Кој ќе го брани Груевски од „Жртвите на Преродбата“?

by Фокус

Текстот е објавен на 26-ти март 2010-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 769

Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ

Дали можете да го споредите сегашниот СДСМ со оној од пред три-четири месеци? Дали ја забележувате острината во настапите на неговите перјаници? Не, не се тоа веќе оние исплашени зајци од почетоците на страшната Преродба. Ни од далеку не потсетуваат на избезумените човечиња од времето кога лисиците висеа над Бучковски или Заев.

И, не е тоа толку поради некоја суштинска промена во нивната работа, колку што е резултат на паниката во противничкиот табор. Едноставно, колата на Груевци тргна низ брдо, на пат од кој нема враќање. Луѓето не можат веќе ни да закочат, оти, едноставно, некој ги украл и сопирачките. Тие веќе не се владеат ни себеси, а камоли ситуацијата во која ја доведоа земјата!

Тоа е, значи, ефектот од тешкиот оброк за кој одамна зборував. Груевски нема стомак ниту за прилозите, олицетворени во странскиот притисок и меѓуетничките тензии, а не, пак, за тешката економска криза како главно јадење на неговото мени. Благо речено, тој е веќе загубен во времето и просторот. Супериорниот водач не смее на мегдан ни со одамна отпишаниот Бранко да излезе!?

Ја забележавте ли таа негова намачена потсвест, од која неконтролирано блика претставата за Црвенковски како за некој учител, пред кој јунакот Груевски не сакал да одговара? Пази, богати, тој одговарал пред народот, а не пред Бранко!? Ха-ха, од кога тоа ТВ дуелот на премиерот се трансформирал во негово сослушување од опозицијата?!

Страв е тоа, браќа ем другари. Голем страв се пикнал под кожата на глувчето што уживаше да глуми лав. Како успевате да го следите неговиот поглед, кој никако да се фиксира во логичната точка? Се нешто шара лево-десно со очињата. Се нешто мести некоја кисела насмевка, која не го храбри веќе ниту Влатчета Ѓорчев, оти многу повеќе наликува на тажен грч од детуле кое одамна го наполнило „памперсот“. Точно, храбрите водачи не вадат народ на протест пред опозициски штабови. Па, уште и подзасилен, со крупна стока во првите редови!

Се ми се чини дека Груевски е во паничен страв од моментот кога промптно беше демаскирана драмолетката со кравата на Бихаќка. Речиси никој не се позанимава со премногу наивната режија на тој ефтин „игроказ“. Ве молам, па уште истата вечер, челниците на СДСМ триумфално мафтаа со имињата и фотографиите на кутрите аматери од КУД „Жртви на транзицијата“.

Тоа не може да биде случајно. Ни 24 часа да не минат, а опозицијата да ги има на тацна сите потребни податоци за тешко компромитирање на власта!? Груевски немал ништо со „жртвите“ што сведочат против СДСМ од рекламите на ВМРО-ДПМНЕ?! Ве молам, таков крах не се помни уште од времето на „Виничката провала“. Тоа Груевски многу добро го знае и оттаму е стравот што се потешко ќе може да го сокрива.

И тој веќе чувствува дека џандарското друштво му го врти грбот. Па, професионалци се тоа, бре, кои со децении знаат да прават волови од сите нас, а не, пак, едночинка со крава пред СДСМ во тешка конспирација да не знаат да изорганизираат!!!

Да не е толку тесноглав, Груевски веднаш би ги ставил во мирување сите проекти за пропагандно оцрнување на опозицијата. Провалата со кравата на Бихаќка е доволен аларм за секој трезвен човек. Но, не, пастиров додава гас додека колата му се тркала низ амбисот. Тој удира дупла доза ,сведоштва, за мачното Бранково време. Уште повеќе, од подрум дига и тешка артилерија, па пред очи ни ги вади пендреците во Куклиш и Ѓорче Петров. Сака да каже дека неговата власт не тепа сопствен народ како Бранковата.

И, бездруго, секој знае што сака тој да ни каже, меѓутоа, се прашувам, до кога полицијата ќе може со мирно да се справува со се поголемиот број незадоволен народ пред неговата влада, која, види чудо, одамна нема послано црвен килим за граѓаните!? Што мислите, каков ефект ќе имаат потсетувањата на далечните деведесетти, наспроти некој тазе спот од продукцијата на опозицијата, со раскрвавени лица на стечајците и скршени јајца во нивните помодрени раце од некој заскитан „преродбенички“ пендрек?

Ништо поарна не е ниту јамката што самиот Груевски си ја стегна околу сопствениот врат во Штип. Малку му беше контра-митингот на скопскиот плоштад против цивилниот сектор, па сега истото оружје го внесе и во партискиот живот. За влакно бил избегнат судир меѓу разочараните штипјани и обезбедувачите на Црвенковски. Потешките последици биле пресретнати, благодарејќи и на единствениот полицаец што се нашол на местото на настанот.

Лажги со опашки. Тепачка немало само поради тоа што таквиот расплет не бил предвиден со сценариото. Очигледно, била планирана тензија од низок интензитет, која е, богами, успешно остварена. Каква иронија, пред штипскиот хотел со име „Оаза“..!

При првото броење на чаурите, Груевци се можеби и задоволни од постигнатото. Тие можеби наивно веруваат дека приврзаниците на Б.Ц. ќе се исплашат од натамошни средби со него низ Македонија. Во крајна линија, тие може да мислат што сакаат, меѓутоа, со штипскава авантура само ја подигнаа мерката според која и ним ќе им се суди кога ќе паднат од власта. Значи, буквално се упатува на заклучокот, дека божемниве преродбенициве ќе завршат многу лошо. Сосе Груевски, разбира се, на нивно чело.

Станува се појасно, дека умислениов водач ќе падне толку ниско, што со боринче ќе ја бара и тажната судбина на Љубчо после фамозниот 15 септември. Како што одат работиве, и тој 15 септември има да им се види како наивен цртан филм во однос на судбината што ќе ја доживеат после сегашното губење на власта. Да, дури и по Хари Костов ќе плачат, оти тој ќе наликува на наивната Црвенкапа во однос на човекот што за прв пат ќе направи вистински џандар збира во Македонија!

Точно, работите сега нема да застанат на апсења. Најмалку, пак, ќе завршат на директори на јавни претпријатија. Овојпат летвичката е дигната до премиерско ниво. И, уште полошо, оние што ќе куртулат од апсења на најпонижувачки начин, смислен како одмазда за ставањето лисици пред сите можни камери во земјава, ќе живеат во страв од најобичното излегување на улица. Навистина не знам што може да им смислат.

Не знам дали кокошки низ прозорците ќе им фрлаат или крдо волови пред партиско седиште ќе им изнесат, но, убеден сум дека многу брзо ќе им преседне сето денешно чаламење. Ќе дојде ден, кога слободните ќе им завидуваат на уапсените „преродбеници“. Ако меѓу нив по некоја грешка се најде и Груевски, бездруго ќе треба добро да размисли при изборот на луѓето што ќе мора да го заштитуваат од некои следни „жртви на преродбата“!

Гледате сега колку се измамија сите оние што свиркаа на песната за Бранковата неспособност брзо да се качува? Да, тој не може толку брзо да се качува, колку што Груевски умее брзо да паѓа. Не помисливте, белки, дека високиот рејтинг е причината за глупостите што сѐ почесто ги прави!?

Поврзани новости