Кои ќе бидат македонскиот Санадер и Мишковиќ?

by Фокус 17:30
17:30

Текстот е објавен на 21 декември 2012-та во неделникот „Фокус“ број 912

Пишува
Јадранка КОСТОВА

- Advertising -

Партиите ја освојуваат власта со ветените соништа за економска благосостојба. Година две потоа, јаваат на бранот на чистење на корупциските валканици на претходниците. И ако владеењето им се погоди, па потрае троа повеќе од еден мандат, доаѓаат до своевиден ќор-сокак зашто нема веќе туѓи скалпови за окачување на олтарот на антикорупцијата. Тогаш нормата ја набиваат со големи акции, ама според бројот на уапсените, а не според „квалитетот” на грешниците.

И кога економијата не ја бива, ама можат вербално да се затскријат зад светската криза, тогаш следува џокерот-спасител за власта, се наметнува националната идеологија, се брани нација, држава, знаме, химна, се бркаат непријатели, кои, пак, самите вербално си ги размножуваат како глувци. А да се биде националист, како што тоа убаво го срочил Данило Киш, значи да бидеш без обврски, можеш да правиш сешто. А не мораш да одговараш за ништо!

Арно ама, секоја аздисана власт, опиена од победите и „победите”, почнува да верува и дека може со народните пари да прави што сака и дека нема да одговара за злоупотребите. Само затоа што додека е моќна, а кога може и најцрното да го прикаже како бело, се вознесува до забеганост дека така ќе остане за век и веков.

Овие шеми се како пресликани во сите транзициски балкански државички. И ние го следиме истиот филм во живо, го живееме со сите сетила. Вмровците како да имаат вградени чипови со меморирани фајлови – колкав рејтинг имаат, колку избори добиле, колку се чесни оти „независното” правосудство така ги третира. И тоа го верглаат како главна преродбеничка мантра, небаре таа ќе ги амнестира во некоја блиска или далечна иднина.

А токму ваквата чудесна филозофија ме инспирираше да потсетам дека се чудни патиштата господови или, што би рекле соседите „ничија није до зоре горела”!

ПРЕПОЛОВЕН РЕЈТИНГ ЗА САМО ДВА МЕСЕЦА

Веројатно сега некому му изгледа како невозможна мисија, но, сепак, искуства покажуваат дека семоќните и популарни државни лидери, чии рејтинзи лудувале до небо, можат безмалку за миг да се урнисаат. Она што со години, па и со децении било успешно забошотувано, наеднаш да експлодира како мегакорупциска бомба.

Оние што мислеле дека никој ништо не им може, оти добро се заштитиле со разно-разни „панцири” за неколку генерации, биваат уништени за неколку месеци. За оваа намена ќе се послужам со два тазе примерока од бившите ЈУ простори. Едниот, Иво Санадер е поучна приказна за сите политичари, судбината на вториот, пак, Мирослав Мишковиќ е можен патоказ за слепа улица на моќните бизнисмени. Обајцата, согласно моќта што ја имале, верувам дека никогаш не помислиле дека може да ги снајде она што сега го живеат.

Иво Санадер имаше блескава политичка кариера во Хрватска две децении. Девет години лидер на партијата, шест години премиер и важеше за европски тип на политичар. Но, сега против него се водат повеќе судски процеси за корупција. Веќе е осуден на 10 години затвор за воено профитерство, а партијата чиј заштитен знак беше, сега се мачи на суд да ги побие обвиненијата за злосторничко здружување.

Мирослав Мишковиќ во 2007 година, магазинот „Форбс” го прогласи за најбогат Србин, тежок преку 1 милијарда евра. Во политиката влезе како потпретседател на владата на Милошевиќ, но многу бргу излезе формирајќи ја компанијата Делта М. И му тргна лудачки бизнисот. И кога Милошевиќ замина, уште повеќе.

А колку е променливо сѐ, пред една деценија се наоѓаше на американската црна листа. Потоа, седеше со претседателите и премиерите низ Балканот, а 2009 и вечерал со американскиот потпретседател Џо Бајден како гостин на претседателот Борис Тадиќ. Сега е во апс, ама и неговиот син, со сомнеж за злоупотреби тешки 30 милиони евра!

Заедничко за двете искуства, како заеднички именител е спојот меѓу високата политика и бизнисот, а преку финансирањето на партиите. Кога политичарите ја користат власта за полнење на партиските каси, ама и личните конта преку конекции со бизнис-фаци. Или обратно, кога тајкуните главно под маса ги финансираат политичарите, за да добијат потоа екстра бенефиции вредни многу повеќе од она што го фрлиле на политиката. И кругот е затворен. И волкот ист, и овците на број.

Ама доаѓаме до моментот кога по кругот, коцките ќе се спојат. И бива она што до вчера било научна фантастика. Со таа разлика што Санадер го доживеа шокот во време на неговиот кадровски премиерски пулен, Јадранка Косор. Сепак, моќната ХДЗ го почна слободниот пад кон „злосторничко здружение” уште пред тоа, без оглед што подобро котираше од опозицијата. И да, ги загуби изборите.

За рејтингот на Борис Тадиќ и моќта на неговата Демократска странка (ДС) не треба многу да се прикажува. Човекот на претпоследните избори направи и коалиција со наследникот на Милошевиќ, Дачиќ, само за да ја задржи власта. И со медиумски пи-ар го прикажа тоа како историско помирување. Парадоксално, но токму со тоа на последниот изборен циклус им го отвори патот на Николиќ и на Вучиќ и нивната Напредна странка, со истиот партнер и тоа како премиер, да стокмат нова влада иако СП беше третопласирана.

И така, сега Тадиќ не е веќе ни претседател на партијата, а верувале или не, ДС изгуби во маса за рекордно кус рок. Кога за два месеца рејтингот ќе падне на 17,3 отсто, тоа се вика елементарна непогода. Партијата на Вучиќ, пак, иако скокнала за само 2,5 отсто, сепак е речиси двојно повеќе – 32,6 (испитување од крајот на септември). И тоа сѐ со антикорупциската борба. Дваесетина предмети кои Брисел ги бараше да се испорачаат, ги активираше токму вицепремиерот Вучиќ. Меѓу кои е и капиталецот Мишковиќ, но и министри од претходната влада.

Ова само колку да го имаат груевци како примерок за тоа колку малку време треба за да се стопи митот за чесност, сосе рејтингот!

СЕ ТРЕСАТ БАЛКАНСКИТЕ ПРЕМИЕРСКИ КАБИНЕТИ!

За разлика од нашиот антички терен, пресудата против Санадер и апсот на Мишковиќ предизвикаа лавина коментари за ситуацијата во корупциската бара на Балканот. Ќе парафразирам дел од нив, колку да видите колку е исто сѐ.

Експертите од Босна и Херцеговина констатираат дека „додека во БиХ не се случат санадер или мишковиќ, ништо битно нема да се промени”. Според нивната „Транспаренси”, политичките партии и кај нив „дејствуваат по примерот на мафијата”. Нивна основна цел е контролата на јавните ресурси заради богатење на нивните членови. И таму, како и овде, властите вешто ги неутрализираат нападите за своите матни работи, тврдејќи дека нападот врз нив е напад врз етничката група на која и припаѓаат, или на државата.

Многумина веќе ја нагласуваат регионалната димензија на пресудата против Санадер. Германските медиуми наведуваат дека на југоистокот на Европа има уште „моќни политичари кои би отвориле доста работа за сериозни обвинители во истражувањата на врските меѓу политиката, корупцијата и бизнисот”. Виенски „Стандард” дури проценува дека „некои други балкански кабинети ги зафатила треска”.

„Казнениот прогон на Иво Санадер е уште поимпресивен, бидејќи се случи во систем во кој челниците одлучуваат за бизнис-договори, за известувањето на медиумите и за тоа кој се треба да добие работно место” – коментира Стандард, а како да ја имал за примерок Македонија.

Европскиот печат, дури забележува дека строги пресуди против „крупните риби”, па и против бивши шефови на влади, „присакуваат прилично голем број луѓе на политички безволниот Балкан”.

Всушност, веќе се усвои терминот санадеризација, преку кој се означува дека рибата се чисти од главата, од врвот.

„Важен сигнал е дека таквите особи, за кои се сметало дека се недопирливи, се изведуваат пред суд и се осудуваат. Се надевам дека и правосудствата во останатите земји од регионот ќе го следат овој пример” – коментира еден германски експерт, добар познавач на состојбите во југоисточна Европа.

Прогнози за санадеризација се слушаат и во Црна Гора. Сепак, откако Мило Ѓукановиќ победи и на последните избори, ваквите гласови барем изгубија на децимали. Но, опозицискиот печат потсетува дека Брисел очекува да види конечни пресуди за некои случаи, меѓу кои е и Телекомот, каде и Македонија е „пациент”. Таму, пак, велат може да се крие некој санадер. Оти и тие се убедени дека со нула санадери не се оди во Европа!

И во Подгорица предвидуваат дека по пресудата на Санадер и случајот Мишковиќ претстои многу интересен период на целиот Западен Балкан. Незамисливата сцена, дека некогаш семоќниот политичар е осуден заради мито и алчност на повеќегодишна затворска казна или најмоќниот и најбогатиот тајкун е во апс – конечно се случи!

Патем, деновиве Санадер го доби петтото обвинение. Овојпат за купување зграда за едно министерство по цена многу повисока од пазарната. Бизнисменот кој ја шитнал зградата, објаснил дека околу 17 милиони куни му ги однел на експремиерот на негово барање. Исто така, на истражителите им го открил местото на својот имот на кое Санадер криел дел од вредните уметнички слики за кои се трагало. И тоа не како „загрозен сведок”. Пропеаја многумина, соочени дека веќе нема шега!

ОПОЗИЦИЈАТА ДА СИ ОДИ ОД ВЛАСТ!?

За овие скандали во време кога Санадер бил премиер, иако биле и медиумски експлоатирани, немало реакција. И злоупотребите што на Мишковиќ му се ставаат сега на товар, беа добро обработени од одредени белградски медиуми. Ама тоа не предизвика истрага. И внимавајте, и во Србија и во Хрватска сега обвиненијата ги застапува истиот состав на обвинителства. Промените се само во политичкиот врв.

И она што е најзанимливо, политичкиот врв не е  некој што е душман на прогонетите. За Санадер тоа беше неговата Косорка, од неговата партија. За Напредната странка чиј лидер Александар Вучиќ стана симбол за антикорупциската борба против најмоќниот тајкун, доволно е да се спомене дека претседателот Тома Николиќ во 2008 година јавно призна дека Мишковиќ и Милан Беко таа година во кампањата им финансирале „една телевизиска емисија и едно изнајмување превоз за партијата”, тогаш Радикалната странка.

Вучиќ ова денес го објаснува како уште еден доказ за нивната чесност и транспарентност. И додава дека за барем 20 политичари имаат сериозни индиции дека биле плаќани од тајкунот.

„Сетете се само кој се беше апсен во Србија, доколку истиот момент не сака да му го даде земјиштето кое Мишковиќ го бара, по чиј налог некои политичари морале да го наложат тоа? Тие го правеле тоа за пари”, ја објаснува Вучиќ шемата, според која и во другите балкански простори се апсеа луѓе кои се замериле на некој моќен бизнисмен.

Всушност, како што и соопштив на почетокот, сите овие балкански догодовштини ми беа обмислени во духот „думам ти ќерко, сети се снао”. Сосема конкретно, судбините на ХДЗ и на делта бизнисменот би требало да бидат поучна сторија за нашите санадерци и мишковиќи. Убедена сум дека тоа нема да се случи зашто тие живеат во својот матрикс, каде вакви сценарија се научна фантастика. Но, не е зијан барем оние останатите да видат уште еднаш дека рејтингот и богатството се минлива категорија.

Уште поконкретно, алудирам на оние од ВМРО-ДПМНЕ и блиските до нив зашто за бранковци актуелниве се тата-мата. Во случај да паднат во севдах за нивните  ѓаволски успеси во антикорупциската дејност, ќе потсетам на последниот, нели „најдобриот извештај од Брисел”.

„Општиот капацитет на правосудството да се справи со случаите на корупцијата останува СЛАБ… Корупцијата во јавните набавки и понатаму останува СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ … Јавната свест во однос на антикорупцијата останува СЛАБА … Средствата за ефикасно дејствување против корупцијата остануваат НЕДОВОЛНИ.

Корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да претставува СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ”, ова е дел од сериозните забелешки за слабите резултати што преродбата ги испорачува во борбата против корупцијата.

И сега, Бранко е крив за „сериозноста” на овие забелешки. Опозицијата не се справува со корупцијата?! Што би рекле оние монтипајтонски контрапротестанти – опозицијата да си оди од власт!

Да не ги пренебрегнеме и бриселските детектирања за санадерци. „Само против мал број на случаи на корупција на високо ниво била водена постапка и скоро сите остануваат во судскиот систем и по многу години…”, стои во најдобриот, нели, извештај.

Ако помисливте дека затворениот Бошкоски за финансирањето на изборната кампања, е „крупната риба” што експресно е осудена, ќе потсетам дека и Брисел регистрира дека за пресудата против Љубе „се покренаа прашања по однос на селективноста”. Толку културно дипломатски, а сепак сурово.

Со други зборови, власта ќе тера уште поагресивно во својот стил, ама тоа нема да го промени можниот расплет – дека нашите санадерци и мишковиќи веројатно се кријат во нивните редови. Да, за Бучковски се води судски процес кој нема крај, а кривичната против Црвенковски нема абер од обвинителството. Филмот продолжува, а заплетот уште не се случил!

ДЕЛТА во Македонија
ДОГОВОРОТ РАСКИНАТ, ПАДНА, КРИВИЧНА, И – ТОЛКУ!

„Постојат солидни докази” дека Мирослав Мишковиќ учествувал во „нечуена политичка корупција”- забележале од американската амбасада во Белград и за тоа ја известиле централата во Вашингтон уште во 2007 година, за што дознавме преку Викиликс. Речиси во исто време, нашиот поранешен премиер Владо Бучковски даваше изјави дека „Мишковиќ е познат дека не прави бизнис со поткуп”!

Како и да е, денес и српските власти, откако партискиот состав се измени по избори, се зафатија со „солидните докази”, а Мишковиќ е во притвор. Но, да се потсетиме дека и обидот на српскиот тајкун да ја прошири својата бизнис-империја во Македонија, ја следеа наводи за политичка корупција.

Имено, пред изборите во 2006 година, Бучковски како премиер склучи договор со српскиот тајкун, кој притоа најави инвестиција тешка 113 милиони евра во наредните две години. Неколку месеци подоцна, во октомври Министерството за транспорт и врски, со новиот министер Миле Јанакиевски, го раскина договорот со српскиот холдинг за изградба на деловен центар во Карпош 3. Објаснувањето беше дека постапката и договорот не биле во согласност со законот.

Патем, слична судбина, можеби не толку радикална, ги следеше и останатите „адути” на Бучковски, како на пример Свислион или ЕВН. Како новата власт да сакаше да ги урниса сите странски инвестиции од претходниците. Особено што по сите постапки против нив, на крајот не се случи ништо што докажа корупциски случај.

Но, интересно е дека адвокатот Александар Тортевски, во интервју за „Фокус”, јануари 2007 година тврдеше дека има информација од прва рака, дека Груевски одбил поткуп од 3 милиони евра само за да остави во сила една директна спогодба склучена од претходната влада. Не го именуваше, но во описот – „еден бизнисмен од соседството”, сите го препознаа токму газдата на Делта.

Во декември 2007 година, разбравме и дека поранешниот министер за транспорт и врски Џемаил Мехази доби кривична пријава за злоупотреба на службена должност токму врзана за Делта. Имено, компанијата поднела барање до Министерството за купување градежно државно земјиште во Карпош со површина од 4.699 квадратни метри. И веднаш потоа, без изработена Инвестициска програма на купувачот, владата дала согласност за отуѓување на земјиштето по цена од 1.000 денари за квадратен метар.

И веќе никогаш не слушнавме што стана со оваа кривична пријава. Дали е отфрлена или можеби ја дели истата судбина како онаа за случајот Телеком, која преродбениците ем ја поврзуваат со истата влада на СДСМ и ДУИ, ем со прст не мрднуваат да се расчисти.

Интересно е дека српскиот вицепремиер Вучиќ изјави дека не е преголема тајна, дека Мишковиќ плаќал барем 20 политичари. Но, додава, и дека тоа што имате сознанија, не значи дека имате докази.

„Ко разуме, свати ќе”!!!

Поврзани новости