Загриженоста за политичките случувања во Македонија е главната причина поради која Берлин испраќа специјален посредник во земјата. Германскиот пратеник, Јоханес Хајндл од сега ќе работи заедно со Европската комисија и САД за решавање на политичката криза во Македонија.
-Внатрешната политичка ситуација во Македонија е причина за загриженост во Германската федерална влада.Затоа министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер одлучи да го именува амбасадорот Јоханес Хајндл, како личен пратеник за состојбите во Македонија- изјави денеска портпаролот на министерството за надворешни работи во Берлин, Мартин Шефер.
Инаку, Хајндл е роден во 1956 година во Минхен. Тој бил новинар, дипломат, а од јули 2015 година е амбасадор на Германија во Австрија.
Претходно, тој бил шеф на политичкиот оддел и претставник во Комитетот за политика и за безбедност (ПБК) на Постојаната мисија на Германија во Европската Унија.
Тој бил вработен во германската амбасада во Југославија, потоа преку размена на претставници бил во американскиот Стејт департмент, а потоа и заменик-шеф на Специјалните сили за Западен Балкан при германското МНР.
Хајндл помеѓу 2001 и 2004 година бил шеф на одделот за Западен Балкан, а потоа до 2006 година бил претставник за Југоисточна Европа и за Турција во Министерството за надворешни работи, пред да биде назначен за заменик-шеф на Мисијата во САД од 2009 година
Од 3 септември 2009 година до 2011 година тој бил амбасадор во Чешка, а од јули 2015 година е германски амбасадор во Австрија.