Анализа на „Репортинг Демокраси“: Безгрижните денови на Груевски во Унгарија можеби се прикрај

by fokus

Животот на поранешниот авторитарен премиер во Северна Македонија, Никола Груевски последниве три години изгледаше вака: бегалец од правдата во својата татковина и барател на политички азил во Унгарија, заштитен од унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Меѓутоа, со неодамнешниот избор на Петер Марки-Зај, конзервативен градоначалник на Вашархељ, за лидер на здружената опозиција во Унгарија, кој се смета дека има најдобра шанса да го порази долгогодишниот актуелен унгарски премиер на следните избори, што треба да се одржат во април 2022, политичката клима во земјата би можела да стане неповолна за Груевски, се наведува во анализа објавена на новинарската платформа „Репортинг Демокраси“.

Во анализата се потсетува дека Марки-Зај неодамна во објава на Фејсбук најави дека „ќе ги екстрадира криминалните мигранти кои ФИДЕС (партијата на Орбан) ги донесе во земјата: Никола Груевски од Северна Македонија, Заид Нафа од Јордан и други“.

УКИНУВАЊЕТО НА АЗИЛОТ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОЛГ ПРОЦЕС

Но, како што се наведува во текстот, според правни експерти, за да му биде укинат статусот на Груевски како азилант и за негова екстрадиција ќе треба повеќе од политичка волја и тој процес би бил многу комплициран и долг.

– Во демократска држава базирана на владеењето на правото, ниту една влада, ниту еден премиер, немаат право некому да му го одземат статусот на бегалец, изјави Андрас Ледерер, претставник на унгарскиот Хелсиншки комитет, задолжен за мониторинг на човековите права.

Но, и покрај тоа, според авторите на анализата, постојат правни начини да му се укине статусот на азилант на Груевски, бидејќи Националниот генерален директорат за управување со странци на Унгарија, на секои три години ги проверува бегалските статуси.

– Тоа е всушност една нова процедура за азил, во која подносителот мора да докаже дека сè уште постојат причините поради кои му е одобрен азилот. Врз основа на доказите, властите може да одлучат дали ќе го продолжат азилот или ќе го укинат, објаснува Ледерер.

Во анализата се потсетува дека Груевски „стигна во Унгарија на 11 или 12 ноември 2018 година, за да избегне отслужување на двегодишна затворска казна“, по што уште истиот месец доби азил по итна постапка, која „многу критичари ја сметаа за мошне контроверзна и како личен гест на добра волја на Орбан кон неговиот политички сојузник“.

– (Груевски) во својот ракав криеше ас – мислење на Комисијата за заштита од дискриминација кое го добил кратко пред да избега и во кое се тврдеше дека бил дискриминиран и дека нема да добие фер судење во неговата држава. Иронија е тоа што оваа Комисија беше избрана во времето кога партијата на Груевски беше на власт и предводена од неговиот силен поддржувач – Александар Даштевски, се додава во текстот, при што се потсетува дека барањето за азил во Унгарија беше одобрено за помалку од 10 дена.

ГРУЕВСКИ МОЖЕ ДА ПОДНЕСЕ ЖАЛБА ДО УНГАРСКИОТ СУД

Во анализата се нагласува дека унгарски невладини организации, како Хелсиншкиот комитет, биле изненадени од брзото одобрување на барањето за азил на Груевски, посочувајќи дека на имиграциските власти во Унгарија вообичаено им требаат околу 60 дена за да одлучат за такви барања, кои најчесто ги одбиваат. Тие потенцираат дека во 2018 година, Унгарија им дала азил на 68 лица, а одбила 595 азилантски барања.

– Но, дури и ако азилантскиот статус на Груевски во Унгарија биде укинат, тој би можел да поднесе жалба на одлуката до унгарски суд, се додава во анализата.

Во текстот се потсетува дека Суд во Унгарија во 2019 година веќе одби барање од Северна Македонија за екстрадиција на Груевски, тврдејќи дека „лице препознаено како бегалец не може да биде екстрадирано во државата од која побегнало“.

– Во нов процес, ако има ново барање за екстрадиција од Северна Македонија, и ако Груевски веќе не биде сметан за бегалец, тогаш би можел да биде екстрадиран. Но, унгарски суд мора да одлучи дали во татковината ќе има фер судење, објаснува Ледерер, додавајќи дека целиот процес би можел да потрае со месеци, ако не и со години.

Во анализата се нагласува и дека некои унгарски медиуми, како сајтот 24.hu, шпекулираат дека во случај да му биде укинат азилот во Унгарија, Груевски „би можел да реши да се пресели во Турција или Русија“.

ПОЛИТИЧКИОТ ЗЕМЈОТРЕС МОЖЕ ДА ГО ВРАТИ ГРУЕВСКИ ДОМА

Анализата е објавена пред неуспешниот обид на опозицијата да изгласа недоверба на владата, но сепак како шанса Груевски да се врати дома, се гледа тоа што неговата партија по четири години во опозиција може ја врати власта.

Новинарската мрежа анализира дека Груевски треба да биде внимателно и да размисли дали треба да се врати и цитира извор од Министерството за правда којшто вели дека правно гледано, ако Груевски одлучи да се врати ќе мора веднаш да биде приведен и да биде испратен на отслужување на двегодишната затворска казна.

Освен затворската казна, Груевски има и уште неколку судски постапки во којшто е обвинет, а во некои и осуден во отсуство. За Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сите овие случаи се политички монтирани, а во анализата се цитира и извор близок на претседателството на ВМРО – ДПМНЕ кој вели дека тврдењата дека ако ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт, ќе се врати и Груевски се само лажна слика која ја насликала СДСМ.

На директно прашање дали ВМРО -ДПМНЕ ќе бара поништување или повторно разгледување на случаите против Груевски и другите поранешни членови доколку се вратат на власт, изворот останал на партиската линија дека: „сведоци сме на многу политички мотивирани случаи во изминатите неколку години. , така што секако има потреба од вистински реформи во судството“.

Сепак, тој инсистирал на тоа дека неговата партија не може и не сака да влијае на судскиот систем на земјата, туку само да ја олесни атмосферата во која тој може да работи независно.

Поврзани новости