Кој „усно“ дозволи настава во Ѓорче Петров за ученици вратени oд Италија?

by Fokus

Во денешната реакција на општина Ѓорче Петров во врска со текстот дека „Училиште од Ѓорче Петров 17 дена „крие“ дека имало деца и наставници што патувале во Италија“ се наведува дека тие биле информирани околу децата и наставниците кои патувале од Италија преку програмата Еразмус плус и освен дека чекале писмен одговор за насоки од надлежните институции нема образложение кој одлучил истите да бидат дел од наставниот процес.

Во писмениот допис од МОН ги насочуваат дека треба да се упатат во здравствени институции како што е Институтот за јавно здравје и да чекаат официјален допис. Во вчерашната комуникација со МОН за „Фокус“ одговорија дека тие праќаат само препораки, а не се здравствена институција, за што и министерот Венко Филипче неколку пати јавно нагласи дека сите што патуваат во ризични земји да се јават на контролен преглед или да стапат во комуникација со лекар на наведените телефони јавно достапни до сите.

 

Исто така во реакцијата на општина Ѓорче Петров тврдат дека бил информиран Институтот за јавно здравје, но во разговор со оваа институција лице со име Билјана Даниловска не е вработено во овој Институт.

-Бидејќи не е добиена благовремена писмена информација, веднаш се побарани и усни насоки. Во телефонски разговор е констатирано дека учениците и наставниците треба да доаѓаат во училиште, бидејќи не патувале во кризните региони во Италија, се вели во реакцијата од Општината.

И во вчерашниот текст на „Фокус“ беше наведено дека  по реакцијата на дел од родителите, училиштето не го известило навремено Институтот за јавно здравје, туку тоа го сторило на 28 февруари откако децата, освен едно од нив речиси цело време оделе во училиште.

Во вчерашната преписка со директорката на ова училиште таа тврдеше дека еден од учениците бил тестиран за корона вирус, а денеска од општината не потврдуваат дали ученикот бил тестиран или не, туку објаснуваат дека има регистрирано само еден ученик болен од грип.

-Родителот веднаш го однел своето дете на клиника каде му се направени тестирање за корона вирус и резултатот бил негативен. Ученикот си имал обична настинка проследена со температура и две недели не посетуваше настава. Наставниците и учениците беа и се вратија од Сицилија (Јужна Италија) пред прогласување на епидемија. Ги следевме препораките од МОН и Владата кои бараа информациии само за посочените критични региони во Севрна Италија, рекоа вчера од училиштето.

Учениците пристигнале во Македонија на 22 февруари и покрај тоа што понеделникот, 24 февруари беше денот кога во Македонија започнаа да се применуваат првичните мерки за претпазливост за патници од Италија. Тие престојувале една недела во Италија, а во Македонија се враќале со комерцијален лет до Софија, а потоа и со комерцијален транспорт до Скопје.

Според СЗО периодот на инкубација е од 14 до 27 дена, редакцијата на „Фокус“ нема намера да шири паника, ниту пак лажни вести, туку да се почитуваат препораките и протоколите за спречување на ширење заразни болести.

Првиот регистриран случај на корона вирус во Сицилија е на 25 февруари, линк.

Соња Танеска

Поврзани новости