Кој има дозвола за движење во полициски час: Земјоделци, административци, новинари, пекари

by Фокус

Владата денеска ја започна серијата информативни видеосесии со наслов „КОВИД-19, на која министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски и дополнителната заменичка-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска одговараа на актуелни прашања поврзани со најновите мерки за справување со последиците од инфекцијата.

Новите ригорозни забрани за движење, како што нагласи министерот Бектеши, се донесени со цел заштита на здравјето на сите работници и во насока на одржувањето на целата економија.

-Во таа насока, Владата усвои дополнителни мерки и заклучоци за работата на економските оператори за овој период и треба да се информираат сите компании, економските оператори во нашата држава дека тие што работат во прва смена треба да го организираат работниот процес согласно ограничувањата и посебниот режим на движење, а производствените капацитети кои работат и во втора, трета и четврта смена да го организираат својот начин на работа како и до сега, со издадени дозволи за движење од страна на работодавачот согласно пропишаниот образец – рече Бектеши.

Во врска со издавањето на дозволи за движење за време на т.н. полициски час, министерот Манчевски детално информираше за кои категории на граѓани дава дозвола МИОА и дали се опфатени и вработените во приватните фирми.

-Постојат различни категории и на приватни компании, за кои што на дел ние издаваме, но во поголем дел како што беше кажано самите компании, односно работодавачи издаваат на своите вработени и важно е да се знае дека може да се користи само за движење од домот до работното место и назад. Ако при контрола од МВР се констатира дека лицето се наоѓа надвор од наведената релација ќе имаат сериозен проблем – нагласи Манчевски.

Тој појасни дека дозволите за неограничено движење се однесуваат претежно на институциите кои имаат потреба да се движат кога трае забраната за движење, за медиумски работници кои имаат потреба од работа на терен, за вработени во мали пекари или бурекчилници, за вработени во погребалните претпријатија, како и за категорија на земјоделци кои имаат потреба да работат на нивните ниви за време на забраната за движење.

Во однос на прашање каква е постапката доколку граѓаните поради неодложни моментални здравствени проблеми имаат потреба од лекар, Петровска рече:

„Го имавме предвид ова, бидејќи во животот се случуваат и непредвидени работи, граѓаните немаат потреба да бараат на броевите 192, или да бараат дополнителна дозвола, туку тие треба да се упатат до најблиската болница и доколку бидат сопрени од теренските контроли доволно е да ја кажат точната локација на здравствена установа каде се упатуваат. Тие ќе бидат евидентирани и пропуштени, а полицијата ќе изврши дополнителна контрола дали лицето навистина се упатило на наведената локација“.

Поврзани новости