Предлозите за избор на претседатели и членови на собраниските комисии и делегации, како и нивни заменици, се наоѓаат на дневниот ред на првата парламентарна седница по изборот на новата влада, која е закажана за задутре.
Со оглед на тоа што опозициската коалиција предводена од СДСМ не учествува во работата на законодавниот дом, сите комисии ќе останат некомплетирани, а некои од нив и без претседатели.
Според предлог-одлуката за избор на претседатели, членови и заменици на комисиите, што неодамна ја утврди Комисијата за избори и именувања, спикерот Трајко Велјановски ќе биде претседател на Комисијата за уставни прашања.
Меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе водат комисии се Александар Николовски, кој ќе биде на чело на Законодавно-правната комисија, Емил Димитриев, кој ќе ја предводи Комисијата за одбрана, Влатко Ѓорчев, кој ќе биде прв човек на Комисијата за политички систем. Понатаму, Антонијо Милошоски ќе ја води Комисијата за надворешна политика, Олга Најденовска Комисијата за образование, Силвана Бонева Комисијата за култура.
Покрај нив, Ермира Мехмети од ДУИ ќе застане на чело на Комисијата за европски прашања, додека нејзините сопартијци Џевад Адеми и Реџаил Исмаили ќе ја предводат на Комисијата за локална самоуправа, односно за транспорт и врски.
Ернад Фејзулаху од ДПА, пак, ќе биде претседател на постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Од оние комисите што ќе останат без претседатели поради отсуството на СДСМ и партнерите се Комисијата за надзор на работата на УБК и АР, Комисија за надзор на примена на мерките за следење и прислушување од страна на МВР. Исто така, тука се комисиите за земјоделство, шумартво и водостопанство, за финансирање и буџет, за труд и социјала, за здравство.
Што се однесува до собраниските делегации, Велјановски ќе биде прв човек на делегацијата во Интерпарламентарната унија, Николовски на делегацијата во парламентарното собрание во Советот Европа, Бонева на делегацијата во ПС на Медитеранот, Мехмети на делегацијата во ПС на НАТО…