western University во САД. Не зажалив. На коментарот на професорот дека сум го изненадила со балканскиот менталитет, му одговорив: Не можам да работам на мир, думајќи ги двете деца, едно од 11, а друго од 6 години. Со маж ми сум од трета година гимназија. Можеби затоа на студентите им велам: ако политиката е уметност на можното, бракот е уметност на неможното, но вреди да се вежба брачната уметност;од вљубеност, преку љубов, пријателство, почитување, борба на ставови, компромиси, битка со проблеми, уживање во радости, драма.

Се разбира, мојот поглед на бракот не е формула, зошто секој(а) има право на живот по свое. Знам прекрасни личности, мажи и жени, без традиционални семејства, или без деца. Бракот не е мерило за успешност или среќа во животот. Секој има право на сопствена перцепција и визија на личната среќа, како што мудро запишале татковците – основачи на американскиот устав. Посакувам и ние да ги прошириме хоризонтите. По повеќе од три децении заеднички живот со Благоја, ќе кажам: ние се обидуваме да докажеме дека бракот е уметност на неможното. Обајцата сме правници. За време на студиите се натпреварувавме. Како момче и девојка се вработивме како асистенти на Правниот факултет. Јас останав, а тој замина и се зафати со правнички работи во различни сфери. Сега е во пензија. И нашите две деца, Павле и Марија се правници. Обајцата беа извонредни студенти, за кои, речиси никој не знаеше дека ми се деца. Марија е мажена и живее со нас. Павле живее со Деница, но речиси нема ден, а да не нѐ посетат. Не се на државни јасли и не работат во струката. Се снаоѓаат како што знаат. Марија, откако работеше како келнерка, шанкерка, книговезец, секретарка, сега се бави со филигран, а Павле е инструктор по скијање, изработува лулиња во дрворез, свири на пијано и кавал.

Не можам, а да не кажам дека ниту еден член од моето пошироко семејство, како и од поширокото семејство на мојот сопруг не е вработен во државна институција. Со свекрва ми, тивко посакуваме да ни се прошири семејството, ама не смееме гласно да го кажеме тоа, за да не упаѓаме во приватниот живот на нашите деца. Ќе заборавев: кучето и мачето се дел од нашето семејство и на мене имаат огромна терапевтска  моќ.

Фокус: Како реагираа вашите блиски кога решивте да влезете во трката за претседател?

ГСД: Долго се думав пред да одлучам. Најблиските ме потсетија на ветувањето од 1994 година: никогаш повеќе политика, освен како предмет на научна анализа. Значи, најнапред морав да расчистам со себе. Ме нападнаа илјадници прашања и дилеми: подготвена ли сум да ја жртвувам не само мојата, туку и приватноста на моите, како да ги игнорирам злонамерните ad hominem нападиќе можам ли да се апстрахирам од злонамерните атаци на најсаканите, имам ли право да го менувам нивниот живот? Разговори, разговори… По низата укажувања, предупредувања и резерви, сепак, ме оставија сама да одлучам. Неколку пати се откажував и предомислував. На крајот, сепак, прифатив. Ја имам не само нивната поддршка, туку и помош.

Фокус: Кога сме кај поддршката и семејството, дали сте од тој тип на жени кои чекорат низ животот самостојно и независно кон својата цел, или пак се трудите да ги прилагодите вашите амбиции и кон потребите на семејството, односно наоѓате начин сите да бидат задоволни?

ГСД: Од дете живеам по свое. Бунтовник сум, се повикувам и борам за правда, секаде и секогаш. Се разбира, како и секој човек, понекогаш морав да правам компромиси, но никогаш не се предадов себеси и своите уверувања. На пример, на почетокот на младешката врска со маж ми, направив голема отстапка, па наместо последната година од гимназијата да ја поминам во САД, јас се вљубив и сметав дека ја „открив“ Америка во Скопје. Една година потоа, се откажав од намерата да студирам медицина и решив да студирам право.

Еманципацијата си дојде со годините и со успесите, како одговор на животните предизвици. Признавам дека знам да бидам „тврд орев“, ако ми е загрозено правото на мислење и на свој животен пат. Инсистирам и ја почитувам рамноправноста во бракот. Им се чудам и смеам на злонамерните „предвидувања“ дека ќе сум и била лојална на партијата што ме кандидирала. Па, јас ни на сопругот не сум му ветила безрезервна припадност и лојалност, а не пак на некоја партија!  Тоа го знаат оние со кои сум учела и другарувала, моите колешки и колеги, членовите на некогашната Либерална партија, министрите од Владата од 1992-1994, домашните. Инсистирам на слобода и ја бранам слободата на другите. Никогаш не се покорувам на нешта спротивни на мојот морален кодекс или принципот на правдата, по ниту една цена.

Фокус: Домашни обврски, сепак ова е Балкан, и некако спонтано од жената се очекува да  носи на плеќи добар дел од грижата за домот, куќата… Дали често минувате време во кујната, имате ли помош околу домашните обврски, како балансирате помеѓу професионалните и домашните активности?

ГСД: Се разбира, јас живеам со две нозе на земја, уживам во семејните работи, готвам, чистам, садам цвеќиња. Признавам, истото го прави и мојот сопруг. Физичката работа ме одмара и брани од општествениот стрес. Се обидувам да бидам оригинална и креативна домаќинка, која постојано уредува и преуредува низ куќата. Понекогаш велам дека „куќата ќе прооди“ без мене.

Важам за „був“ кој долго во ноќта работи. Вегетаријанка сум и патот често ме води на пазар. Пазарењето на „Буњаковец“, што редовно завршува со цвеќе в раце, ме одмора. Ги познавам сите продавачи, од првиот до последниот. Знам дека деновиве им недостигам, како и тие мене. Роден „талкач“ сум, многу сакам да пешачам. Не возам кола, па смртно загадениов воздух ми го ограничува движењето.

Фокус: Кои се вашите ставови за заедницата  – брак, за љубовта, дали и ЛГБТ заедницата ќе ја има ваша поддршка, или пак сте за зачувување на традиционалните семејни вредности?

ГСД: Иако растев во традиционално семејство, во мојата младост, женската еманципација беше високо на агендата, па „војував“ и дома и надвор за машко-женска еднаквост. Не останав имуна на „Коса“ и хипи движењето, уживав во рокенролот во скопските диско-клубови. Се борев со традиционалните вредности во семејството и извојував многу слободи. Израснав во слободна, бунтовна,  еманципирана и самосвесна личност.

Така ги воспитував(ме) и децата… Љубовта  и бракот се различни работи. Младите гледаат на бракот многу поинаку од постарите генерации, па и од мојата. Впрочем, нашето законодавство ги изедначува брачната и вонбрачната заедница, во однос на правата и должностите на партнерите, и тоа е добро. Мојот син живее со девојката која ја сака, а ќерка ми склучи брак, а јас подеднакво го почитувам нивниот избор и ги сакам.

ЛГБТ заедницата ја имала и ќе го има моето разбирање и мојата поддршка за начинот на живот, како што јас имам право на мој. Државата не смее да се меша во личната сфера и треба да им гарантира рамноправност на сите граѓани. Впрочем, да потсетам: јас отворено ги изнесов моите ставови и предлози за амандманот на Уставот од 2014 година за брачната заедница, не само во расправата во Македонија, туку и пред Венецијанската комисија.

Фокус: Приватниот живот на политичарите е интересен за јавноста и во развиените земји вестите поврзани со приватни случувања на истите најчесто се објавуваат на насловните страници на медиумите. Сметате ли дека нашите политичари треба да бидат поотворени, кога се приватни теми во прашање, бидејќи, сепак, гласачкото тело има право да знае каков е нивниот кандидат приватно, кога ќе дојде денот за гласање?

ГСД: Иако линијата на приватното и јавното во политиката е тенка, сепак, политичарката и политичарот мора да имаат право на приватен живот, кога тој директно не ја засега јавната функција.  Свесна сум дека приватниот живот на носителите на политичките функции е особено интригантен за јавноста. Хипокризија и цинизам е различниот пристап кон тоа што е морално и неморално за жената-политичарка и за мажот-политичар.

Се залагам за ист третман, за недискриминација. Факт е дека почесто и погласно се зборува за моралниот профил на сопругата/партнерката одошто за сопругот/партнерот. Од лично искуство, сметам дека хармонијата и стабилноста на личниот, брачниот или партнерскиот живот се добра подлога за успешен професионален живот.

Не ги одобрувам пикантериите и линчот, зошто мојот личен живот не е тема од јавен интерес, доколку не е поврзан со вршењето на функцијата и нејзината (зло)употреба. Се разбира, увидот и упадот на јавноста во приватноста на политичарите е тесно поврзан со политичката култура. Подготвена сум да ги обзнанам информациите што се од јавен интерес, но не би сакала моите деца и блиски да бидат предмет на опсервација и критика за нешто што е поврзано со мојата работа и одговорност.Не сум приврзаничка на „џериспрингеризација“ и сензационализам.

Фокус: Летувања, зимувања, приватни свечености, подготвени ли сте да ги делите овие моменти со пошироката јавност, или пак попрво би ја зачувале својата интима за себе и најблиските?

ГСД: Претпочитам да летувам, зимувам и славам со најблиските, а не со јавноста. Не сум по спектакли. Љубоморно ќе ги чувам интимните моменти. Ќе ги делам само со природата и пријателите. Близок ми е моделот на Ангела Меркел, на пример.

Фокус: Што е она кое најчесто го правите во слободното време, кое е вашето хоби?

ГСД: Слушам музика и танцувам, талкам сама, или пешачам со пријателките, вежбам јога, неуморен читач на книги сум, си ја преуредувам куќата, од старо правам ново, си играм со кучето и мачето, средувам низ дворот или дома, готвам, чистам…

Фокус: Фитнес центри, салони за козметички третмани, дизајнерски парчиња облека, дали е тоа дел од вашиот стил на живеење?

ГСД: Бегам од гужва. Постојаното движење, јогата и вегетеријанската исхрана ме штитат од непотребни килограми. Од дете сакам да сум убаво облечена. Не следам слепо трендови, но си купувам и по некое трендовско парче. Избирам комфорна облека во која се чувствувам своја, слободна. Не мислам дека облеката го прави човекот, ниту дека жената е само за гледање и покажување. Не ги следам  наметнатите конвенции и обичаи за тоа како треба да изгледа „вистинската жена“.  Не сум редовна и ревносна во одењето на козметичар. Одам на фризер во соседството.

Фокус: За крај, лесно ли е да се биде амбициозна жена во овој наш, се уште, би рекле, машки свет?

ГСД: Ако е за утеха, човештвото поминало и низ матријархат и низ патријархат. Вториов, заради потешкиот пат, нѐ направил нас, жените – посилни. Лично, не ми било тешко да ги остварам амбициите ни во машкиот свет. Но, свесна сум дека стереотипите, по однос на пол и возраст и дискриминацијата кон нас, жените, сѐ уште постојат.

На предизвикот да бидам претседателка не гледам низ призма на жена, туку низ призма на личност, професорка по уставното право и политички систем, загрижена и активна граѓанка. Верувам во неминовноста и неизбежноста на  рамноправноста. Сигурна сум дека еден ден на нерамноправноста ќе нѐ потсетува само песната на Џејмс Браун „Ова е машки свет“.

Разговараше: Вики КЛИНЧАРОВА

 

Поврзани новости