Федерација на планинари: Да не се прават искачувања без лиценцирани водичи

by fokus

Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) информира дека во неделата, 18 декември, беше одржано традиционалното Зимско искачување на највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв (2.747 м.), а пред почетокот на тој настан се случиле два несреќни случаи за кои имаме обврска да ја известиме јавноста.

-Го изразуваме нашето задоволство и пофалба за солидарноста и пожртвуваноста што ја покажаа планинарите кои помогнаа во спасувањето на повредените колеги планинари. Исто така сакаме да ја изразиме нашата благодарност до Единиците за специјални задачи при МВР на РМ, кои помогнаа во спасувачката акција и покрај отсуството на јасни процедури во вакви случаи. Сакаме да укажеме дека со почитување на процедурите и кодексот на планинарење во зимски услови, ваквите опасни ситуации можеле да се избегнат. Сметаме дека несреќата се случила како резултат на неискуство, незнаење, игнорирање на временските услови. Акциите биле изведени без лиценцирани планинарски водичи, кои се обучени за водење на групи во зимски услови. На тој начин, во опасност се доведени животите на сите учесници во искачувањето, се наведува во соопштението.

ФПСМ, ги осудува неодговорните групи и индивидуалци, кои надвор од каква било организирана форма на настани на планина, водат неискусни, неопремени, неедуцирани планинари во опасни услови.

Поврзани новости