Кој е Заре Милошевски, нов директор на АНБ?

„Фокус“ уште пред 3 месеци објави дека најсериозен кандидат за наследник на Виктор Димовски е Милошевски, кој важи за близок до Зечевиќ, а неговиот брат во минатиот период јавно го критикуваше претходното раководство на СДСМ на чело со Заев и го фалеше Црвенковски.

by Фокус

Владата на денешната седница за нов директор на Агенцијата за национална безбедност го назначи Заре Милошевски, кој на функцијата директор доаѓа од позиција на помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар во АНБ.

„Фокус“ уште пред 3 месеци објави дека Милошевски е најсериозен кандидат за наследник на Виктор Димовски, за кого при крај е процедурата за упатување на амбасадорска должност во Франција, што може да се искомплицира по скандалот со доделување на македонско државјанство на контроверзниот Олександар Онишченко.

Како што пишувавме, Милошевски важи за близок до генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, која во 2019 година се трансформираше во АНБ, со тоа што системите за прислушување се издвоија во Оперативно-техничката агенција.

Инаку, тој е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување на ВИП личности и објекти, додека нивниот трет брат, Милан Милошевски, своевремено беше директор на ГТЦ и вршеше други функции.

Што се однесува до Томе Милошевски, тој во изминатиот период често јавно ја критикуваше поранешната влада и раководство на СДСМ на чело со Зоран Заев, додека истовремено упатуваше пофални зборови кон неговиот претходник Бранко Црвенковски.

Некои исфрустирани ликови деновиве лиферуваа информации дека Црвенковски бил виновен што СДСМ катастрофално ги изгуби локалните избори. Точно е тоа, и јас мислам така. Тој е крив што ви ја остави партијата на тацна“, гласи еден од неговите фејсбук статуси, што го пренесоа медиумите.

Милан Милошевски, пак, своевремено бил директор на ГТЦ, но и имал други функции. Тој во 2003 година поднел оставка од функциите заменик претседател на УО на клинички центар и претседател на НО на македонски железници, за да ја избегне концентрацијата на повеќе функции.

Исто така, објавивме дека свој фаворит за нов директор на АНБ имал и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Станува збор за државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска, а во овој контекст се споменуваше и шефот на одделот за крим-полиција при МВР, Оливер Лукаревски.

Од Владата посочуваат дека новиот директор на АНБ е „посветен, доверлив и долгогодишен професионалец“, чија експертиза е во полето на спротивставувањето на насилен екстремизам, заштитата на уставното уредување и спротивставувањето со тероризмот.

Неофицијално, тој е избран за нов директор на АНБ по консултација со меѓународните партнери на државата, како и по препорака на моќна западноевропска амбасада, која периодов побара засилена борба против корупцијата во земјава.

Влатко Стојановски

Поврзани новости