Зошто Коце гради со фирмата „Бауер БГ“, која од најевтин тендерџија редовно станува најскап градежник?

by Фокус

Текстот е објавен на 5 октомври 2012 година во неделникот „Фокус“.

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Власта на ВМРО-ДПМНЕ барем гради, треба да се запрашате каде одеа парите на граѓаните во времето на СДСМ? Ова најчесто е контрапрашањето што властодршците го поставуваат кога сте љубопитни за тоа, дали имаше потреба да ги удрат сите оние темели и да ги пресечат стотиците црвени ленти пред камерите. Практично, тоа е една замена на тези со која се избегнува да се одговори: зошто некој објект или улица се драстично поскапи од што беа првично најавувани, а најпластичен пример за тоа е изјавата на премиерот Никола Груевски дека проектот „Скопје 2014” ќе чини 80 милиони евра, иако веќе одамна околу Вардар „се удавени” неспоредливо повеќе пари!

Тезата оти „барем се гради” страшно потсетува на флоскулата која обично ја зборуваат луѓето, кои и ден-денес се колнат во комунизмот и дома чуваат по една фотографија од маршалот Тито. Тие велат дека она што го изградиле комунистите, ние, новите генерации, не сме можеле ниту да го варосаме. Тоа е истата замена на тези со која се покриваат останатите прашања за тоа кој пиел, а кој плаќал во процесот на „ѕидање на државата”. И затоа денес, наместо конкретни одговори, ќе добиете билборди по скопските улици на кои пишува дека „сите сме нервозни кога се гради, ама потоа, исто така, на сите ќе ни биде поубаво”!

 

НЕПРЕДВИДЛИВИ ТРОШОЦИ

Сакале или не, властите се обврзани да ги објавуваат барем деталите во врска со договорите за градење преку сајтот на Бирото за јавни набавки. И доколку на овој веб-сајт се задржите околу активностите на Градот Скопје и забревтаниот градски татко Коце Трајановски, ќе забележите, во најмала рака, интересни податоци.
Во рок од еден месец, во периодот од август до септември годинава, Градот објавил два анекс-договори со градежната фирма „Бауер БГ”. И, доколку малку повеќе се истражи, ќе се види оти во последниве две години администрацијата на Трајановски склучила, сѐ на сѐ, пет анекси со оваа компанија кои ги зголемуваат салдата на првично договорените суми.

И пред да почнеме со анализа на овие зделки само ќе потсетиме што Центарот за граѓански комуникации, организација чија мисија е да следи како се трошат парите на граѓаните, напиша во врска со ваквите анекси кои официјално спаѓаат под категоријата на постапки за преговарање без претходно објавен оглас.
Центарот предупредува оти во овие постапки, кои, иако се законски, не е обезбедена ниту минимум транспарентност. Зделките склучени на ваков начин популарно се наречени договори во четири очи, а една од причините поради која може да се користат е случајот кога од непредвидливи причини се зголемиле трошоците за изградба. Такви се и случаите за кои ќе зборуваме.

Имено, при крајот на ланската година, Град Скопје на тендер ја избирал фирмата „Бауер БГ” за да реконструира дел од улицата која поминува покрај Француските гробишта, сѐ до американската амбасада на Кале. Единствен критериум на тендерот била најниската цена и затоа „Бауер БГ” со понуда од 500.000 евра ја победува конкурентската понуда од 507.000.

Арно ама, откако овие градежници почнале да ја подновуваат улицата, забележале дека треба да вградат крупнозрнест чакал, зашто претходниот материјал немал задоволителна носивост. Башка, имало и дополнителни оштетувања на улицата бидејќи се поправала канализацијата.
Токму поради тоа, годинава Градот и „Бауер БГ” склучиле анекс-договор, со кој градежната компанија добива уште 66.000 евра за да ја финишира реконструкцијата. Ако се собере основниот договор со анексот, излегува оти на крајот понудата на „Бауер БГ” излегла поскапа за неколку десетици илјади евра.

Исто така, лани, Град Скопје со истата компанија се договорил да се реконструира дел од улицата која минува крај Католичката црква во центарот на Скопје. И на овој тендер победила „Бауер БГ”, со тоа што имала понуда од милион и 357.000 евра, наспроти единствените конкуренти кои предложиле цена од милион и 373.000.
Арно ама, и на оваа улица работите не оделе мазно како што се предвидувало, и покрај другите непредвидени работи морало да се заменат канализациските цевки и да се менува трасата на водоводната мрежа. За да се покријат новите трошоци, Град Скопје одвоил нови 187.000 евра, со што понудата на „Бауер БГ” излегла далеку поскапа од онаа на конкурентите!

 

ДОПОЛНИТЕЛНАТА УБАВИНА НА МОСТОТ СИ ИМА ЦЕНА

Понатаму, во 2010 година Градот Скопје, исто така, соработувал со „Бауер БГ” на реконструкција на дел од улица близу Камник. Повторно, од сите три понуди на тендерот најевтината ја имала оваа компанија, која понудила 298.000 евра, додека најскапата од сите понуди изнесувала 353.000.
Овојпат се увидело дека материјалот на природната постелка на улицата не го задоволувал важечкиот стандард и морало да се дополни материјал. За оваа операција администрацијата на Коце Трајановски на фирмата преку анекс-договор и платила уште нешто над 84.000 евра со што повторно, по третпат „Бауер БГ”, иако победува како најповолен понудувач, на крајот излегува најскап градежник.

Оваа градежна фирма минатата година го добила и тендерот за реконструкцијата на мостот „Гоце Делчев”, но, според податоците на сајтот на Бирото за јавни набавки, компанијата била и единствена која се заинтересирала за овој проект, па така се договорила со Градот да ја направи оградата за некаде околу 364.000 евра.
Арно ама и за овој проект не одело се како што било планирано и морало дополнително единечните столбови да се врзуваат за постоечката конструкција и било неопходно да се постави заштитна маска на конструктивниот столб, која, меѓу другото, уште повеќе ќе го разубавела мостот.
За да се спроведат дополнителните работи, биле потребни уште 109.000 евра и „Бауер БГ” склучила анекс со градот на висина на оваа сума!

Тоа што е интересно за овој дополнителен договор е тоа дека неговата вредност е 29,99 отсто од цената на основниот договор, односно народски што би се рекло – за промил помал од законски дозволениот лимит! За петтиот анекс, пак, тој што се однесува на реконструкцијата на улицата „Салвадор Аљенде” на сајтот на Бирото за јавни набавки не успеавме да го најдеме основниот договор!?

И покрај тоа што оваа компанија често има потреба од дополнителни пари за да ја заврши работата откако ќе ја стартува, Градот Скопје не се откажува од нејзините услуги. Па така, „Бауер БГ” годинава на пример добила два тендери за изградба на кружни текови во скопските населби Чаир и Бутел, кои метрополата сега за сега ќе ја чинат повеќе од 700.000 евра!

 

ГАЗИБАБЛИИ

На веб-страницата на фирмата „Бауер БГ” стои дека оваа компанија се занимава со високоградба и со нискоградба, зашто вршат проектирање и инженеринг, додека изработуваат дури и секаков вид мебел. Тоа што е интересно е дека фирмата е формирана во последниот месец од 2005 година со седиште во скопската општина Гази Баба.
Таа 2005 година, скопскиот градоначалник Коце Трајановски ја трошеше првата година како прв човек на локалната самоуправа токму на Општина Гази Баба.

Дополнително, „Бауер БГ” во 2008 година победила на тендер во Општина Гази Баба во времето кога Коце Трајановски сѐ уште беше градоначалник на таа локална самоуправа. Фирмата добила нешто повеќе од 80.000 евра за тековно-инвестициски проекти.

Според податоците на Централниот регистар, газди се Горан и Благој Димитров, а вториот е запишан и како директор на компанијата „Бауер БГ”.
„Фокус” побара средба со директорот и косопственик, но тој ни објасни дека е надвор од државава и затоа преку имејл побаравме коментар на нашите дилеми. До затворањето на овој број од весникот не добивме повратен одговор, а не успеавме ниту да контактираме со скопскиот градоначалник Коце Трајановски, кој не одговараше на нашите повици, ниту, пак, врати на СМС-пораката што му ја пративме!
(забелешка: одговор има во текстот од наредниот број од весникот кој ќе го објавиме утре)

Дека навистина се зголемува бројот на договори склучени во четири очи, меѓу кои влегуваат и анексите, повторно констатираше Центарот за граѓански комуникации. Според податоците објавени во медиумите, во првите три месеци од годинава на договори во „четири очи” се потрошени дури 12 милиони евра, што е дури за една четвртина повеќе од лани.

Од сето тоа може да се заклучи дека можеби комунистите изградија толку многу што новите генерации не може да ги варосаат сите објекти од тој период, ама повеќе од сигурно е дека актуелните власти потрошија бајаги повеќе отколку што можат неколку генерации да проверат каде отишле парите!!!

Поврзани новости