При приближен или идентичен број на пратеници на две политички партии или предизборни коалиции, претседателот државата, по конституирањето на новиот парламентарен состав, не треба да му го додели мандатот за формирање на нова влада на оној што освоил пратеник повеќе, или, пак, повеќе гласови при изедначен број на пратеници, туку на коалицијата што ќе обезбеди мнозинство од 61 пратеник во парламентот, пропишува Уставот.
„Претседателот на РМ е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, стои во членот 90 на Уставот.
Според прелиминарните изборни резултати од Државната изборна комисија, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 51, а коалицијата на СДСМ 49 пратеник, меѓутоа одлуката на Управниот суд за прегласување на едно избирачко место во Теарце, барем теоретски, може да предизвика изедначување на бројот на мандати меѓу двете страни. Како што истакнуваат од опозицискиот СДСМ, дури и да остане актуелниот сооднос во пратеници од плус два за ВМРО-ДПМНЕ, мандатот не значи дека автоматски треба да го добие ДПМНЕ.
-Никаде не стои дека мандатот прво треба да го добие партијата што освоила повеќе мандати на изборите, а уште помалку, пак, онаа што освоила поголем број на гласови. Мандатот треба да го добие онаа коалиција која ќе го убеди или ќе му гарантира на претседателот дека контролира мнозинство во парламентот или, пак, ќе му докаже со потписи од најмалку 61 пратеник. Како и да е, тој не може еднострано да го довери мандатот, туку во ваква ситуација мора да спроведе консултации со партиите – ни изјави висок функционер од партијата на Зоран Заев.
Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов досега не добивме официјален одговор на прашањето која коалиција ќе го добие мандатот во ситуација на изедначен број на пратеници на двете страни. Добро упатени извори за Фокус брифираат дека доколку нема промена во бројките, нема дилеми дека мандатот прв ќе го добие лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, но, додаваат тие, истото најверојатно истото ќе се случи и доколку по прегласувањете ќе се изедначи бројот на пратеници.
-Претседателот Иванов ќе и го довери мандатот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и при ист број на пратеници, бидејќи, независно од исходот на прегласувањето, тоа е коалицијата што освоила најголем број на гласови. Во секој случај, претседателот како институција ги разгледувала сите можни сценарија и политички разврски и има предвиден превентивен одговор за да се избегне поголема институционална криза – велат нашите извори.
В.С.