Македонците во Егејска Македонија беа жртви на комунистичкиот империјализам!

by Фокус

Текстот е објавен на петти септември 2008-ма година во неделникот „Фокус“ во бројот 688

Пишувал
Стојан АНДОВ

Македонија повторно е на крстопат, нешто слично како пред шеесет и неколку години. За да биде појасно на што мислам, ќе го изнесам текот на настаните во тоа време. Пролетта 1946 г. големиот државник и воин Винстон Черчил, во Америка, во Фултон, во својот прочуен говор „обзнани“ дека Европа е повторно поделена и тоа со железна завеса.

Истакна дека во земјите кои Црвената армија ги ослободи од хитлерова Германија, демократијата е укината и се воведени комунистички режими. Од власта се исфрлени или во неа крајно се маргинализирани сите некомунистички партии, дури и оние кои за време на војната соработуваа со комунистичките партии во движењето на отпорот.

Без слободни, демократски избори Сталин има намера да воведе власт во тие држави која ќе биде директно зависна од него, а гаранција на таквите односи ќе биде присуството на неговата армија. Некаде есента, во својот втор значаен настап, Черчил уште еднаш обрна внимание дека Сталин на препад ја менува картата на Европа и врши комунистичка експанзија, ликвидирајќи ги политичарите што не потекнуваа од комунистичките партии, под обвинение дека соработувале со нацистичка Германија или пак застапувале антисоветски ставови за време на војната.

Черчил, како искусен државник, знаеше дека токму тоа ќе се случува во земјите од Источна Европа, во која Црвената армија остана после воените операции. Таквиот развој на настаните не можеше да го изненади и сам по себе сигурно не можеше да го поттикне за овие негови настапи. Она што Черчил не можеше да го проголта беше текот на настаните во Грција.

ДОГОВОРИТЕ СО СТАЛИН НЕ ВРЕДАТ МНОГУ

Иако тој и Сталин, преку дипломатски канали, веќе доцна пролетта 1944 година, се усогласија дека Грција ќе биде земја под британско влијание, што и формално се потврди со т.н. Либански договор кој го прифатија и претставниците на грчкото комунистичко Движење на отпорот, веќе две години од истоварувањето на британските трупи во Грција не можеше да се реставрира и да завладее кралскиот режим, поради дејството на приврзаниците на грчката Комунистичка партија.

Черчил таа појава не можеше никако да ја објасни поинаку, освен како бунт поттикнат од Сталин со цел своите прсти од Источна Европа да ги продолжи и врз Грција. Тој мислеше дека Сталин со еден збор тоа перманентно востание во Грција може да го смири и да овозможи мирно владеење на кралската влада, т.е. да постапи така како што им сугерираше на политички многу силните комунистички партии во Франција и Италија, со развиена воена инфраструктура, да го предадат оружјето и да се вклопат во парламентарниот живот на тие земји.

Значи, настаните во Грција Черчил го принудија да заклучи дека договорите со Сталин не вредат многу и дека тој ќе ги крши таму каде што мисли дека ќе ја постигне својата замислена цел. Интервенциите на Черчил не оставија некаков впечаток на Сталин, туку ги зајакнаа контактите и врските на советските и грчките комунисти. Овие, другите пак, така осоколени, ги интензивираа акциите и текот на настаните во Грција се забрза, паралелно со тоа Британија навлегуваше во економска криза и некаде во февруари 1947 г. британската влада реши да ги повлече своите сили од Грција.

Тоа веројатно ќе значеше и отворен пат за победа на комунистите во Грција. Но, на 12 март се вмеша уште еден играч во грчката драма. Тој ден во Конгресот, претседателот на САД, Хари Труман, потврдувајќи ги черчиловите предупредувања, ја изложи својата платформа, позната како Труманова доктрина.

Тој ги прифати тезите дека Советскиот Сојуз, преку комунистичката експанзија се однесува како светска империјална сила и сака да завладее со светот. Истакна дека САД, како држава приврзана кон демократијата, ќе се заложат за обнова на демократските устројства во источно-европските земји, а за настаните во Грција, за кои кажа дека непосредно го поттикнале неговиот настап, рече оти САД ќе се ангажираат во таа земја на страната на кралот и демократските сили, а против комунистичката експанзија и тоа сѐ до нејзиното запирање и отфрлање.

Вети економска и воена помош, како со финансиски средства и воена опрема, така и со потребните експерти. И наскоро од Америка кон Грција потекоа финансиски средства, воена опрема и вооружување, следени со воени експерти.

МИСИЈАТА НА ТРУМАН ВО ГРЦИЈА

Таа ситуација го вознемири Сталин и неговата околина. Имајќи предвид дека огромна е разликата помеѓу СССР и САД во нивните економски можности, како и фактот што Соединетите држави тогаш сѐ уште имаа монопол над атомското оружје, а познавајќи го претседателот Труман како решителен човек што еднаш веќе го употреби тоа оружје во Јапонија, Сталин процени дека Советскиот сојуз не смее директно да се вмеша во настаните во Грција, но размислуваше како и тој да воведе некој нов играч кој, ако ништо друго, да му ја искомплицира мисијата на Труман во Грција.

За тоа имаше плодно тло во Југославија. Југословенската комунистичка партија и врховниот штаб на Тито остваруваа контакти и соработка со движењето на отпорот во Грција под раководство на грчката Комунистичка партија, а македонските партизани некое време имаа и бази во грчкиот дел од Македонија, особено во Меглен. Нивното присуство во Меглен беше одобрено од грчкото движење на отпорот под водство на грчката КП, а беше толерирано и од единиците на генерал Зервас, меѓу македонските партизани познат како „грчки Дража Михајловиќ“, бидејќи генерал Зервас остварувал контакти со грчкиот крал во Каиро и добивал помош по воздушен пат од Англо-Американците.

Сталин ги поттикнуваше југословенските комунисти набрзина да ја проголтаат Албанија и да направат федерација со Бугарија. Целата таа идеја не беше многу јасна и особено не беа јасни нејзините перспективи, меѓутоа Маршалот на Југославија, Јосип Броз Тито покажа склоност кон нејзиното остварување. Тој и многу подоцна, во своите искажувања во неофицијални разговори, истакнуваше дека од војната излегле четворица победници – Рузвелт, Сталин, Черчил и тој, Тито.

Иако Тито не можеше да го има статусот на другите тројца, сепак од војната излезе како славен војсководец и победник. И идејата за балканска федерација, која би ги вклучила и Албанија и Бугарија, а во случај на победа на комунизмот во Грција и таа земја, како да му изгледаше привлечна, така што генерално земено, сталиновата игра ги даде првите плодови на вовлекување на Југославија, неофицијално и тајно, но сепак со сериозна ангажираност, во настаните во Грција, на страната на комунистите.

МАКЕДОНЦИТЕ ВИДОА ИСТОРИСКА ШАНСА

На македонските комунисти во таа ситуација, иако само две години пред тоа мораа жестоко да реагираат на идеите наместо на Сремскиот, македонските сили да се упатат на Солунскиот фронт, целата таа нова идеја за помош на грчките комунисти им изгледаше привлечна. Особено поволно ја оценуваа очекуваната состојба со создавање на балканската федерација, во таа нова творба на НР Македонија да ѝ се приклучат и деловите на Македонија што со балканските војни ги зазедоа Грција и Бугарија.

Таа солуција им изгледаше остварлива особено по изјавите на претседателот на владата на Отечествено-фронтовска Бугарија, Георги Димитров, во кои признавајќи го македонскиот народ и новата македонска држава, тој истакна дека со создавањето на балканската федерација и бугарскиот дел од Македонија ќе ѝ се приклучи на НРМ. Тие нагласки создаваа уверување дека, ако комунизмот победи во Грција и делови од грчка Македонија ќе ѝ се приклучат на НР Македонија.

Тие околности ги доведоа властите во Македонија активно да се приклонат кон идејата на Тито и Сталин за помош на комунистичките оружени формации во Грција. Врските на македонските комунисти со македонското население во Грција се интензивираа и нагло зајакна уверувањето на Македонците во Грција дека им се дава историска шанса да се ослободат од непрекинатите настојувања на повеќето грчки влади да спроведат нивна асимилација.

И формално, во пропагандата про-комунистичките воени сили беа означени со името Демократска армија на Грција (ДАГ), а нејзиниот воен противник беше означен како монархофашизам. Охрабрени од претставата на воениот

конфликт во Грција како судир меѓу прогресивните сили и мрачните остатоци од минатото, Македонците во Грција масовно зедоа учество во борбите во граѓанската војна во Грција.

Во моментот на најголемиот развој на про-комунистичките сили, по податоците што се публикувани, Македонците во составот на ДАГ учествувале со околу 40%, иако во вкупното население на Грција учествувале со околу 6%. Значи, општите околности во кои тогаш Македонците во Грција живееле ги навеле и принудиле својата судбина во целост да ја врзат за успехот на ДАГ.

Меѓутоа, откако Тито и Георги Димитров ги зачестија средбите и настојувањата за создавање Балканска федерација, а помошта од Југославија на грчките комунистички формации беше сѐ повидлива и за целиот западен свет, особено за Американците, изгледа Сталин процени дека работите се движат кон голема опасност за Советскиот сојуз, тој да биде вовлечен во судир со Америка, па кај него преовлада потребата на некој начин „да испере раце“ од состојбите и настаните во Грција.

А тоа му беше шанса да го обвини Тито и за сите негови потези како за време на војната, така и потоа, со кои овој југословенски водач покажа извесен степен на самостојни амбиции, во онаа мера во која Сталин никогаш не може да му ги прифати и прости.

АВАНТУРА НА НЕЗРЕЛИ ПОЛИТИЧАРИ

Првата кавга меѓу Југославија и СССР на многу високо ниво беше некаде доцна зимата 1948 година и тоа поради забрзаната активност на Југословените за создавање Балканска федерација. Неочекувано за нив и спротивно на настојувањата на советските раководители само неколку месеци пред тоа таа Балканска федерација да се создаде, овој пат истите луѓе идејата ја нарекуваа авантура од непромислени луѓе и незрели политичари, со посебен потсмев кон стариот Георги Димитров.

Ова перење раце на Сталин од целата состојба во Грција го означи почетокот на крајот на надежите на грчките комунисти за победа во тој конфликт и го означи почетокот на вистинската катастрофа на македонскиот народ. Работите во Грција се одвиваа така што кралските војски беа модерно вооружени и добро извежбани од страна на американските експерти и во тој нерамноправен судир силите на ДАГ беа уништени.

Во неколку подолги разговори со нашиот познат историчар Ристо Кирјазовски, тој ме убедуваше дека после трагедијата во балканските војни, оваа трагедија на Македонците во Грција е од катастрофални размери за втор пат во дваесеттиот век и дека Македонците во Грција во таа војна од крајот на 1946 до средината на 1949 изгубија околу 26.000 животи, т.е. исто толку или нешто малку повеќе отколку што југословенска Македонија изгуби во Народно-ослободителната анти- фашистичка војна, вклучувајќи ги и седумте илјади Евреи депортирани од нејзина територија во германските логори.

Исто така, тој истакна дека како последица на граѓанската војна, огромен број Македонци ја напуштија Грција, а голем дел од нив се раселени во другите делови внатре во Грција и асимилирани во грчкиот етнос. Сите овие последици кои добија размери на национална катастрофа за македонскиот народ се покриени под плаштот на идеологијата, од една страна на тврдењата дека таа војна била народно-ослободителна и се водела против монархо-фашизмот и од друга страна дека се работело за империјалните амбиции на комунистичката експанзија која морала да биде запрена.

Историјата го потврди второто. И денес овие две гледишта постојат во свеста и кај Македонците и кај Грците и нивните тогашни сојузници. Без оглед што жртвите на овој конфликт немале многу можности за избор, тие сепак се нашле на страната што изгубила. Последиците се присутни и денес во судбините на стотици илјади поединци и семејства расеани низ светот, како и во нашата земја. Денес Македонија повторно треба да избере пат.

Но овој пат никако не смее да погреши. Сепак, како што стојат работите, може повторно да се направи грешка, која веројатно нема да го изложи македонскиот народ на воени прогони, но може да го доведе до нов ќорсокак и нова бесперспективност.

Поврзани новости