Велковски како советник во Чаир, именуван од Арсовска и за секретар на Град Скопје

by Fokus

Ѓоко Велковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој во моментот е советник во скопската општина Чаир, истовремено е именуван и за секретар на Град Скопје од актуелната градоначалничка Данела Арсовска во периодот кога таа стапува на функциja, неофицијално дознава „Фокус“.

Според документите со кои располагаме, во случајот постои конфликт на интереси, што е спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, каде се тврди дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција, која ја врши со други функции.

Нашите извори тврдат дека за овој случај веќе е поднесена претставка до Антикорупциска комисија. „Фокус“ се обрати до ДКСК, од каде ни потврдија дека веќе има поднесено претставка и дека постапката за овој случај е во тек.

Документите, исто така покажуваат дека Велковски како секретар на Град скопје зема плата од 50.000 денари, додека како советник во Чаир 18.000 денари.

Во финансиските извештаи може да се забележи дека тој донирал 50.000 денари  за изборната  кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, но затоа пак уште 108.000 денари донирал за последните локални избори, поточно за кампањата на Арсовска како независен градоначалник на Скопје.

Велковски на 1 септември, 2020 година бил избран за претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Чаир. Исто така во 2016 година бил кандидат за пратеник од матичната партија во втората изборна единица.

Тој во својот анкетен лист објавен на официјалната страница на Антикорупциска комисија, има наведено дека како личен имот поседува два автомобили „Ауди“ и „Цитроен Ксара“, како и кредит. Тоа е единствено што може да се види за неговата имотна состојба, но сепак никаде нема наведено дали  тој или неговото најблиско семејство поседуваат куќа или стан – всушност каде живеат?

За овој случај, „Фокус“ испрати неколку прашања и до Град Скопје, но до објавувањето на информациите, од таму не добивме повратни одговори.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости