Кога правото ја убива правдината

by Фокус

Пишува
Ида ПРОТУЃЕР ВЕЉКОВИЌ

Што ни покажа практицирањето „правна“ држава според стандардите на ВМРО/ДУИ изминатава деценија? Дека е можно согласно Уставот и законите (сосе легалните тендерски анекси) да се покраде државата, сосема легално да се востоличи мафија на тронот на државата и дека истиот Устав и законите можат да бидат одлично покритие, тој што треба да го гони криминалот и мафијата, практично да ги промовира и одржува во живот.

Синоќешниот настап на Зврлевски ни демонстрираше во живо како е можно еден човек на важна функција да не остави никаков суштински печат од својот ангажман во подобрувањето на животот на граѓаните од кои добива плата, а да одработи бајаги за процут на криминалот и корупцијата за кои сведочат објавените бомби. Дела кои беа прилично јавна тајна во секојдневието, но останаа само на наслови во медиумите и во извештаите на меѓународниот фактор.

Неговото правдање со повикување на закони, прописи, говор полн со правни празни фразеологии, ме потсети на потресното сведоштво на таткото на Анамарија за односот на лекарите од Инфективната клиника и „правното“ затворање на случајот. Затскривање зад прописи, „наменско“ толкување на закони, сѐ, само правото да ја убие правдината.

Како тоа во Македонија законите не се во функција на заштита на правата на граѓаните, туку како покритие за (не)делата на моќниците? Каде отидоа моралот, вредностите, совеста? Го гледам така Зврлевски како без срам и перде вели дека до него не допираат критиките дека е потрчко на власта и дури вели „дали сум јас пријател со Мијалков е друго прашање“. Друго?!?

Сцената на Зврлевски, како во друштво на Мијалков, Камчев и Груевски е почесен гостин на ромскиот бал кај Амди Бајрам е филмска. Токму како од филмот „Бетмен-почетокот“, кога во Готам сити најголемиот мафијаш Фалконе во својот ресторан ги гоштева градоначалникот, судијата и главниот обвинител.

И тоа не е прва таква сцена. Тој „мразот“ го скрши кога со министерката за внатрешни работи се појави на заедничка прес-конференција за да изнесат, повторно, „легални“ факти дека смртта на Младенов била обична сообраќајна несреќа. Тогаш си реков, не се чувствува неудобно кога демонстрира заедништво со министерката? Нели ЈО е независно? Каде се тука „checks and balances“ кога тие се однесуваат како „дружината братско стебло“?

И ние сега ќе чекаме оние кои законите ги користат како оружје за заштита на криминалот поради коруптивни или чисто пријателски односи да ги заштитат интересите на граѓаните?

Инсистирањето на домашната граѓанска јавност и на странскиот фактор на почитување на принципите на стразбуршката практика е токму во тоа како се читаат и применуваат законите. Дали тие се применуваат за да се заштитат човековите права и демократски принципи или да се ограничат?

Зврлевски многу пластично објасни како законите се пластелин во неговите раце и тие се проблемот што цела деценија никако да видиме санкционирање на криминалот и корупцијата. Законите и прописите да ми ти биле криви и му ги држеле рачичките врзани. Сега на потег е Јанева. Дали таа конечно ќе ги употреби законите за да му ја заврши работата на Зврлевски и да одржи лекција по право кое води до правдина!

Поврзани новости