Кога дивее власта

by lali 11:02
11:02

Пред некое време споделив еден фејсбук-статус на „Occupy“, кој приближно гласеше вака: „Родители, не пуштајте ги децата на улица, има секакви ’цајкани‘ таму надвор.“

Оваа духовита досетка кажува многу за тоа како секоја власт се практикува во највулгарната, физичка смисла на зборот, а тоа е преку полицијата. Колку поавторитарна е власта, толку повулгарна и подиректна е употребата на полицијата. Оваа формула е проверена низ историјата и сегашноста.

- Advertisements -

Прекумерната (читај: вулгарна) употреба на полициските сили не е комплимент за една земја. Напротив, таа зборува за стравот на моќниците, а уште повеќе зборува за нивната нечиста совест, за недемократското владеење, самоволието и беззаконието. (Ако имате пререгулиран систем, не значи дека владее правото.)

Во контекст на нашата денешна средба, статусот погоре може да гласи и: „Родители, не пуштајте ги децата на улица, надвор дивее власта.“ Секако, власта дивее највидливо на улица, но не помалку болни се последиците кога власта дивее и со парите на граѓан(к)ите, па уништува живи луѓе, заменувајќи ги со споменици, ги тепа и ѕверски ги измачува уапсените и осомничените по полициските и затворските притвори, го изгладнува народот и убива ‒ и буквално и постепено.

СЕКОЈ АЛБАНЕЦ Е ТЕРОРИСТ

Кога пред три недели на истово место прашав колку крв е малку крв, тоа не беше реторичко прашање. А, еве го и одговорот: „Малку крв е онолку пролеана крв колку што им треба на крвопијците жедни за моќ – да останат на власт.“ И тука нема да имаат скрупули, особено ако отидат предалеку. Во еден момент власта може да се претвори и во товар и тормозење, но нема друг излез освен повеќе власт. Кога гревовите ќе се намножат, единствената одбрана од казната е уште повеќе насилство и власт по секоја цена – тотална војна со секој што ќе се приближи до тронот.

Така дојдовме до ситуација да живееме во земја во која во моментов има десетици политички затвореници, осудени во крајно проблематични и контроверзни судски процеси. Власта се практикува преку полициски соопштенија, во кои обвинителниот акт и пресудата се веќе напишани и изговорени пред камерите.

Затоа пресудата во процесот „Монструм“ е проблематична. Процесот започна и заврши на денот кога министерката Гордана Јанкуловска се појави пред јавноста и во своите изјави „обелодени“ дека се работи за исламски фундаментализам и тероризам, а вокабуларот и манирите на известување беа такви што секој, што е Албанец во земјава, можеше да се почувствува обележан како фундаменталист и терорист. И тоа по кој знае кој пат. Потоа следеше крајно дискутабилен процес, каков што не може да си дозволи едно судство, филуван со експлозивните настапи на обвинителката Гордана Гешковска.

Обидите да му се даде етничко-политичка и верска природа, односно криминално-предавничка димензија, на секој настан во кој се злоупотребуваат институциите се со цел да се одбрани и задржи власта. Каде што може да се употреби етничко-верскиот момент, тој се употребува со сите можни средства, со долго вежбани и проверени методи.

Во случаите кога треба да се пресметаат со противниците од истиот етнички табор, тоа се прави со дискредитација и етикетирање врз основа на финансиски криминал (омилената судско-полициска играчка на Владимир Путин) или преку обвиненија за шпионажа, предавство, или со лустрација. Кај можат, таму апсат и судат како што судат. Кај што не можат – јавен медиумски линч.

ЗЛОСТОРСТВО И КАЗНА – ЗА КОГО?

Грозоморното убиство кај Смилковско Езеро се случи на Велики четврток, пресудата се донесе на почетокот на рамазанските пости. Симболиката и на едниот и на другиот настан е јасна и сурова.

Кога сѐ ќе се собере на едно место, имаме сериозен проблем. Структурите на моќ и политичките елити, како македонските, така и албанските, се возат со голема брзина по работ на амбисот. А народот, вообичаено, паѓа во стапицата.

Албанците, кои протестираат против пресудата во процесот „Монструм“, велат, без исклучок, дека се противат на начинот на судење, дека се против етикетирањето на целата заедница и дека се убедени во невиноста на доживотно осудените. И – тоа е повеќе од разбирливо. Како што е разбирлив сомнежот во мотивите за затворањето на уште десетици политички затвореници.

Да се разбереме, овде зборувам за етничко-политичката димензија на процесот, не за делото од кое, како и секој друг нормален човек, сум згрозен. Процесот е тој што паѓа, а со него и правдата. И станува алатка на власта за понатамошни пресметки и – сметки. Власта кажа дека ова дело има и нарачатели. Значи, не ја затворија приказната, туку ја отворија. И уште апсења и крајно несмасни истраги ќе се спроведат, уште пресуди и уште омраза и насилство може да очекуваме во блиска иднина.

МРАЧНА ПАРАДА И ДЕМОНСТРАЦИЈА НА СИЛА

Новинар(к)ите се соочуваат со висок ризик додека ја работат својата работа. Тие се цел на напади и закани од насилните демонстранти, но уште повеќе на полициската бруталност. Полицијата пет пари не дава за луѓето кои се окото на јавноста.

Кога излегоа да се побунат за неправедното затворање и бескрајното малтретирање на нивниот колега Томислав Кежаровски, новинар(к)ите се соочија со милитантното однесување на бројните специјалци, кои ги истуркаа и им го прегазија правото на протест.

Единаесет поспани активисти за одбрана на паркот кај „Бристол“ се соочија со воена операција од неколку стотици специјалци. Затворањето на ТВ А1 и трите дневни весници во 2010 година, исто така, беше операција со дотогаш невидени размери, за сега, овие денови таквите  глетки да станат  дел од рутината.

Кога ја вршеа својата должност во деновите на немирите во Ѓорче Петров, уште една „успешна“ медиумско-полициска операција на власта, три новинарки беа цел на полициско малтретирање. Пред неколку дена, на вториот ден од протестите против пресудата во процесот „Монструм“, врз новинарот на дневниот весник „Лајм“ се примени полициска бруталност. Притоа, според сведоштвото до кое дојде „Цивил“, тој бил навредуван со крајно ниски и вулгарни изрази на етничка основа и со максимална доза на етничка омраза. Му ги искршија очилата на мирното момче и го тепаа со пендреци, цел беше ишаран со модрици.

Од денот на пишувањето, до моментот кога ќе го читате ова, верувам дека ќе се случат уште неколку сериозни инциденти во кои ќе видиме насилство. Очекувам дека уште многу омраза и мрсни пцовки ќе изговорат полицајците додека малтретираат приведени. Оние исти полицајци кои ги плаќаме сите ние за да се грижат за нашата безбедност и сигурност.

Настапот на полицијата во овие години е мрачна парада и демонстрација на сила. Ретко кога слушаме за ефикасност, но затоа расте бруталноста, која во случајот со Мартин Нешковски заврши и со смртта на младото момче.

Секој повод се користи за да се извади машинеријата на улица. Кучињата-чувари на системот ги палат моторите, ги навираат шлемовите и ги полнат пушките со шок-бомби. Патем, ги тренираше француската полиција, неодамна. А водените топови ги купија од другарчето Реџеп Таип Ердоган – проверена стока.

СУДСКО-ПОЛИЦИСКА И МЕДИУМСКА ОБРАБОТКА

Да ги погледнеме најновите протести на младите Албанци во Скопје и низ земјата. Хулиганскиот манир не изостанува. Моја колешка, која ги покрива овие настани, ја нападнале вербално и со закани. Да видиме што имаат на репертоарот: UÇK (УЧК), Shqipërietnike (етничка Албанија)…

Во случајов, воскликот „УЧК“ не значи ништо, освен восклик со кој го поздравуваат командантот на македонското УЧК, Али Ахмети. А тој, командантот, сега е на власт. Истата власт против која тој пукаше во име на човековите права пред речиси 13 години и истата власт која сега ја ужива.

Не сум сигурен ни дека „етничка Албанија“ е најдобриот повик за правда, туку е уште еден фашизоиден слоган, подеднакво како и „чиста Македонија“. Каде ќе се простира таа етничка Албанија? Тешко дека таа и таква Албанија ќе биде можна во самата Албанија, бидејќи таа веќе стана земја-кандидат за членство во ЕУ. Таму, во таа (сега толку далеку од нас) ЕУ, нема чисти и етнички држави.

Во таа и таква „етничка Албанија“ нема да има место за моето семејство, бидејќи е мешано. Ни за стотици други семејства, за кои знам, и за илјадници, за кои не знам. Во „етничка Албанија“ и „чиста Македонија“ нема да сака да живее никој нормален. Тоа би биле земји на страв и крвопролевање, земји на морални и ментални дегенерици. Среќа, што не се возможни. Впрочем, таквите проекти пропаднаа, а за тоа сведочат процесите во Нирнберг и во Хаг.

Ми падна в очи изјавата на еден граѓанин на Тетово, што ја видов на вести на ТВ Телма, во која тој ги повика своите сограѓани Македонци да им се придружат. Многу исправно. Навистина, со судско-полициската и медиумска обработка  сите граѓанки и граѓани на оваа намачена земја, без оглед на нивната етничка и верска припадност, си имаат иста мака и би требало да се најдат на истата страна од улицата. Сепак, дали Македонците би можеле, и да сакаат, да им се придружат на овие и вакви протести? И обратно?… Засега, тоа е невозможно. Што поради глупост, што поради манипулација.

Токму поради тоа, со помош на неуморната судско-полициска и медиумска обработка, „балистичко-качачката банда“ и „каурско-античко-комитската“ машинерија на коалициските љубовници ќе продолжат да соработуваат и да си го делат слаткиот колач на моќта и парите што ги киднапираа токму од оние што се на улица сите овие години. Толку се навикнаа едни на други, што не мораат ни да се договараат повеќе. Се знаат еден со друг. Едниот е газда, другиот послушен, помлад партнер. Се мразат и се сакаат истовремено. Се презираат меѓусебно, но грдите чувства исчезнуваат кога треба да се пребројат сребрениците од безбројните предавства сторени кон правдата и човештината секој ден.

Уште збор-два и ќе завршам… Мендух Тачи… Тој, пак, стана во поддршка на демонстрантите. Не се пријави како организатор, но ги поддржа. Воедно, искажа лавина обвинувања против ДУИ и Али Ахмети како партнери во власта, но не испушти да каже дека не се откажува од намерата да биде дел од владата на Никола Груевски. Со други зборови, немаше храброст да каже дека учествува во организирањето на демонстрациите, немаше храброст да го осуди владеењето на Груевски, немаше храброст ни да им признае на своите малкумина преостанати приврзаници по чајџилниците дека не му успеа бесрамното додворување. Единствено собра храброст повторно да го плука Ахмети. Доста сомнителна тактика. Секако, и проѕирна, како пареата во ресторанот „Сушико“.

СДСМ… Времето ќе биде топло, до умерено облачно, со краткотраен пороен дожд и грмотевици во попладневните часови.

Слободарска веб-страница на неделата

Во оваа рубрика, препорачувам веб-страница која, според моето скромно мислење, минатата недела дала посебен придонес кон слободата на изразување.

Слободарска веб-страница на неделата е www.novatv.mk

– за одличното покривање на настаните и темите, како и за колумната на храбрата Билјана Секуловска – Ива: „Гешковска, оди си дома!

 

 

Поврзани новости