Кога не успеаја на друг начин, се обидуваат да ме замолчат со закани за убиство!

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 18-ти јануари 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 916

Покрај тоа што е прв човек на Здружението на приватни стопанственици (ЗПС), Влатко Ристески е активист и на „Аман”. Тоа што секогаш со себе ја носи членската книшка на ВМРО-ДПМНЕ, не го спречува да биде жесток противник на политиките на владата на Груевски. Себеси се смета за бунтовник со причина и не го плаши тоа што заканите за негова физичка ликвидација полицијата ги третира како „пријателски закани”!                                                                                                                         

Пишувал
Зоран МИЛОШЕСКИ           

ФОКУС Речиси е невозможно човек да не Ве види на некој од протестите во градовите низ Македонија. Вие како да не ги гледате владините реклами кои велат дека демократијата цвета, а условите за водење бизнис никогаш не биле подобри?

РИСТЕСКИ Дуќанџија сум од 1989 година, време кога уште сѐ беше државно и кога ме предупредуваа дека бизнисот што го почнувам однапред е осуден на неуспех. Оттогаш до денес работам во истиот објект кој е во моја сопственост и благодарение на него преживувам. Имаше време кога моето семејство од бизнисот убаво живееше, но сега само преживуваме. На оваа влада треба да ѝ честитаме затоа што успеа да го направи она што на ниедна претходна влада не ѝ успеало до овој степен: против себе да ги обедини граѓаните од различна етничка, религиска и партиска припадност. Како и да е, паметам многу подобри времиња од сегашново.

ФОКУС Во време кога шепотењето го замени гласното говорење, Вие јавно и јасно го искажувате несогласувањето со политиките на актуелната власт. Од каде таква храброст?

РИСТЕСКИ Карактерот на бунтовник го носам во себе уште од школските денови. Првиот протест го направив како осмоодделенец, кога ги организирав учениците од моето одделение јавно да реагираме на постапката на еден наш наставник. Подоцна, како војник на АРМ во касарната „Илинден” во Скопје, организирав протест против нехигиената и слабата исхрана. И во двете битки извојував победа. Не се сомневам дека и сега исходот ќе биде идентичен.

ФОКУС И покрај лошото искуство од конфронтирањето со локалните авторитети, влегувате во нов судир од пошироки размери?

РИСТЕСКИ Првиот судир со актуелната владејачка гарнитура во Прилеп го имав пред неколку години, кога го кренав гласот против безмилосното убивање на кучињата скитници. За нехуманата постапка ја известив кралската организација за заштита на животните и природата ЊСП од Лондон. Тоа не им се допадна на градоначалникот Марјан Ристески и на тогашниот претседател на општинскиот Совет, сегашен пратеник, Димитар Стевананџија. Веднаш потоа се соочив со зачестени инспекциски контроли и тогаш за првпат на сопствен грб почувствував што значи да се дојде во судир со власта.                                                       

ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ГИ ИЗЛАЖАА ДУЌАНЏИИТЕ

ФОКУС Што се смени во Вашиот живот по протестите на прилепските дуќанџии и оформувањето на ЗПС?

РИСТЕСКИ Датумот кој засекогаш ќе го паметам е 7.6.2012 година. Тогаш дојде до пресврт во мојот живот, бидејќи тогаш почнаа протестите на дуќанџиите. Следуваа бројни средби, разговори и преговори со политичари од различни политички опции. Формирањето на здружението беше единствениот начин да дојдеме до можност нашите проблеми да ги решаваме на институционален начин.

ФОКУС Мораше ли решението на проблемите наместо преку дијалог со власта да го барате со практикување улична демократија?

РИСТЕСКИ Од почетокот на протестите ние воспоставивме контакт со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Ана Лашкоска и Димитар Стевананџија, како и со градоначалникот Марјан Ристески. Остваривме повеќе директни средби и сите се сведоа на пиење кафе, чај, правење празни муабети и губење време. Ништо конкретно и ништо корисно.

ФОКУС Зошто тогаш не ги поддржавте измените на Законот за даночна постапка предложени од страна на опозицијата? 

РИСТЕСКИ Признавам дека згрешив кога без консултација со колегите од ЗПС подготвив предлози за измена на постоечкиот Закон за даночна постапка и со препорачано писмо истите ги испратив до Собранието на РМ. Во меѓувреме ми се јави пратеникот на СДСМ Горан Сугарески и ми кажа дека нивната пратеничка група спремила закон. Ми го даде предлог-законот, го разгледав и му реков дека нашите барања се разликуваат од она што тие го предлагаат. Разликите се однесуваа на висината на казните. Опозицијата го поднесе предлог законот и тогаш во нашето здружение настана една непријатна атмосфера проследена со многу притисоци. Вистинскиот проблем, всушност, беше зошто тоа да го направи СДСМ!?

ФОКУС Какви притисоци? Од власта?

РИСТЕСКИ Пратениците од владејачкото мнозинство ни ветуваа дека, ако издејствуваме СДСМ да го повлече предлог-законот, тие на собраниска седница ќе го поставеле нашиот предлог и тој ќе бил изгласан. Во таа насока добив и писмено известување од Трајко Вељаноски дека нашата иницијатива за донесување закон за измена на Законот за даночна постапка е доставена до пратениците. Премногу доцна сфатив дека под ставање на предложениот закон во процедура, власта подразбирала негово ставање во фиока! Непосредно потоа добив писмо и од владата, во кое пишуваше дека во најбрз временски рок ќе бидеме повикани на разговор. Само по три дена од добивањето на писмото, во Прилеп дојде министерот Зоран Ставрески. Преку градоначалникот Ристески побаравме средба со него. Наместо средба, бевме одбиени со образложение дека не сме биле влезени во агендата на министерот. За жал, тогаш кога пратеникот Сугарески ми тврдеше дека власта нема намера да го донесе законот, јас не му поверував!

ЌЕ ГИ БЛОКИРАМЕ РЕГИОНАЛНИТЕ ПАТИШТА

ФОКУС Има ли во меѓувреме некакво поместување во однос на висината на казните изречени од страна на инспекторите на УЈП?

РИСТЕСКИ Да, ама на полошо. Наместо одговор на поднесената иницијатива за измена на Законот, нашите членови добиваат решенија со кои казните за кои поднеле приговор двојно и тројно им се зголемуваат. Шест месеци чекаме владата и парламентот да се произнесат по нашата иницијатива, но не постои никаква најава дека државата има намера да го реши проблемот.

ФОКУС Дали постои можност да отстапите од дел од вашите барања и на тој начин со владата да се најдете на „половина пат”?

РИСТЕСКИ Нашите барања остануваат исти. Тоа значи практична примена на член 178 од Законот за казнена политика, во кој децидно е кажано дека пред изрекување на каква било казна, дуќанџијата треба да биде опоменат. Исто така, бараме намалување на висината на изречените глоби кои за наши услови се превисоки. Не е логично во ист кош да бидат ставени малите, средните и големите претпријатија. Како може и фирма со еден вработен и фирма со 200, 300 или повеќе вработени да плаќаат иста глоба? Немаме намера да отстапиме од нашето барање ниту милиметар. Доколку власта не нѐ повика да седнеме на преговарачка маса, ќе преземеме порадикални чекори кои подразбираат блокади на регионалните патишта.

ФОКУС Водени од принципот – „раздели па владеј”, власта прави очајнички обиди да внесе раздор во ЗПС. На какви притисоци беа изложени членовите на вашето здружение?

РИСТЕСКИ Од неколкуте иницијатори кои ја почнавме борбата за остварување на правата на дуќанџиите, останав само јас, другите од различни причини се повлекоа. Нашето здружение брои 1.370 членови. Власта направи сѐ за да нѐ „скрши”. Пробаа да направат раздор меѓу нашето членство со формирање на паралелно здружение „Стара чаршија”. Исто така, по еден или по двајца, градоначалникот Ристески ги повикуваше дуќанџиите на разговор во неговиот кабинет. Не знам што се случувало на тие средби. Не можам да тврдам дека им се заканувал или дека ги заплашувал, но знам дека откако ќе излезеа оттаму дел од нив велеа дека им е страв да продолжат да членуваат во нашето здружение, или, пак, да бидат видени во наше друштво. За притисоците од УЈП беспредметно е да се зборува. Се соочив и со закани по мојот живот. Пораката ми беше испратена преку мојот малолетен син, на кого му кажале дека ќе бидам убиен доколку не се повлечам од ЗПС. Сѐ додека верувам во тоа што го правам и додека ја имам поддршката на семејството, заканите нема да ме поколебаат.

„ПРИЈАТЕЛСКИ” ЗАКАНИ ЗА УБИСТВО

ФОКУС Го пријавивте ли случајот во полиција?

РИСТЕСКИ Се разбира, но кое фајде од тоа? Од денот кога поднесов кривична пријава против непознат сторител, пред шест месеци, ниту ме повикале да ми кажат што се случи со пријавата, ниту, пак, ме прашале дали има нови закани кон мене. Преку човек од власта ми испратија порака дека требало да внимавам што правам, бидејќи сум бил, како што тој се изрази, „премногу влезен во оган”. Пријавив и за тоа, на што ми беше одговорено дека тоа била „пријателска закана”!? Што тие подразбираат под „пријателска закана”, навистина не би знаел да кажам.

ФОКУС Кој беше мотивот да му се приклучите на „Аман”?

РИСТЕСКИ Откако почнаа првите протести во Скопје, заедно со чичко Цане Костадиноски појдовме пред куќата на Мајка Тереза и се сретнавме со луѓето од „Аман”. Нашето здружение имаше идентична намера да започне протести против поскапувањето на струјата, бидејќи сите ние сме директно засегнати од тоа. Затоа решивме да контактираме со оние кои веќе ја започнаа акцијата. Тие во нас видоа луѓе полни со енергија и желба да се фатат во костец со проблемот, по што се договоривме за соработка. Оттогаш станавме едно големо семејство. Сакам да потенцирам дека не само кон „Аман”, туку ќе се приклучам кон сите движења кои имаат за цел создавање подобри услови за животот на граѓаните.

ФОКУС Поучени од искуството со притисоците врз ЗПС, им кажавте ли на Вашите пријатели од „Аман”, што може да им се случи доколку Ви се придружат?

РИСТЕСКИ За да не се случи да „гори” само еден, во „Аман” се договоривме секој ден на прес да излегува различен човек. За жал, поради страв и поради одредени резерви, во Прилеп тоа не беше можно да се направи. Затоа јас ги водев сите пресови. Ги предупредив сите, дека од една страна дружењето со мене не е баш препорачливо, но, од друга страна, пак, може од тоа да имаат и ќар! Малку на шега, а повеќе на вистина, им реков дека доколку ги видат со мене, може ќе им понудат работа само за да ги тргнат од „лошото” друштво. Секој ден разговаравме на оваа тема. Иако не признаваа, знаев дека се изложени на притисоци. Тоа се виде откако некои полека почнаа да се повлекуваат од „Аман”. Секој по сопствен избор.

СЕКОЈ МАКЕДОНЕЦ Е ВМРО, НО СЕКОЈ МАКЕДОНЕЦ НЕ Е ДПМНЕ

ФОКУС Многумина беа изненадени кога Ве видоа на протестите на опозицијата. Што е тоа што го натерало еден десничар со членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ да застане рамо до рамо со Црвенковски, Шекеринска, Заев..?

РИСТЕСКИ На протестите настапувам во мое лично име и горд сум на тоа што сум во друштво на луѓето што се борат за враќање на демократијата во Македонија. Чест ми беше што организаторите на протестот во Прилеп ме поканија да им се обратам на моите сограѓани. Иако своевремено сум бил поборник на една друга идеологија, решив да ја прифатам поканата. За мене беше предизвик и привилегија да зборувам пред повеќе од 5.000 луѓе. Никогаш не сум можел да претпоставам дека заедно со една Радмила Шеќеринска, која оставила силен печат во политичкиот живот на нашата држава, ќе се обраќаме кон иста целна група. Но, како што и претходно реков, на оваа влада ѝ успеа против себе да обедини луѓе од различна политичка провиниенција.

ФОКУС Не се плашите ли дека во согласност со практиката на владејачката гарнитура можат да организираат контрапротест пред станот во кој живеете, каде што ќе мавтаат со Вашата членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ? 

РИСТЕСКИ Пред извесно време, кога на контрапротести излегоа наводните земјоделци, тие беа собрани пред влезот во зградата во која живеам. За волја на вистината, тогаш не видов земјоделци, туку видов мои поранешни сопартијци кои сега се раководители во јавни претпријатија и професори во училишта. Истото се случи и кога власта преку „Изгор приватизација” проба да организира контрапротести на протестите од „Аман”. Се виде дека луѓето кои беа таму, се донесени по партиска директива, абер немаа ниту каде се, ниту, пак, знаеја што бараат таму.

Да одговорам конкретно на Вашето прашање. Не, не се плашам од сценариото за кое зборувате. Јас мојата вмровска книшка ја носам со себе. ВМРО е секој човек што ја сака оваа држава, секој Македонец, но секој Македонец не е ДПМНЕ!

ФОКУС Што ако утре, во пресрет на локалните избори, Ви биде испорачан „непристоен предлог” во форма на понуда за носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ?

РИСТЕСКИ Никогаш нема да прифатам таква понуда! Свесни се и тие за тоа, а јас еве и сега давам збор дека и покрај тоа што добив директна порака дека сѐ има точка на топење, не постои цена со која можат да ме купат.

ФОКУС Работите и на нов проект наречен „ОДРАЗ”. За што точно станува збор?

РИСТЕСКИ Кон крајот на овој месец ќе биде промовирана Организацијата за демократска реакција и асоцијација на здруженија („ОДРАЗ”). „ОДРАЗ” ќе биде рамка на граѓанскиот сектор, на граѓанскиот живот воопшто. Тоа ќе биде еден вид на комора која ќе ги застапува интересите на граѓаните пред државата, односно која ќе ги штити граѓаните од нивната сопствена држава!

Цане КОСТАДИНОСКИ
МАРЈАН ГО ЗАБОРАВИ ВРЕМЕТО КОГА ВОЗЕШЕ ПОЛОВНА „БУБА”!

Цане Костадиноски пред 7-8 години се вратил од Австралија со желба неговите деца да живеат и работат во Македонија. Им поверувал на сегашните власти дека се создаваат услови за инвестирање во родната земја. Направил куќа, отворил бизнис, но преголемите давачки и казни го натерале да крене раце од него. Егзистенцијата на неговото семејство не е доведена во прашање бидејќи живее од примањата кои ги има од странство. Зошто, тогаш, им се приклучил на протестите?

– Уште од дете сум присутен во старата прилепска чаршија. Никогаш како сега толку многу дуќани не останале затворени и празни. Ако порано некој дуќан се затворел, преку ноќ истиот бил земен под кирија од друг дуќанџија. Старата чаршија беше душата на Прилеп. Денес е жално да се гледа како таа зјае полупразна и како дуќанџиите се борат со инспектори, со давачки, како се обидуваат да врзат крај со крај. Никогаш не било вака. Им се приклучив на протестите со намера да го дадам својот придонес во обезбедувањето услови за подобар и подостоинствен живот на граѓаните на нашата држава.

Слично како и неговиот пријател Влатко Ристески, и тој порано верувал дека ВМРО-ДПМНЕ има капацитет да ја водат државата.

– Разочаран сум од лагите на власта. Се вративме од странство, го донесовме капиталот, но и покрај тоа не гледам никаква перспектива за моите деца. Мора да се промени климата и да се создадат услови за отворање нови работни места, но тоа е можно само под услов да се вратат демократијата и слободата. Сум живеел во странство и знам што е демократија. Ако власта можеше на онаков силеџиски начин да се однесува со пратениците, тогаш се прашувам што може да ни се случи нам, на обичните граѓани?

Костадиноски е огорчен и на односот на прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

– Пред неполн месец присуствував на една средба која со граѓаните на урбаната единица во која живеам ја имаше градоначалникот Ристески. Откако заврши со презентацијата, тој праша дали некој сака да му постави прашање. Бидејќи никој не се јавуваше, решив јас да го скршам мразот. Кренав рака со намера да добијам збор, но на општо изненадување градоначалникот ми се обрати со зборовите: „Тебе Цане не ти давам збор оти замина од нашата партија. Ти сега да му поставиш прашање на Бранко Црвенковски”. Му реков дека како граѓанин на Прилеп, кој патем речено двапати својот глас го давал за него, имам право да поставувам прашања и дека сѐ додека е градоначалник на градот, треба подеднакво да се грижи за сите граѓани. Тогаш дојдоа луѓето од неговото обезбедување и насилно ме исфрлија од салата.

Марјан Ристески ги заборави деновите кога со чантичето шеташе низ прилепските улици, кога го туркав неговиот половен фолксваген „буба” кога ја водеше кампањата за градоначалник. Тој заборави дека овој народ го направи да биде тоа што е, а тој се однесува како да е роден во фотелја. Прилепчани треба да знаат дека за градоначалник немаат личност која се грижи за сите граѓани, туку само за поединци кои се богатат на нивниот грб, порачува Костадиновски.

Поврзани новости