Кој ќе биде Бучко, а кој ќе ја доживее судбината на амнестираниот Заев, после падот на Груевци?

by Фокус

Текстот е објавен на трети јули 2009-та во неделникот „Фокус“ број 731.

Пишувала:
Јадранка КОСТОВА

Раководствата на Македонски железници во изминативе петнаесеттина години потрошиле околу 14 милиони евра за различни градежни активности и набавки, кои никогаш не биле завршени. На голем број домашни и странски фирми однапред им исплаќале милионски суми за да изградат и модернизираат пруги, кои до денеска не се завршени. Парите авансно биле исплаќани и за купување машини и опрема, кои никогаш не стасале во претпријатието.

Оваа слика за Македонските железници, што неодамна ја наслика Државниот завод за ревизија (ДЗР) ми се виде згодна за вовед во темата „јавни набавки”. Ете, безмалку цела транзиција ова јавно претпријатие, како и сѐ останато што е државно или народно, имот или пари, сеедно, им служело и на самопрогласените „државотворци” и на самонабедените „патриоти” да го третираат како „алајбегова слама”. Да, во овие, како и во сите останати ревизорски контроли, ќе најдете недомаќинлак, злоупотреби, раскалашеност во финансиската работа. Има вакви случаи на претек и во периодот на Бранко и за времето на Љубчо. Ама, според многу показатели и знаци, оваа трета година од владеењето на „преродбениците”, сомнителните јавни набавки стануваат заштитен знак и на тимот на Груевски. Корупцијата навистина одамна се роди, ама, во континуитет и се препородува!

Секако, самиот Никола Груевски сѐ уште кај граѓанството го ужива ореолот на чесност, но, сега, т.е. по локалните и претседателските избори, доживеа да ја има сета можна власт во свои раце. Додуша, и до сега се шушкаше кој министер е „мистер тендер”, кој од фамилијата е надлежен за струјата, кој ги држи градежните работи… Во секој случај, веќе буквално никој не може да ги контролира Груевци, а токму во таков амбиент процесите кулминираат.

Власта расипува, нели, ама апсолутната власт апсолутно расипува. Оваа теоретска мудрост, во пракса сме ја виделе веќе неколку пати. Како што владееше Црвенковски во далечната 1996-97, како што се однесуваше Георгиевски во 2000-2001-та, така некако може да се лоцира фазата во која забраздува и Груевски. Но, кога мислат дека само небото е лимит, кога на дворот ќе се судрат фракциите во алчноста кој повеќе да зграби или да контролира, и, секако, кога меѓународните структури ќе добијат доволно „црно на бело” за патот на парите, тогаш веќе може да се каже дека стасале до почетокот на крајот.

Впрочем, најомразеното, а најлегитимно прашање во секоја демократска држава – како се трошат народните пари – овде и сега влегува во категоријата – не заслужува одговор, иако постојано гледаме дека за разни проекти „не се штеди на материјал”.

И СО ТЕНДЕР, И БЕЗ ТЕНДЕР – ЕФЕКТИТЕ ИСТИ!?

Неодамна Јове Кекеновски, некогашен претседател на Советот на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, излезе со ставот дека некои актуелни функционери „станаа апаши над апашите”, па дури и дека овој преродбенички апашлук го надминува и оној сдсмовскиот. На последната седница за пратенички прашања, опозиционерот Јани Макрадули го прогласи Министерството за транспорт и врски како една од трите перални на валкани пари на Владата. На министерот Миле Јанакиевски дури му додели „комплимент” дека работи на „центрифуга”. А, „базата на податоци” на која се повика беа токму наодите на ДЗР.

Деновиве, и Центарот за граѓански комуникации излезе со извештајот за резултатите од мониторингот на јавните набавки на централно ниво вршени во првите три месеци од оваа година. Под нивна опсервација биле 40 тендери, но, забележаното воопшто не е сјајно, барем за стилот со кој од оваа гарнитура се „упражњаваат” набавките.

Всушност, ако направиме куса ретроспектива, мора да се признае дека „родоначалник” за сиви ама скапи набавки беше првиот полицаец Љубомир Фрчкоски. Тогаш, дури се формираше и анкетна собраниска комисија за оваа негова „специјалност”. Но, додека Љубчовци трагаа по фрчковите тендери, истовремено и самите ја усовршуваа истата дејност.

И, така, веќе стана правило, после смената на власта новодојденците да ги гонат претходниците за апашлуци, а попатно да го развиваат истиот „бизнис”. Откако и тие ќе треснат, следува истиот филм со нови актери во главната улога. Првите година-две се во покомотна позиција, затоа што можат да ја замајуваат јавноста само со гревовите на паднатата власт. Но, кај да е, доаѓа моментот кога и нивното ѓубре, иако сега под тепих, незапирливо ќе засмрди!

На стартот од транзицијата, „фалинката” беше видена во тоа што сме немале ниту закон за јавни набавки, па Бранковци склепаа прво Уредба, за потоа да стокмат и закон, ама за да важи за Љубчовци. Потоа, и тој беше предмет на измени, како алиби за лоповлуците што лагодно минуваат покрај жив и здрав закон. Имавме дури и јалови расправи околу лажната дилема, што е подобро или почесно: тендер или договор во четири очи? Нормално, талентите покажаа дека се виртуози и за едното, и за другото.

Зарем тендерите внесоа ред? Не! Всушност, исто ни се фаќа. Кога некој од партиските елити се вградил како коруптивен генератор во системот, тогаш, и без уредба и со уредба, и со закон и со тендер, и во четири и во шест очи, „генераторот” произведува само сомнителни договори и одлуки.  Значи, уште еднаш, проблем се партиите, нивниот начин на функционирање и сфаќање на демократијата и државата!

Вообичаено, најлесно се удира по оној што веќе не е на власт. За илустрација, деновиве дознавме дека МВР ја испитува работата на Агенцијата за цивилно воздухопловство, и тоа десеттина сомнителни набавки од 2006-та до 2008-та, меѓу кои набавката и на повеќе компјутерски програми за системот на контрола на летање, навигациска опрема, неколку договори со странски компании и набавка на возила за АЦВ. Јасно е дека тоа е периодот во кој таму „дрмаше“ кадар на ДПА. Сомнителни набавки на опрема за навигација, софтвер и други технички производи имаше и претходно во АЦВ, кога раководеше човек на ДУИ, но, минативе две години тоа не се р’чна, а Ахметиевци веќе се дел од „преородбата”.

Патем, иако и опозицијата денес најчесто се повикува на извештаите на ревизорот, неодамна од таму соопштија дека утврдените неправилности во постапката за јавни набавки опфаќаат 13 проценти од вкупниот број констатирани неправилности во нивните извештаи од 2008-та, што било значително под просекот од изминатите неколку години, кој изнесувал 17 отсто. Ете, тоа е нивната статистика, што не го менува многу вкупниот „уметнички впечаток” за мучките со набавките.

ШТЕДЕЛЕ НА ЗДРАВЈЕ, НО НЕ И НА РЕКЛАМИ!?

Еве ги, значи, финтите и шемите преку кои од разните јавните набавки и тендерчиња, се офајдуваат партиските елити. За тоа ќе се послужам со наодите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), што го водат новинарите Сабина Факиќ и Герман Филков. Понекогаш и она што се прави во рамките на законот е само форма низ која се протнуваат однапред договорени фирми.

На пример, од ЦГК забележуваат дека висок процент, дури 15 отсто од јавните набавки во периодот јануари-март 2009 биле поништени. Иако обично имало пријавено повеќе фирми, сепак, под параванот „ниту една понуда не е прифатлива”, се прогласува дека тендерот „пу, пу, не важи”. Дел од соговорниците на ЦГК се сомневаат за нешто „гнило” во ова сценарио, со претпоставка дека некои од понудите го расипале есапот или првичната калкулација. Е, сега, понатаму законот е „убавина”.

Тој после поништувањето дозволува да се дојде и до директен договор. На пример, дека роковите газат а набавката е итна. На тој начин, се си завршува во четири очи. Без никаква транспарентност, ќе се премине на договарање и преговарање без објавување оглас. Плус образложенијата што обично ги добиваат губитниците се шаблонизирани и ништо не кажуваат, та дури сте во мака како да ја срочите жалбата, кога ги немате основните податоци и аргументи за изборот!

Втората финта која дава простор за марифетлуци, во смисла тендерот да го добие однапред одреден субјект, е широкиот простор во одредувањето на критериумите според кои ќе се избира победникот. Според мониторингот на ЦГК, на пример, кај 35 отсто од набавките што биле мониторирани, како клучен критериум се јавувала најниската цена, а кај дури 65 отсто таков адут била „економски најповолна понуда” со различно бодирање на одделни критериуми: цена, квалитет, рок на плаќање и сл. Она што е вистински куриозитет, барем во апсурдноста, е дека најниската цена била одлучувачка за набавка на лекови и медицински потрошен материјал, изградба на училишта и на патишта, столчиња и клупи за училиштата, информатичка опрема… Меѓутоа, кога баткиве купувале канцелариски мебел или избирале фирма за дизајн и печатење на промотивен материјал, замислете – акцентот го ставиле на квалитетот!? Демек, на здравје штеделе, ама за реклами не фермале ништо друго, освен – квалитет!

Впрочем, иако на почетокот од премиерувањето Груевски ветуваше дека за тендерите на неговата влада ќе биде пресудна цената, која ќе носи 80, а понекогаш и 100 поени, како минуваше времето, така бодовите за цената опаѓаа. Стигнуваа едно време до 50 бода, а за некои од владините кампањи за зголемување на националната свест цената спадна на бедните 35 поени, а квалитетот рипна на 65 поени. А, кај вреднувањето на „квалитетот” имате широко поле за субјективизам.

Од друга страна, и од ЦГК евидентираат дека различни министерства или јавни претпријатија имаат различни критериуми за избор дури и на иста стока. На примерот што го наведуваат, за набавка на возила, едно владино претпријатие давало 90 бода за цена, додека едно министерство при купување на возила удрило за цена само 55 бода!? Дали критериумите се штелувале зависно од претходниот дил, останува како осмнеж во сите вакви набавки. Имено, критериумите се побајаги растегливи. Таман за да се обликуваат според желба на тендерџиите.

ПАРИТЕ СЕ, ДЕМЕК, ЗА ПАРТИЈАТА!

И тендерската документација е наведена како еден од начините за манипулации при тендерите. Од ЦГК наведуваат случај кога била фаворизирана една фирма преку тендерска спецификација. Станува збор за тендер за набавка на возила тежок 1,4 милиони евра. Две фирми, кои подигнале тендерска документација, се откажале предвреме (влезено во записник), затоа што министерството што имало потреба од возилата, замислете, само шест дена пред отворање на понудите напрасно направило промена на тендерската спецификација и така ги оневозможило овие две фирми да се натпреваруваат. Знаете, тоа е она кога фали да ставите уште слика на тендерскиот победник во огласот!

Има еден особен индикатор, дека има нешто гнило во некоја јавна набавка, кога власта ја одолговлекува реализацијата на доделените договори за јавни набавки и доцни со исплата на парите. И гаталците и паталците убедуваат дека тука обично се работи за нагодување за „аванта”. Многу од сомнителните работи тешко се докажуваат, но, јавна тајна е дека јавните набавки се омилена алатка за финансирање на партиите. Барем така се вадат оние што тоа го одработуваат, затоа што веројатно кога бараат за партијата, немаат грижа на совест дека се арамии, за разлика кога би рекле „дај ми за мене”.

Да потсетам дека најотворено, прв за оваа тема, преку Фокус проговори осудениот за „црковно мито” екс-градоначалник на скопски Аеродром, Кирил Тодоровски. Според приказната на Тодоровски, веднаш откако бил избран за градоначалник, во 2005-та почнало рекетирањето од неговите вмровци. На пример, се организира курс за градоначалниците во Охрид, и сметката е толку колку што е, ама „ќе ви дадат фактура со 10 пати поголема сума и таа фактура треба да ја платите од општинската каса”, раскажуваше Тодоровски. Или, со име и презиме тврдеше дека Миле Јанакиевски, во тоа време како директор на „Водовод и канализација”, му кажувал „да потпише договор за таа и таа фирма за рекламирање за околу 10.000 евра“.

Тодоровски апострофираше дека токму околу јавните набавки добивал инструкции, што и како да направи. „Асфалтирам некоја улица, и тоа чини 100.000 евра. И од тие пари бараа дел. Не од мене директно, туку бараа на тој да му се јавам и да му ја кажам работата, но реков дека тоа нема да се случи”, гласеше сочниот исказ на тогаш непослушниот градоначалник, кој делумно ја скицираше шемата по која се „заработуваат” парички преку јавните набавки!

Оваа исповед на нивниот сопартиец, сепак беше мудро одмолчена од Груевци. Веќе споменав дека и Јове Кекеновски наведе сличен пример, без да го идентификува „апашот”. Тој напиша дека „претседателот на една мала партија од етнички ков им барал по 10.000 евра на функцонерите што во поделбата на колачот на власта им припаѓа“. Се разбира, парите се божемна помош за партијата. Оние што ќе одбијат, бидуваат разрешени. Кекеновски не наведува повеќе детали, па дилемата е за која од помалите етнички партии станува збор. Секако, јасно е дека е од коалиционерите на Груевски, бидејќи појаснува дека „пред неколку дена на предлог на владината кадровска комисија, експресно бил разрешен директорот на оваа новоформирана институција”. Се разбира, затоа што директорот одбил да му даде „аванта” на лидерот!

МИСТЕР ТЕНДЕР И МИНИСТЕР ФИФТИ-ФИФТИ

При јавните набавки, една од неспорните работи, но, главно во неофицијалните муабетења, се провизиите. Некои велат дека се 5 отсто од вредноста на зделката, други министри ги биеше глас дека тарифата им е 10 отсто, а сега некои проценуваат дека има случаи кога достигнува и до фрапантни 50 отсто. Прв кој беше „стегнат” за провизија беше Васил Тупурковски за тајванскиот проект. Го прозиваа социјалдемократите во опозиција, а тој, пак, се правдаше дека провизијата ќе биде за филхармонија, болница и слични општонародни проекти.

Вторпат, провизијата стана јавен случај при тендерот за пасоши тежок 23,4 милиони евра во времето на владата на Бучковски. Тогаш дознавме дека извесна фирма од Виена ќе ја добие провизијата, ама и дека дел од парите ќе завршат на адреса на една домашна фирма за лобирање во Македонија. Ни објаснија барем, дека провизијата била нормална работа, но, само меѓу „понудувачот и консултантот”, а не и за оние кои одлучуваат. Така денес се вади и екс-директор на ЕСМ, Панде Лазаров, обвинет за земање провизија при набавка на опрема за изградба на централи во Македонија. Пред судот се бранеше дека парите од странските фирми не биле провизија, туку надомест за консултантски услуги!

Сепак, Панде Лазаров е меѓу ретките што заради провизија заглавија во притвор. Многумина кои ги биеше глас како „мистер 10 отсто” или „министер фифти-фифти”, немаа никакви проблеми. Дали ќе се спаси и „Минстер тендер”, како што гласи чаршискиот прекар на еден министер од блискиот круг на Груевски, ќе дознаеме дури кога оваа гарнитура ќе си замине од власта. Јове Кекеновски сугерира и јавно да се проговори за процентот на исплатени средства, популарно наречен аванта или рекет, кои министрите и нивните пајташи им ги бараат на разните фирми што соработуваат со министерствата. Токму тој посочи дека процентите растат како квасец. За да им ги исплатат парите што министерствата подолго време им ги должат на некои фирми, рекетот достигнувал и до фантастични 50 проценти!!!

„Проверете колку најголемиот коалициски партнер, односно, министерот што го раководи ова министерство што е формирано пред десеттина години ( ќе да е за екологија, н.з.) му побара и му ги зема на лицето А.М.Љ (???). Проверете колку му бараат за да му ги пуштат и другите средства што му ги должат? Немаат усул, па уште му се закануваат на човекот”, веќе напиша Кекеновски.

Разбирливо, сите за оваа ендемска појава говорат и пишуваат воопштено. Лично засегнатите или жртвите на рекетот, по правило молчат, за да не си ги затворат вратите за некој иден бизнис. Дури и во истражувањето на ЦГК, во кое е гарантирана нивната анонимност, стои дека не се жалат на матните тендери од страв и притисоци во бизнисот.

И Павле Трајанов, барем кога беше во опозиција, изјавуваше дека фирмите кои конкурираат на тендер, прво плаќаат да бидат избрани, а после плаќаат за да им биде исплатено за извршената работа, од 5 до 10 отсто од вредноста на зделката.

Пред изборната 2006-та, по митинзите и Груевски говореше за провизиите, ама за сдсмовците. Тогаш тврдеше дека со неиздавање лиценца за трет мобилен оператор, Телекомот создава профит од 120 милиони евра годишно „за некој да земе провизија, затоа што не дозволил конкуренција”. Патем, во опозиционите денови, како можна корупција во сдсмовската влада тој ги сметаше дури и набавките и реновирањето на седиштето на ДУИ во Скопје, што го беа процениле на приближно четврт милион долари. „ДУИ е богата партија и нема објаснување или транспарентност за нивните финансиски трансакции”, размислуваа „лавчињата” додека беа во опозиција. Денес, пак, кога се власт, си имаат поинакви аршини за транспарентноста на нивните финансиски трансакции.

Во секој случај, тендерите, сомнителните набавки, провизиите на оваа власт ќе бидат само уште една тема за чешање јазици. По правило, дури после нивниот пад, ќе се отворат случаи. Ако Војо и Ламбе беа најпознатите скалпови со кои се перчеа Бранко, Хари и Бучко во битката против корупцијата (демек, еден директор на Фонд за здравство и еден директор на ЕСМ), тогаш Груевски ептен ги дигна стандардите ем нивото. Со обвинение и пресуди со казни затвор од претходната влада, денес се еден премиер, Бучковски, директор на УЈП, Петра Митева, и панданот на Ламбе – Панде Лазаров.

Она што единствено ме скокотка како непознаница, е прашањето: кој од сегашните преродбеници ќе биде во денешната кожа на Бучко, кој ќе биде Петра, а кој ќе ја има среќата, „а ла Заев“, да биде амнестиран, ама сега од Ѓорѓи Иванов. Во меѓувреме, кај да е, ќе ни пристигне некој Едвард Џозеф, колку да го забрза темпото на познатото драмско дејствие!

Октоподот на Бранко и октоподиштето на Грујо
НЕКОИ ФУНКЦИОНЕРИ СТАНАА АПАШИ НАД АПАШИТЕ

Д-р Јове Кекеновски проговори за „сѐ поголемата корупција, која подолго време е присутна и видлива кај функционерите што сега се на власт”. Уште понародски, во својата колумна, тој го означи тоа како безмилосно крадење на државата и граѓаните.

„Во своето крадење, еден дел од актуелните функционери ги надминаа ненадминливите сдсмовци. Станаа апаши над апашите”, поентира Кекеновски и бара сечење во корен на краците на ова „октоподиште”.

Меѓу неколкуте примери, без да ги идентификува актерите, иако тука барем се насетуваат, Кекеновски ќе посочи  за „очигледен криминал на директорот што градеше, а денес управува една од спортските сали во државата”. Приказната оди вака: претседателот на Надзорниот одбор не се согласил да потпише документи со десеттина пати зголемени цени. Си дал оставка и веднаш бил назначен нов, кој експресно потпишал се што треба. Иако ова било обнародено, никој не реагирал. Хм, можеби нешто ќе бидне… ама, еден убав ден!

Тарифи
КОЛКУ СЕ ПЛАЌА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКО МЕСТО?

„Најопасната работа” што ја откри лани во интервјуто во Фокус, барем така ја окарактеризира самиот Кирил Тодоровски, беше податокот дека уште пред да биде кандидиран за градоначалник во 2005-та, морал да уплати пари на одредена жиро-сметка, на име на фирма во Софија. Иако не ја прецизираше сумата, тој нафрли дека „тоа не беа мали износи”. Поточно, го објасни тоа како некаква донација на таа сметка во Бугарија. Не сакаше да го открие идентитетот, туку само додаде дека е „на еден висок партиски функционер”. Сепак, прати порака дека има доказ за тоа.

Дека купувањето и продавањето на кандидатура за градоначалник, советник, пратеник или друг функционер, е функционална направија, тврдеше во колумната и Јове Кекеновски. Тој дури ја конкретизираше сумата. Цената за едно градоначалничко место во околината на Скопје, додуша од една мала партија на етничка заедница во коалицијата на Груевски, сега, во 2009-та, достигнала „фантастични 20.000 евра”. Машала… Ете го напредокот!

Директорски кариери
ШУМИТЕ СЕ И НАШЕ ПАРТИСКО БОГАТСТВО

За ЈП “Македонски шуми”, СДСМ во предизборието тврдеше дека целосно е ставено во функција на кампањата на владеачката партија. Како факти, презентираа снимки од шумското стопанство Караџица-пункт Драчево, дента кога ВМРО-ДПМНЕ правела митинг во Струмица. Тврдеа дека само тој ден автобусите што превезувале партиски војници биле наполнети со околу 30 тони нафта од пумпата на шумското стопанство, или, во евра, околу 20 илјади се одлеале од ова јавно претпријатие само тој ден за изборната кампања на Груевци. Нивната математика, на крајот финишираше со проценката дека околу еден милион евра од „Македонски шуми“ завршиле како поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.

Деновиве, некои медиуми јавија дека и Државниот завод за ревизија во последниот извештај нашол еден куп забелешки за работењето на Македонски шуми. Беа наведени, на пример, незаконски јавни набавки и исплати на пари од благајната, без постоење на уредна и веродостојна документација.

Директор, пак, на Македонски шуми од 2006-та е Владимир Бахчовановски. Но, кучињата лајат, карванот си врви. Бахчовановски неодамна доби нова директорска функција, во ЈП за станбен и деловен простор. Патем, велат дека Бахчовановски има донирано 200.000 денари за кампањата на Ѓорге Иванов. Очигледно, кога си директор, се е лесно!

Бисери
СПОРТСКИТЕ САЛИ ПОД КОНСТАНТНА ИСТРАГА

„Спортските сали” со кои толку се гордеат „преродбениците”, постојано се предмет на истраги и ревизорски забелешки. Како своевиден бисер може да се третира најавата од антикорупциската комисија на почетокот од оваа година, дека ќе поведе иницијатива до обвинителството за случајот „35 спортски сали”, за поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт од времето на Георгиевски. Тогаш се јавија од обвинителството, изненадени што ваквата иницијативност на Мирјана Димовска доаѓа по цели 5 години откако веќе за Игор Ѓоргиевски и шестмина други лица била комплетирана истрага која се водела од 2003-та. Дури, демек, постапката била во фаза на изготвување на обвинение. Како втор бисер е тоа што во изминативе шест месеци, сѐ уште не слушнавме дека обвинението е готово!?

И трет бисер е веста што деновиве беше објавена во печатот, дека „Спортските сали” добиваат третман на матна зделка, која најверојатно ќе бидат предмет на контрола на надлежните институции. Таков расплет се предвидува по читањето на најновиот извештајот на ДЗР за Агенцијата за млади и спорт од поново време. Финансиските извештаи за овој владин проект, „35 спортски Сали”, проценет на околу осум милиони евра, беше наведено дека не ја прикажуваат вистинито и објективно состојбата. Е, најголем бисер ќе биде ако повторно се заврши како ептен ништо да не се случило!

Јани Макрадули
НЕМА МЕХАНИЗАМ ЗА КОНТРОЛА НА ТРОШЕЊЕТО НА ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ

Зошто Владата се претвори во пералница на пари? Сведоци сме на владини кампањи за стотици проекти кои никој не знае колку чинат. Нивната реализација е мистерија. За жал, се подзаборавија проектите „компјутер за секое дете”, ТЕЦ Неготино и бројни други „стари” случаи и скандали. Не само граѓаните, туку ниту Собранието не знае како се троши буџетот кој го гласаме. Нема таков механизам за контрола на трошењето на парите на граѓаните. На страна од тврдењата на опозицијата, аргументите ги базираме исклучиво на тврдењата и наодите на државните институции: ДЗР, Внатрешна ревизија на Министерството за финансии, Буџет на РМ, прераспределба на буџетски средства во 2007 и 2008 година”, одговори Макрадули за Фокус, наведувајќи повеќе спорни и матни зделки врзани за Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура, МВР, Агенцијата за млади и спорт, ЈП за станбен и деловен простор..!

Поврзани новости