Повеќе од година ипол како Данела Арсовска седи на градоначалничката фотеља во Скопје, па уште во првиот момент направи кадровски промени и донесе и свои луѓе, но и луѓе блиски на опозициската партија, со оглед на тоа што тие ја донесоа на власт, па имаа договор и за политичка соработка.
Но, откако лани во септември „пукна“ тиквата меѓу актуелната градоначалничка и опозиционерите, тогаш еден по еден Арсовска ги разреши сите луѓе, кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу нив беше и Ѓоко Велковски, за кој претходно „Фокус“ објави дека како советник во скопската општина Чаир, истовремено ја извршуваше и функцијата генерален секретар на Град Скопје. Но, тоа не траеше долго, односно траеше се додека не помина љубовта меѓу опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска.
Во истиот момент, поточно три дена подоцна таа го разреши Велковски и на негово место го стави нејзиниот дотогашен шеф на кабинет, кој експресно стана нејзина десна рака, што може да се забележи и по тоа дека постојано е присутен на сите настани со неа.
Неговото официјално претставување беше на една од Седниците за советнички прашања на Град Скопје, каде тој се претстави со куса биографија, во која истакна дека по професија е економист и дека специјалност му е оданочувањето. Тој претходно работел во министерството за финансии во време кога премиер беше Никола Груевски.
Глигоров можеше да се забележи во нејзина близина и кога упадна на прес-конференцијата на поранешниот директор Златко Перински во просториите на „Водовод и канализација“, сакајќи уште еднаш да го обвини дека го местел тендерот од 136 милиони евра за пречистителната станица.
Сепак, и последните случувања не му идат во прилог на Генералниот секретар на Арсовска. Тој на една од седниците за советнички прашања од страна на „вмровците“ беше обвинет за семејно насилство.
Тие и преку писмено соопштение до јавноста истакнаа дека семејното насилство што го извршил генсекот на Град Скопје, според ВМРО-ДПМНЕ кои се повикаа на евиденцијата од министерството за внатрешни работи се случило во два наврати. Едното пред речиси 16 години, во 2007 година, а второто во 2017 година.
„Очекуваме јавноста да добие одговор дали е точно дека според евиденцијата на МВР, Зоран Глигоров, бил пријавуван за семејно насилство? Дали на 25.6.2007 година Глигоров е пријавен за тешка телесна повреда врз женско лице со иницијали Л.Г. нанесени преку повеќе удари и изненаден напад?
Второ, дали на 12.3.2017 година Глигоров е пријавен за нанесување на телесна повреда при вршење на семејно насилство врз Љ.Г. преку повеќе удари и изненаден напад?“,се наведуваше во соопштението на опозициската партија.
За него во јавноста се вртат муабети дека е „гласник на градоначалничката Арсовска“, кој во институциите е познат како „она што Зоки го говори Данела го мисли, тоа што од Зоки пристигнува Данела го куца“.
Пред неколку недели генералниот секретар повторно се најде во жижа на јавноста дека се физички се „пресметале“ со обезбедувањето во институцијата, по што од Град Скопје демантираа.
Глигоров, исто така во декември доби и јавна опомена и од АВМУ и од ЗНМ за неговиот непрофесионален и игнорантски однос кон новинарите, кога на една од прес-конференциите одби да даде одговори на новинарски прашања со образложение дека имал други обврски.
Ирена Мулачка