Тројца Македонци се појавија на интернет страницата на Меѓународниот конзорциум на новинари истражувачи, каде вечерва беа објавени податоците од скандалот наречен „Панама Пејпрс“.
Роланд Златку, Слободан Спасовски и Александар Пановски се имињата кои се најдоа во Панама документите.
На шемата на интернет страницата Пановски се поврзува со компанијата „Ориент Оил и Гас Лимитед”, која е регистрирана на адреса на Британските Девствени Острови. Имено, како што пишува, тој е директор и акционер во овој офшор субјект од 8 јуни 2009 година.
Името на Слободан Спасовски се поврзува со компанијата „Фисн Дел Лимитед”, регистрирана на Сејшелските острови, додека Роланд Златку е поврзан со компанијата „Енистон Девелопмент корпорејшн”, со адреса во Шангај, Кина, а регистрирана на Девствените острови.
Инаку, во аферата „Панама пејпрс” беа објавени податоци за повеќе од 200 000 офшор компании. Базата на податоци е од правната фирма „Мосак Фонсека“, еден од главните играчи во офшор бизнисот и содржи информации за 21 даночен рај од целиот свет и за лица од повеќе од 200 земји.
Засега аферата „Панама пејпрс“ резултираше со оставка на премиерот на Исланд и на шпански министер.