Членови на ВМРО-ДПМНЕ осомничени за нелегално финансирање на партијата, обвинува СДСМ

by fokus

Предистражната постапка што ја отвори Управата за финансиска полиција води кон членови на ВМРО-ДПМНЕ кои се сомничат за нелегално финансирање политичка партија, обвинува СДСМ во соопштение до јавноста.

-Членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и таткото на пратеникот Јован Јаулески препродавале ниви во реонот на општина Делчево. Во јавноста со право се поставува прашањето дали парите од препродажбата завршиле во ВМРО-ДПМНЕ па затоа оваа партија веднаш се стави во заштита на Јаулески и неговиот татко? Не е првпат партијата предводена од Христијан Мицкоски да се финансира на нелегален начин, велат од СДСМ.

Како што објави „Фокус“, препродажба на нива во Делчево, на која требало да се постават фотоволтаици на ЕВН, е во центарот на истрагата на Управата за финансиска полиција, која во четвртокот изврши претрес во домот на таткото на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески.

Како што дознава „Фокус“ од свои извори, фамозната нива била купена за цена од половина евро за квадрат, од страна неколку физички лица, кои пак потоа наводно ја продале на ЕВН за неверојатни 400 евра по квадрат. Според нашите сознанија во аферата се вмешани висок службеник вработен во ЕВН, син на градоначалник, како и близок соработник и пријател на политички лидер. Во случајот пак ЕВН, се појавува како оштетена странка.

Но, освен наводната измама, истрагата, според нашите сознанија, допира и до нелегално финансирање на политичка партија за време на последните избори. Засега не ни е познато дали се обезбедени докази за нелегални трансакции кои ќе го потврдат овој сомнеж.

Детали за акцијата на Финансиска полиција: Дали преку профитабилна препродажба на нива се финансирала партија за изборите?

Поврзани новости