Кој пат да го фати Македонија по бугарското вето?

by fokus

Македонија уште еднаш наиде на затворена врата и остана во ЕУ чекалницата. Нашите пријатели од Бугарија, како што ги нарекува премиерот Зоран Заев, одлучија дека Македонија не ги исполнува нејзините услови за почнување на пристапниот процес. И додека македонската Влада се надева на наоѓање на решение до наредниот Совет на министри во декември, останува прашањето: што доколку и во декември Бугарија не ни ја крене рампата?

Ден пред и официјално нашиот источен сосед да ја стави блокадата на 17ти месецов, вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров во интервју за телевизија Телма рече дека додека Европа не најде европско решение, Македонија треба да покани заинтересирани земји членки на ЕУ да и помогнат во спроведување на реформите.

-Ако вака продолжи ЕУ, не знаеме како ќе продолжи и што ќе се случува, убаво би било да се фокусираме на реформската агенда дома, без разлика дали почнуваме пристапен процес или не. И да поканиме заинтересирани земји членки да ни помагаат. Пример земја која предничи во владеење на правото, да ја поканиме да ни помогне во реформите во судството. Холандија за судството, Шведска за слобода на медиуми, Чешка за развој. Ќе биде лошо ако влеземе во некој очај на чекање. Мора да си ја држиме реформската кондиција. За тогаш кога Европа ќе овозможи европско решение, што нема да оди на штета ниту на европските принципи, ниту на нашето право на самоопределување, да бидеме во добра кондиција во однос на реформите, вели Димитров.

Дали ова значи дека Македонија ќе и ја префрли топката на ЕУ, а реформите ќе продолжи да ги спроведува со помош на, како што вели Димитров, заинтересираните земји членки?

Извршниот директор на Евротинк, Иван Стефановски вели дека Македонија мора да продолжи со најитна имплементација на реформите, со посебен акцент на борбата против високата корупција и организираниот криминал, заштитата на животната средина, како и драматично намалување на јавната администрација.

-Како општество, ние пред се’ мораме да се реформираме за самите себе, за нас, граѓаните. Ние немаме време за чекање, најмалку можеме и треба да чекаме на реформа на организацијата на која сакаме да и’ се приклучиме.
Македонската дипломатија мора да притиска и да ги употреби сите можни канали за Македонија да добие прва меѓувладина конференција во декември годинава, и да се обиде до крај да го искористи германското претседателствување со Унијата. Од друга страна, ние мораме да опстоиме на тезата дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не можат и не треба да бидат дел од преговарачката рамка. Напредокот во евроинтеграциите, согласно новата Методологија, треба да се мери по строго утврдени критерииуми и индикатори. Тоа всушност, го потенцира и самиот документ, вели Стефановски.

Тој додава дека мораме да им покажаме на нашите партнери дека немаме намера да отстапиме од европската агенда.

-Ние можеме „топката“ и одговорноста да се обидеме да и’ ги префрлиме на ЕУ, но тоа не значи дека нашата фактичка позиција ќе се промени. Мораме да видиме што можеме ние да направиме како општество, за да им покажеме на нашите партнери дека немаме намера да отстапиме ниту милиметар од европската агенда. Во духот на европските вредности, не треба да има земји-пријатели и земји-непријатели. Сите земји членки мораат да бидат третирани како пријатели и партнери, смета Стефановски.

На Македонија и останува да ги спроведува реформите за себе и за своите граѓани и да продолжи да чекори по европскиот пат. А, дали и кога на европскиот пат ќе се сретне со Европската унија не зависи само од неа. Патот секако е еден, а тоа е европеизација. Со или без ЕУ.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости