Античка монета најдена во нива носи повеќе пари од 100 тони жито ожнеани од истата нива!

by Фокус

Текстот е објавен на 12-ти септември 2008-ма во неделникот „Фокус“ во бројот 689

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

Според археологот Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, Македонија би требало да донесе Закон за откуп на вредни артефакти од приватни лица, за да се спречи одливот на национално културно богатство надвор од земјата. Ваквиот закон би покривал период од три месеци во кои би се откупило сѐ што има вредност како национално богатство, а средствата за тоа би се обезбедиле од буџетот. Меѓу другото, Велика Британија со таков закон успеа да прибере во музеите огромно национално културно богатство од приватните колекционери:

– Доколку некој ора нива, на пример, и на тој начин открие вреден археолошки предмет, тоа не е негова сопственост, туку национално културно богатство кое ѝ припаѓа на Македонија. Во таков случај државата во рамките на можностите може да понуди одредена сума како надомест за трудот за откопувањето на артефактот кој случајно го пронашол.

Минатата година имавме таков случај во Чепигово, село кое лежи врз остатоците од стариот град Стибера. Еден од селаните, орајќи ја својата нива во близина на локалитетот, ископа мермерна статуа. Мислејќи дека ќе се збогати, човекот си ја  однесе статуата дома, а потоа побара милионска сума за да ја отстапи на државата. По неколку дена таа сума беше сведена во разумна рамка, која вообичаено би можела да следува за артефакт од таков ранг. Како надомест за трудот му беа исплатени точно 106.005 денари.

Што се однесува до монетите, нив ги откупува Народната банка според претходно утврден ценовник. Инаку, нашата држава ги нема тие пари кои „случајните пронаоѓачи на национално културно богатство“ мислат дека можат да ги добијат за својот „минат труд“, но знаат дека има „трговци“ кои нудат разни суми само да ја оштетат Македонија во културна и национална смисла.

Сите знаеме дека во Марвинци, на пример, многумина копаат по нивите, а Грците чекаат со џипови за да однесат во Грција сѐ што потекнува од античко време. Се разбира, ваквата трговија е санкционирана со закон, но криминалците секогаш наоѓаат начин да поминат крај него. Затоа сметам дека Македонија, по примерот на Велика Британија, која успеа да прибере во своите музеи огромно национално културно богатство од приватните колекционери, мора да донесе закон со важност, на пример, од три месеци во кои би се откупило сѐ што ќе биде понудено, а притоа има вредност како национално богатство – смета Паско Кузман.

ИЗОРАНИ СТАТУИ

Селаните во прилепското село Чепигово одамна знаат дека нивните ниви, заедно со куќите и дворовите, лежат врз остатоци од прочуениот град Стибера, кој заедно со Стоби и Хераклеа бил најголем и најбогат антички град во Македонија. Во време на неговиот најголем подем, во вториот и третиот век, градот броел над 25.000 жители што е многу повеќе од бројот на жителите што денес ги имаат некои наши денешни градови.

Според местоположбата, Стибера била изградена на стратегиско возвишение, кое селаните го нарекуваат Бедем, буквално во срцето на Пелагонија и на најубавото место во тој дел од течението на Еригон или Црна Река. Од самиот Бедем каде што се протегал градот, се пружа речиси бескрајна глетка на Пелагонија, а локалитетот е подеднакво оддалечен од денешните градови Прилеп и Битола.

Стариот град Стибера, или како што го нарекуваат археолозите Македонска Помпеја, бил еден од најголемите и  најатрактивни антички градови во Македонија. Според изворите и записите од антиката, градот се спомнува до крајот на третиот век, заклучно со владеењето на царот Галиен.

Археолошките истражувања потврдија дека својот најголем процут градот го доживеал во вториот и третиот век. Сите значајни скулптури и други предмети потекнуваат токму од тој период. Се издвојуваат керамички садови, монети, мермерни споменици, како и повеќе од 30 досега пронајдени статуи и бисти на угледни граѓани од тоа време, како и многу плочи со натписи.

Меѓу вредните артефакти од овој локалитет секако се и бистите на угледниот граѓанин, прочуениот војсководач Тит Флавиј Орест и на неговиот син Филоксен. Денес, седумнаесет векови подоцна, врз некогашните темели на Стибера, закопани длабоко под земјата, лежи селото Чепигово, со 40-на куќи и со околу 230 жители.

– Иако порано оравме со волови, на секој чекор се откриваа разни премети, а најмногу стари парички. Како што одиш по браздата, гледаш како се превртуваат. Еве и на овој камен под мене има некакви знаци. Пред дваесетина години го закачив на орање во една наша нива на „Чуката“. Потоа го донесовме овде, и оттогаш еве тој е уште тука.

Дали нешто вреди или не – не знам, но ако вредеше сигурно ќе дојдеа и ќе го земеа. Сега на него си седиме сретсело, арен е за муабет. И не само овој, туку и по другите дворови имаше разни мермерни камења. Некои се уништија, некои луѓето ги заѕидаа во куќите или со нив си направија скали, што било, им се најдоа. А може би биле многу важни, можеби ќе ѝ требаа на државата за пред светот – ни раскажа дел од приказната осумдесетгодишниот Љубе Р’тоски, еден од најстарите жители на Чепигово.

Според неговиот син Борче Р’тоски, многу предмети биле пронајдени по нивите, но селото од тоа ништо нема добиено. Одвај пред неколку години со помош на странска донација ги асфалтирале двете улици во селото, а потоа направиле и водовод. Никој не се интересираат ниту за црквата, вели тој, иако е постара од многу други цркви во кои постојано се вложува за реставрација и реконструкција.

– Црквата е изградена на темели од храм од 16-ти век, а во дното на ѕидовите има клесани камења со писмо од Стибера, кое би можело да открие дел од историјата на исчезнатиот град. Под темелите од 16-ти век има дел од темели на уште постар храм, кој потекнува негде од 4-от век, што значи дека дотука некогаш бил градот Стибера. Затоа ние на шега велиме дека сме граѓани на Стибера само што живееме во село Чепигово. Факт е дека Стибера е насекаде околу нас и меѓу нас. Каде и да погледнете ќе видите нешто од стариот град – вели Борче Р’тоски, кој неколку години наназад работел со археолозите на локалитетот Стибера.

Тој смета дека Стибера неправедно е запоставена во однос на другите вакви градови во Македонија, па доколку се вложат барем дел од средствата што се вложуваат во други вакви локалитети, Стибера може многу брзо да стане уште еден значаен локалитет интересен за туристите од светот. Инаку, градот Стибера бил уништен во 268 година, па тогаш завршува и  неговата историја, односно никогаш веќе не бил обновен. Мермерните скулптури што селаните повремено ги наоѓаат по нивите, се наоѓаат во онаа позиција во која ги оставиле Готите кога го уривале градот.

Поради сочуваноста на скулптурите, Стибера се нарекува Македонска Помпеја. Интересно е тоа што тогашните трагачи по вредности, единствено им ги кршеле главите на статуите, ги носеле со себе и ги продавале на тогашните мецени или царски ризничари. Останува да се види дали под ораниците во Чепигово, сепак, има останато некоја статуа со глава, но и други значајни предмети, кои би можеле да бидат дел од нашето скапоцено културно богатство. Една таква скулптура, но и монета од Александар Македонски, на пример, носи многу повеќе пари од целокупното земјоделско производство во овој дел на Пелагонија, се шегуваат нашите соговорници.

НАЦИОНАЛНО БОГАТСТВО ВО ПРИВАТНИ ТРЕЗОРИ!

Селото Чепигово не е единствено село што лежи буквално врз остатоци од старите цивилизации на овој  простор. Како што може да се види од националната археолошката мапа, Република Македонија буквално лежи на мрежа од стари населби, утврдувања, патишта, некрополи и археолошки локалитети, почнувајќи од неолитско време па сѐ до средновековието.

За жал, огромен број од овие археолошки локалитети воопшто не се истражени, а дел од нив сега се приватен посед, кој сопствениците си го третираат како свое приватно археолошко наоѓалиште. Многу мал дел од тоа што ќе успеат да го ископаат или изораат, го предаваат на нашите музеи, но, за жал, од друга страна и малку успеваат да зачуваат во своите куќи или дворови. Само според списокот што е објавен заедно со археолошките карти за наоѓалишта од неолит, бронзено и железно  време, раноантичко и хеленистичко, потоа од римско и доцноантичко време, како од македонското  средновековие, далеку од очите на јавноста и далеку од условите што се неопходни за соодветна заштита на археолошки артефакти.

Огромен дел од тие „случајни наоди“ засекогаш ја имаат поминато и границата, и никогаш нема да се вратат во Македонија. Според податоците до кои дојдовме, вакви примери има речиси во секој град и во секое наше село. Така, на пример, на седум километри од Берово е населбата и некрополата од доцноантичко време „Градиште“.

На овој локалитет се најдени римски монети, кои, според официјалниот извештај за „Градиште“, се чуваат кај Ј. Арнаудовски. Притоа нема никаква информација како извесниот Ј. А. Ги нашол и како ги чува овие исклучително вредни римски монети. Исто така, од населбата од доцноантичко време „Присој“, во близина на селото Будинарци, некојси Алекса Чутрески си откопал голем питос затворен со камена плоча, а најдени се и повеќе монети и оружје.

Во близина на беровското село Двориште, пак, кај Чаплаковските колиби, населба од доцноантичко време со темели на старохристијанска црква, С. Величкоски откопал епиграфски споменик посветен на императорот Каракала. Во документите не пишува каде е сега тој споменик. Интересен е и податокот за доцноантичката и средновековна рударска населба „Рудиште“, пехчевско, каде што било најдено депо на железни рударски алати и еден епиграфски споменик кој исчезнал во време на Втората светска војна.

Доколку се побара би можел да се открие во некој од бугарските музеи. За разлика од него, другите наоди се знае точно каде се, односно нив ги „чува“ извесен Ј. Ризовски од Берово. Зошто ги „чува“ тој, а не некој музеј, знаат најверојатно оние што ја составиле белешката за овој локалитет. Истиот Ј. Ризовски, кој, сепак, не е приватен музеј, поседува и рановизантиски монети од  локалитетот „Градиште“ кај Ратево.

Во нивата, пак, на Алексо Татарски од село Смојмирово во 1952-та година случајно биле откопани повеќе златни монети. Од нив пет солиди од Јустин Први и Јустинијан Први откупил Народниот музеј во Штип. Што се случило со другите монети од депото, нема податоци.

И во битолско, на локалитетот „Бадем Балери“ било откриено депо со средновековни монети. Гробот со сад полн со 60 бронзени монети од 12-ти век и еден скапоцен прстен го открил извесен Томо Томовски, кој, освен прстенот, сѐ друго предал во Заводот и Музеј во Битола. За каков прстен станува збор, не пишува во документите до кои дојдовме, а не можевме да провериме ниту дали уште се чува во семејството Томовски.

Сличен е случајот поврзан со населбата од римско време во близина на селото Горно Српци, во Цапарско Поле, каде што се откриени остатоци од светилиште посветено на Фортуна Серапис, а во 1971 година откриени се и бронзени статуетки на Фортуна Серапис, на Изида Фортуна и на Херакле, како и монети. Археолозите претпоставуваат дека локалитет можеби е античкиот град Микеа, една од главните станици на патот Виа Егнатија. И, сега, замислете: наодите, или барем дел од нив, се чуваат во селото Горно Српци! Како се чуваат така вредни наоди во место кое не е музеј, а селото нигде не фигурира ниту како туристичка дестинација од римско време, може само да се претпоставува.

Во истиот тој регион, во околината на Долно Српци, во месноста Селиште, населба од хеленистичко време, извесен Ѓорѓи Гелевски нашол три македонски монети од бронза од кои едната е многу сочувана. И, сега, повторно иста информација како и во други вакви случаи: монетите се кај Ѓорѓи наместо во некој музеј каде што би можеле да ги видат сите што доаѓаат во Македонија. А станува збор за „македонски монети“.

Многу интересен наод е и стрелата долга 10 см, пронајдена во близина на селото Лопатица, во месноста Калуѓери на планината Бигла, каде што е откриена средновековна црква. Стрелата се „чува“ во Лопатица кај извесен Доне Шатев. Во селото Ношпал, пак, од локалитетот Бела Црква, каде што е откриена старохристијанска базилика, во 1981 година биле откопани мермерни столбови и други парчиња со натписи. Многу вакви вредни артефакти во меѓувреме биле вградени во куќите во селото, а една таква сива камена плоча со византиски натпис е вградена пред влезот во куќата на В. Бошевски.

ОД КРАЛСКАТА КОВАЧНИЦА НА АЛЕКСАНДАР!

Сепак, се чини, меѓу најинтересните случаи секако е оној поврзан со името на Душан Врачаковски од  Македонски Брод, кој поседува голема збирка вредни артефакти од овој регион, но и пошироко. Кај него, како што стои во документите, се наоѓаат монети од некрополата „Варница“ од доцноантичко време, потоа од локалитетот „Кале“, исто така од доцноантичко време, како и од утврдената населба „Миткарен“ од истиот тој период. Кај Врачаковски, како што забележале археолозите што истражувале во тој регион, има и монети од „Ридот“, населба од хеленистичко и римско време со старохристијанска црква и некропола.

Меѓу исклучително вредните монети што ги поседува Врачаковски, барем според документите објавени во археолошката карта на Македонија, се и две монети ковани во времето на Александар Македонски, од кои една е кована во кралската ковачница во Пела, а останатите монети се од трети до петти век.

Податоците за оваа збирка се од 1996 година, па денес никој не знае каде се овие исклучително вредни монети, особено онаа од кралската ковачница во Пела. Според тие податоци, истиот тој Душан Врачаковски, како голем  љубител и трагач по археолошко богатство, пред десеттина години поседувал и неколку ретки византиски монети од локалитетот од доцноантичко време „Рамниште“, во близина на селото Драгов Дол.

Римски и рановизантиски монети кај него има и од локалитетите кај Томино Село, како и од Црешново. Исто така и Темелко Јовановски од селото Ковче поседувал, а може и сѐ уште поседува, монети од римско време од локалитетот „Грамадиште“. Многу стари монети од доцноантичко време чуваат и селаните од Латово, Модриште, Градиште, а убава збирка монети била регистрирана и кај учителот Златевски од Самоков.

Во село Слатино, пак, два питоса, големи садови од римско време, била откопани од локалитетот „Кале“, и тие, барем до пред 12 години, се чувале во селското училиште. И во велешко, како и во Виница и Гевгелија, археолозите забележале вакви и слични појави на приватизирање на националното културно богатство. Во велешкото село Крајници, во локалитетот „Мрамор“ од доцноантичко време, откопан е прекрасен капител кој си го прибрал еден жител од селото, како што забележал археологот Ѓорѓи Петачки, кој, за жал, не го наведува името на жителот.

Се разбира, некои „среќни“ пронаоѓачи на национално културно богатство, понекогаш нешто ѝ продаваат дури и на својата сопствена држава. Така Музејот во Велес, на пример, во 1952 година, откупил од приватно лице мала мермерна статуетка на богот Асклепиј од локалитетот „Подлес“. За жал, сега, педесет и пет години подоцна, ваквите примери се многу ретки. „Среќните“ пронаоѓачи на национално културно богатство сега најчесто соработуваат со трговците со џипови кои доаѓаат од југ, нудејќи големи пари за да го откупат минатото на Македонија.

БОГАТСТВО ОД КОПАЊЕ ТЕМЕЛИ

Според археолозите Цоне Крстевски и Звонко Белдедовски, две скапоцени сребрени венецијански монети барем до пред 12 години се чувале во домот на Р. Попов од Виница. Монетите се откопани од локалитетот од  римско време Селиште, во близина на виничкото село Блатец. Каде се сега тие монети, можеби знаат луѓето од Музејот во Виница. Инаку, кај истиот Р. Попов, според Крстевски и Белдедовски, се наоѓале и голем број монети кои биле ископани во населбата и некрополата од римско време во месноста „Сушица-Бавчи“.

Многу интересен е и настанот поврзан со локалитетот „Градец“, виничко, каде што била откриена ризница со монети од Средниот век. Ризницата била откриена во 1966 година при копање на темелите за куќата на Тодор Стојков на влезот во селото. Во депото имало 60 монети од злато и сребро и 651 монета од бакар. Монетите се  откупени од Музејот на Македонија, но без 47-те монети од злато. Ако не нѐ лаже логиката, тоа значи дека Тодор Стојков не сакал и не ги предал најубавите златни и сребрени монети, односно на Музејот му отстапил само 13 од нив. Каде се сега тие 47 монети знае најверојатно само семејството Стојкови од Градец, виничко.

Инаку, станува збор за скапоцена збирка монети од времето на императорите Мануел Први Комнен, Андроник Први Комнен и Исак Втори Ангел. Исто така и бакарните монети, кои целосно биле откупени во 1966 година, потекнуваат од времето на истите византиски цареви. Археолозите Крстевски и Белдедовски забележале дека големо депо со монети од доцноантичко време било пронајдено на локалитетот „Прибен“, но ниту една од  тие монети не стигнала во музеј, односно ниту една не е зачувана како национално културно богатство на Македонија.

Мошне интересен е случајот со скапоцените монети од Гевгелија, кои стигнале  во Музејот без податок за „дивиот копач“, како и местото од каде што биле откопани. Па, кој е будала да кажува каде копал таа 1966 година, кога за многу поситни работи можело да се заглави на долгогодишна робија!?

Според Јован Кондијанов, кој го забележал тој податок, станува збор за 35 тетрадрахми од вториот век пред нашата ера.  Неизвесно е и тоа дали во дворот на црквата во гевгелиското село Смоквица уште стои торзо од женска статуа, профилиран блок од мермер и други предмети. Како што тврди Борка Јосифовска во својот извештај, торзото и другите наоди биле донесени од локалитетот од римско време во „Манастир“, римска населба меѓу селата Смоквица и Милетково. Вредното торзо од женска статуа од римско време во дворот на црквата било до 1996 година, како што е забележано во последниот извештај за овој случај.

Мошне илустративен е и случајот поврзан со „Червиканско поле“, локалитет исто така во гевгелиско, каде што било откриено депо со монети од хеленистичко време. Над 100 македонски монети ковани во Амфиполис, Пела и Солун, а меѓу нив една со ликот на Филип Петти, стигнале дури во Археолошкиот музеј на Хрватска! Се разбира, нема никаков  податок како тоа скапоцено македонско културно богатство стигнало дури до Загреб.

Но, за разлика од нив, не  се знае каде завршиле сребрените монети од Александар Македонски и уште куп други бронзени монети од доцноантичко време, ископани од локалитетот „Шипков дол“, населба од хеленистичко време во близина на селото Стојаково. Монетите биле откопани во нивите на Спасо и Ѓорѓи Каеви, и, според Живојин Винчиќ и Милан Ивановски, „најголем дел од монетите останале кај сопствениците“.

Како некој може да биде сопственик на национално богатство, кое ниту го направил, ниту можел да го купи, секако е прашање за темелна јавна расправа и дискусија. Дали кај браќата од Стојаково останала и монетата на Александар Македонски, односно дали таа е уште кај нив, или негде преку граница, знаат само тие.

Се разбира, и во Западна Македонија има многу случаи кои го илустрираат нашиот однос кон културното богатство. На пример, во селото Горенци. Односно на локалитетот „На црков“, населба и некропола од хеленистичко време, поточно во нивите на Блаже Страшевски, Боге Ристевски и Ѓоре Ивановски, биле регистрирани многу керамички парчиња од садови. Освен тоа, Страшевски дома си однел поголем сад од печена глина и еден бодеж, кои биле извадени од стар гроб. И тој, како и многумина други, не се ни обидел да ги предаде во музеј.

Во Дебар, пак, во градот, при градба на куќата на учителот Карпузи Мехмед, било откриено големо депо на средновековни, венецијански монети. Се разбира, кога веќе може, и Карпузи ништо не предал во музеј, туку сѐ си задржал за себе. Карактеристично е тоа што сите археолози што ги бележат ваквите случаи, како Ж. Винчиќ и М. Ивановски во овој случај, употребуваат една и иста фраза дека „монетите се чуваат кај Мехмед Карпузи“.

Сепак, за среќа, овде бележиме и еден сосема поразличен пример. Имено, за разлика од Карпузи, извесниот Бесим Мељами од село Селокуќи во октомври 1982 година сѐ што откопал во својата нива го предал на Музејот на Македонија во Скопје. Станува збор за откриен гроб од римско и доцноримско време во кој се пронајдени златна крстовидна фибула, сребрена позлатена чинија, сребрен ѓум, прибор за пишување, коскени жетони за коцкарски игри, чаша, железна секира и други, поситни предмети од сребро. Значи, огромно богатство, кое, ете, за среќа, завршило во витрините на Националниот археолошки музеј во Скопје.

Од друга страна токму еден извештај од скопско, од околината значи на главниот град на Македонија, поточно од  атарот на селото Кучевиште, може да биде спротивен  пример за односот кон ваквото културно наследство. Имено, од некрополата „Радишко“ од римско време, која случајно била под површината на нивата на некој си С. Ниниќ, откриени се седум надгробни споменици со латински натписи и делови од саркофаг. И, замислете, според информацијата на проф. д-р Драги Митревски, човекот што случајно е сопственик на таа нива, си ги товарил и си ги однел сите споменици во дворот  на својата полска куќичка во месноста Бреслики.

Слично на него постапил и Илија Танаскоски од Калишта, струшко, кој, од локалитетот од римско време во близина на селото, ископал торзо на женска статуа што си го чува дома. И во тетовско има многу случаи кога луѓе, кои случајно дошле до некој артефакт, а пронајденото национално богатство си го однеле дома. Од локалитетот од доцноантичко време „Шумнати рид“, во близина на селото Брест, биле ископани два питуса, кои си ги однеле дома во селото В. Митков и М. Јорданов.

Во кичевско, пак, во селото Лисичани, од некрополата од железно време при изградба на куќа по Првата светска војна биле откопани повеќе гробови. Според селаните биле најдени керамички садови, метални предмети – игли, прстени и друго. Бидејќи во тоа време Македонија била под српска окупација, сите предмети од Лисичани во Белград ги однел Живко Замаковиќ, српски учител во селото.

Како и да е, идејата на археологот Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство за Закон за откуп на националното богатство од приватните колекционери, навистина треба што  побрзо да се реализира за да се зачува во Македонија она што сѐ уште се чува како семејно наследство, иако станува збор за културно богатство кое никој од оние што го пронашле немаат право да го продаваат надвор од државата. Со законот тие ќе имаат шанса за пристоен надомест да ѝ го отстапат на Македонија, зашто националното културно богатство е богатство  на македонскиот народ.

Поврзани новости