Која беше првата сопруга на Аки: Љубомората била пресудна за крајот!

by fokus

Во кругот на семејството и најблиските денес е во Загреб е погребан рок музичарот Аки Рахимовски. Пејачот кој остави белег на музичката сцена во регионот и кој секогаш со гордост раскажуваше со љубов за Македонија, каде ја помина младоста, беше еден од оние, кој со децении вешто го криеше приватниот живот од јавноста.

Со неговата прва сопруга го доби синот Кристијан – Кики, кој тргна по неговите стапки, со втората сопруга Ингрид ја доби ќерката Едина, а по скоро 40 години заеднички живот, се раздели од неа и со новата партнерка Барбара доби ќерка, и се пресели во нејзината семејна куќа во Словенија.

Тоа што обично се случува со популарните музичари, чии сопруги, деца, па и блиски роднини јавноста често може да ги види во медиумите и да прочита детали за нив, не беше случај со Аки.

Од неговата прва сопруга, со која се разделил кога нивниот син имал три години, никогаш не се појави фотографија. Фотографии од Ингрид пак, со која помина околу четири децении, се објавија случајно, кога репортери ги фотографирале за време на погреб на пријател на Рахимовски.

Која всушност беше првата сопруга на Аки, се знае единствено од она кое тој го има раскажано во ретките пригоди за хрватските медиуми.

Данијела ја запознал кон средината на седумдесеттите години и се вљубил во неа. Тој бил на почетокот на рокерската кариера, а во тоа време не било популарно младите рокери да бидат оженети, па се венчал со неа во тајност, во Старото градско собрание во Загреб.

И кога се родил нивниот син Кристијан, веста не допрела во медиумите.

-Во Загреб се заљубив во првата сопруга Данијела. Но, едноставно не одеше, без оглед  на тоа што сум традиционално воспитан. Свесен сум дека жените кои се во врска со мене мора да се согласат на одредена жртва, а тоа значи дека не смее да има место за љубомора – е една од неговите ретки изјави на темата.

За втората сопруга Ингрид е познато дека ја запознал за време на турнејата ,,Ухвати ритам” каде работела како дел од организацијата. За неа, своевремено за магазинот Стори раскажа дека не била љубоморна, бидејќи долго време биле заедно, а дури и одговарало што е популарен помеѓу младите.

 Вики Клинчарова

Поврзани новости