Кој ќе му каже на пастирот, дека мнозинството е против него?

by Фокус

Текстот е објавен на 10 јуни 2011 во неделникот „Фокус“.

Пишува
Никола МЛАДЕНОВ

Се уште не е исушено мастилото на гласачките ливчиња, а човек не може ниту асолна анализа за изборите да направи. Да, Груевци не запираат повеќе. Летаат по удолнината како муви без глава. И да сакаат, не можат да запрат, оти и сопирачките се одамна украдени. Пресингот продолжува на целиот терен. Победничката ноќ не стигна да зазори, а тие веќе имаа мртво момче зад себе. Според очевидците, некој ,алфаш, го сотрел од ќотек, ама не бил свесен дека има толку тешка рака, па дури утредента го пријавил срамот. Штом се такви во победата, кој знае како ќе се однесуваа после евентуалниот пораз?

До народот не стигна вестта за кутриот младич, а тие веќе имаа настан за нејзино заташкување. Дента после победата, после едвај 15 часа, на бесрамен начин го уапсија Љубе Бошкоски. Безбројни специјалци со качулки на главите, пред очите на синот, нарипаа врз таткото, кој чиниш сто кила експлозив носел во центарот на Скопје. Мизерници. Тие најдоа за нелегално финансирање на изборна кампања да зборуваат?! Тие, кои потрошија десеттици милиони евра државни пари од позајмените 220 милиони од ММФ, за поткупување на народниот глас, се фатија за наводните сто илјади ,црни, евра на Бошкоски?! И тоа пред стокмените камери на нивните телевизии, за повторно да покажат колку гнасно владеат, без оглед на објавеното од Викиликс на едвај два-три дена пред изборите!!!

Што сака Груевски да постигне со овој чалам? Прво, но, за среќа неуспешно, да го покрие убиството на младиот скопјанец во ноќта додека си ја прославуваа изборната победа. И, второ, само за малоумните успешно, да покаже дека Бошкоски бил криминалецот, кој лажно го обвинувал Груевски енд Фамилијата за неспоредливо поголем криминал. По таа логика, и Стевче Јакимовски ќе треба да припази на ,кафиќите по кои излева,. Опасно е тоа ехо, кое бездруго долго ем болно ќе одекнува во пастирските уши, дека цела Шутка ќе биде вмровски затвор!

Точно, бесчесните не запираат повеќе. Тие крадат пред очите на целиот народ, а, притоа, не дозволуваат ниту сомнеж во нивната чесност да се изрази. И пцовката кон премиерот ја казнуваат со 500 евра. Ем тепаат, ем не даваат да плачеш. Море, уште полошо. Од мајката на убиеното дете, бесрамнициве побарале да молчи!? Има ли крај таа нивна расипаност? Дали постои нешто, пред кое барем глава ќе наведнат, или, не дај Боже, да се извинат? На оставка, нормално, не ни помислувам, оти тоа никогаш не е согласно нивниот устав и партиските им закони!

Не, тие шибаат удолу. Само небото е границата на нивната глупост и расипаност. Замислете, при толку руинирани села низ земјава, тие решиле да прават ново, специјално етно село, со куќи од секое наше маало. Чиниш Македонија била гејзирот на архитектонските идеи, па цел свет ќе се сјати во потрага по тоа чудо. Ако има сила, разбира се, после посетата на тазе откриениот центар на државава во питорескната Чашка крај Велес, на Триумфалната порта кај Зуко, на исушените палми крај Вардарот, на двата коњаници платени по цена за десет… Колку ли само малограѓанштина се збарала во тие дребни суштества?! Секоја глупост што ќе ја намислат, со туристите ја оправдуваат!? Од секој божемен проект прелеваат тешки пари во сопствените џебови, но, кој смее да писне, штом сето тоа било за доброто на туризмот? Како не ни е срам, богати, заради некоја пуста пара, да сме се избрукале пред гостите?! Сељачишта!!!

Навистина, има ли некој во оваа земја, кој најпосле ќе им каже дека мнозинството не се согласува со нивните имбецилни политики? Точно, тие победија на овие избори, но, само според бројот на мандатите. Освоените гласови го тврдат токму спротивното. Опозициските гласови, сите на купче, ги надминуваат нивните. Зад Бранко, Љубчо, Љубе, Јован, Стојанче, Филип… стојат гласови на луѓе, кои не се за Груевски. Кога на нив ќе се додадат и албанските гласови, станува јасно дека убедливо мнозинство граѓани е против ,МаниФестот,. За жал, тоа му е јасно секому, освен на Пастирот, кој очигледно мисли дека допрва добил мандат за апсолутистичко владеење. Како е можно, тој сеуште да не сфаќа дека треба свеќа да му пали на изборниот модел, кој му подари 56 пратенички места? На страна срамниот начин на кој стигна до нив, од ,демократски, Чифлик до ,бројна, Австралија!

Се разбира, допрва ќе се анализираат причините за неуспешниот обид за рушење на Груевци, меѓутоа, во овој момент мора да бидеме горди на македонскиот народ, кој покажа дека успеал да го зачува здравиот разум. И покрај сите притисоци, закани, уцени, сосе петгодишното перење на мозоците со портокалова пропаганда од најдолен тип, мнозинството сеуште пружа отпор. Но, тоа не е непроменлива состојба. Луѓето не смее да се остават долго пред искушението, кое со себе го носи сиромаштијата или алчноста. Доколку не се делува брзо, доколку Груевски не се натера на прифаќање на новата реалност, тогаш многу лесно ќе се случи обратното. Со помош на грубата репресија, таа единствена одлика на неговото владеење, наместо народот него, тој ќе успее да го ,превоспита, народот!

Нормално, преку претставниците на опозицијата во парламентот. Додека опозицијата премерува, какви последици може да предизвика нејзиното составување влада со сите албански партии, убеден сум дека Пастирот веќе смислува планови за привлекување на барем шест нејзини ,овчички, во неговото трло, за никој да не може да го ,уценува, со така стекнатото мнозинство од 62 пратеници. Од тие причини, не треба да се гаи некоја преголема надеж во сега подзасилената позиција на Ахмети. Во нормални услови, таа би била полезна за демократијата, но, бидете уверени дека Груевски ќе ги злоупотреби барањата на ДУИ за нивно поголемо влијание во власта, како ,неподнослива уцена, на Албанците. Во даден момент, со помош на строго контролираната јавност и присобраното мнозинство, тој ќе распише нови избори, како единствена шанса за ,спас на Татковина од забеганите албански барања,!

Оти, тој не знае поинаку. Работата нема да ја биде, се додека не бидне така, како што тој наумил. Зар некој навистина верува, дека тој ќе дозволи Албанци да му се мешаат во ,проектите,? Тие, презрените од Сашо Мијалков, со кои наводно треба допрва да ги израмнуваме сметките. Зар Викиликс треба да ни нацрта, дека роднинската врска не е единствената причина за влијанието на Големиот БРАТучед врз Груевски?

Поврзани новости