Конзервативниот градоначалник на мал град во Унгарија, Петер Марки-Зај, ќе се спротивстави на унгарскиот премиер Виктор Орбан на изборите во април следната година. Тој во октомври најави дека, ако го „пензионира“ политички Орбан, ќе го екстрадира Никола Груевски во Македонија. Дека со изборот на Марки-Зај за градоначалник на Вашархељ, како лидер на граѓанското Движење „Унгарија на сите“ (МММ), здружената опозиција во Унгарија, политичката клима во земјата би можела да стане неповолна за поранешниот премиер Никола Груевски, се наведува и во анализа објавена на новинарската платформа „Репортинг Демокраси“.
Но, како што се наведува во текстот, според правни експерти, за да му биде укинат статусот на Груевски како азилант и за негова екстрадиција ќе треба повеќе од политичка волја и тој процес би бил многу комплициран и долг.
Неодамнешната анкета на Институтот за медиуми покажа дека околу 47 отсто од Унгарците сакаат промена на владата. На изборите во 2017 година опозициските партии собраа 51 отсто од гласовите, но не успеаја да го победат Орбан бидејќи не беа обединети. Овојпат е поинаку.
Конзервативен политичар, татко на седум деца
Новоизбраниот кандидат за премиер е конзервативен политичар така што на власта ќе и биде многу тешко да го престави како левичар, либерал и како продолжена рака на Џорџ Сорос. Секако дека ќе се обидуваат, но дефинитивно ќе биде потешко.
Марки-Зај е 49-годишен католик и татко на седум деца, кој се обраќа и до либералните и до конзервативните гласачи. Има дипломи по економија, маркетинг и инженерство. Привлече политичко внимание кога победи на изборот за градоначалник во 2018 година во неговиот јужен роден град, Ходмезевашархељ или попознат како Вашархељ, инаку упориште на партијата Фидес на Орбан.
Тој вети дека ќе ги обедини лево-десничарските Унгарци. Како антиелитист тој, исто така, водеше кампања за создавање коалиција на „чистите“, ветувајќи дека ќе ја елиминира корупцијата во Унгарија. Тој и лидерката на левичарската Партија на демократската коалиција, Клара Добрев, најавуваат заеднички настап на опозицијата и соработка, откако Марки-Зај ја победи на прелиминарните избори за кандидат на опозицијата на кои учествуваа 600.000 луѓе. Тој е неизвалкан од хипотеката на социјалистичко-либералната коалиција пред 2010 година, која беше поразена од Орбан, а не е поврзан ниту со некоја од главните партии формирани од падот на комунизмот во 1989 година.
Петер Марки-Зај има способност да ја привлече и опозицијата и разочараните од Фидес
Како градоначалник на Ходмезевашархељ/ Вашарељ од 2018 година тој успеа да стекне искуство во водење администрација и тивко изгради следбеници на национално ниво и силна мрежа на активисти. Тие се нарекуваат Движење за Унгарија за сите (МММ). Една од неговите предности е што, како поранешен маркетинг менаџер за мултинационална компанија кој живеел во САД и зборува неколку јазици, тој е добар говорник. Слабост му е што има мало искуство во работа со политички партии. Сепак, како кандидат за премиер на опозицискиот сојуз од шест партии, тој ќе мора многу тесно да соработува со нив.
По убедливата победа во 2010 година, Виктор Орбан го преобликуваше политичкиот и институционалниот пејзаж во Унгарија по сопствен вкус. Неговата партија Фидес доминира во клучните институции во земјата во пресрет на општите избори во април 2022 година.
Можеби една третина од унгарското население го поддржува Фидес, уште една третина ја поддржува опозицијата, но Петер Марки-Зај има способност да ја привлече и опозицијата и тие што недостасуваат – оние кои вообичаено не гласаат или кои се разочарани од Фидес “, изјави за Би-Би-Си Петер Акош Бод, поранешен гувернер на унгарската народна банка.
Тој се залага за составување тим на уставни експерти
Марки-Зај често го посочува неговиот роден град како микрокосмос на Унгарија.
Луѓето кои се кандидираат за функција во Ходмезевашархељ се оние кои нема да крадат од јавното ќесе, туку ќе работат за општо добро, порача тој во говорот пред една година.
Десничарскиот центар што е против Фидес му климна мудро со главата. Тоа се поранешни владини министри, новинари, теолози и политичари кои се чувствуваат политички „бездомници“ откако Виктор Орбан го пресели Фидес во правец на екстремната десница. Иронично, силата на Орбан денес работи во корист на опозицијата.
Марки-Зај наследи принудно братство на партии од различни тенденции за првпат по најмалку еден век, оценува Питер Акос Бод.
Тинк-тенкови и работни групи наклонети кон опозицијата ја подготвуваат новата владина програма, од здравство, образование до пензиите. Обединетата опозиција се согласи околу ставот дека Уставот од 2011 година, подготвен од Фидес, како и многуте клучни закони што ги протурка Фидес со двотретинско мнозинство, ќе мора да бидат поништени. Прашањето е како може да се направи тоа, ако не го уживаат потребното двотретинско мнозинство? Затоа, Марки-Зај се залага за составување тим на уставни експерти кои ќе работат на тоа. Тој исто така има согласност од другите опозициски партии да ја замени унгарската валута, форинтата, со евро што е можно поскоро, да ја прифати надлежноста на Европското јавно обвинителство и да го откаже ширењето на нуклеарната енергија одобрена од Фидес со руски пари и технологија.
Роберт Молнар, близок соработник на Петер Марки-Зај, споредувајќи го опозицискиот лидер со Виктор Орбан го опиша наједноставно:
Марки-Зај е искрен – и тоа е она што ни недостасуваше долго време во унгарската политика.
Марки-Зеј вети екстрадиција на Никола Груевски заедно со другите криминалци
Кандидатурата на Марки-Зеј би можела да биде тешка битка за Орбан на парламентарните избори следната година. Неговиот имиџ на семеен човек со христијанската религија е тежок за омаловажување, а може да биде интересен за огромен број неопределени гласачи, и во провинцијата и во Будимпешта. Орбан, практично, за првпат од 2010 година ќе се соочи со обединета опозиција, која се состои од социјалисти, либерали и претходно екстремно десничарскиот, сега десниот центар Јобик. Анкетите за јавното мислење прикажуваат изедначена трка меѓу партијата Фидес на Орбан и обединетата опозиција.
За екстрадицијата на Груевски , Марки-Зај не зборуваше на обичен настан туку на заедничкото одбележување со останатите опозициски лидери на Унгарската револуција од 1956 година. Во говорот Марки-Зај оцени дека на Унгарците им е доста од поттикнување омраза, дека целта на здружувањето на опозицијата е да да ја направат Унгарија земја во која има слобода на медиумите, слободен избор на учебници, локалните самоуправи да ја претставуваат слободната волја на граѓаните, па и кога тоа е спротивно на политиките на власта. Вети и пристап до досиејата на агентите по триесет години, како и екстрадиција на Никола Груевски заедно со „другите криминалци стационирани овде од Фидес“.
Истиот ден Орбан имаше митинг во Будимпешта на кој ги обвини Брисел и Вашингтон дека се обидуваат да се вмешаат во политиката во Унгарија и да влијаат врз исходот на парламентарните избори во април следната година.
С.Т.