Кои обвинители во Советот гласаат против Катица?

by lali 12:55
12:55

Шестмина обвинители во Советот на јавни обвинители се спротивставуваат на обидот на Катица Јанева да го оформи тимот со уште седуммина обвинители. Иако имаше обид на последната седница да се стави точка на дневен ред изборот на обвинителите, односно да се испочитува Законот за специјално обвинителство, сепак мнозинството членови во Советот, или шест од вкупно 11 се спротивставиле одново да се зборува за специјалното обвинителство. Со проценка дека доволни и се само седум обвинители на Јанева тие останале на ставот дека нема потреба да се отвора точката. Извори од обвинителството посочуваат дека во таа група очекувано се обвинителите кои меѓу своите колеги важат за блиски до власта, некои од нив и се избрани директно од партиите на власт.

Очекувано, против дополнителен број членови во специјалното обвинителство, гласал државниот обвинител Марко Зврлевски кој во Советот членува по фуникција. Инаку тој на функцијата е избран со гласови на партиите, од тие на власт. Затоа неговите коментари дека специјалното обвинителство е политички избрано не се аргументирани, оти и неговиот избор и идентичен, со тоа што за него гласале само партиите на власт, а за Јанева сите партии. Потоа, во неговиот „тим“ е Петар Аневски, претседателот на Советот кој исто така во јавните настапи сака да увери дека нивниот избор за преполовено специјално обвинителство е исправен. Но и неговиот коментар дека нема да слушаат партиски наредби е нелогичен оти најмалку тројца од шестемина кои гласааат против Јанева, се избрани преку Собранието што значи преку политичките партии. Извори на Фокус пренесуваат дека другите четворица се кријат во имињата на Зоран Сулејманов, Сашо Василевски, Костадин Кизов и Олга Јорданова.

- Advertisements -

Останатите петмина обвинители кои гласале точката да се стави на дневен ред, иако препознаваат кршење на Законот за специјално обвинителство, јавно како да не сакаат да излезат и да дискутираат. Едноставно, нашите извори пренесуваат, дека и таа група која е похрабра на седниците мора да ја почитува хиерархијата во обвинителството, па затоа во јавноста продираат само ставовите на претседателот Аневски, кој слушнавме какви ставови има.

На крајот, сепак партиите ќе бидат тие, особено владејачките, кои што ќе мора да притиснат да се изберат уште седуммина обвинители за Јанева, колку сакале во Советот да негираат дека нема да работат по партиски наредби. На крајот, ако притисокот на странците се зголеми, како што има тенденција, тогаш ВМРО ДПМНЕ ќе мора да ги построи „своите“ обвинители и да им сугерира како да гласаат. Само тогаш да не бидат приморани да ги гласаат повторно истите седум имиња кои претходно ги отфрлија? Како тогаш ќе го покријат срамот? Но кого и да изберат, и други седум да се, a не истите кои не поминаа, како обвинителите ќе застанат против своите аргументи дека само пола од тимот и е доволен на Јанева? А таквиот став мора да биде променет ако навистина се сака решение или излез од политичката криза.

Дополнително обвинителите го проблематизираат законот од уставен аспект. Но, Законот за специјално обвинителство никако не може да биде противуставен. Колку и да се судиите во Уставниот суд наклонети кон власта, сепак нема да смеат да си го дозволат тоа- да го прогласат за прпотивуставен. Имено, аргументите кои одат во прилог дека законот е уставен се нговите три основни постулати, прво, дека е лимитиран на кои кривични дела се однесува, а тоа се тие поврзани со прислушувањето, второ, обвинителите се избираат на определен рок, значи времено се ограничени до кога ќе можат да покренат обвинение, третото и најважното, откако ќе биде покренат обвинителен акт судскиот процес ќе си тече по редовна судска постапка. Со тоа нема да се наруши функционирањето на редовното јавно обвинителство. На ум мора да се има и тоа дека специјалното е производ на успаноста и партизацијата на редовното обвинителство.

Поврзани новости