Анима Мунди бара забрана за користење на коњите како влечно средство

by Фокус

Откако по скопските улици во последниве неколку дена се случија неколку трагедии со коњи, од кои едниот беше усмртен по удар од автомобил на „Илинденска“ и со часови лежеше на една од најпрометните улици, со реакција се јави Здружението Анима Мунди, со барање веднаш да се забрани употребата и искористувањето на коњите како влечно средство.

„Соочени со секојдневни слики на изнемоштени коњи на улиците на Скопје,болни, гладни и жедни, тепани и приморувани да се движат и тогаш кога не можат ниту педа подалеку, упатуваме јавен повик до Агенцијата за храна и ветеринарство (директорот Дејан Рунтевски), на градоначалникот на град Скопје,  Коце Трајановски како и до Советот на град Скопје,  веднаш да се забрани употребата и искористувањето на коњите како влечно средство“, велат од Анима Мунди. 

За ова, отворена е петиција која граѓаните можат да ја потпишат, а истата ќе биде доставена до надлежните институции.

Здружението бара да се евидентираат коњите на територија на град Скопје, нивната психофизичка состојба и сопствениците на коњи. Понатаму се бара да се обезбеди соодветна локација за сместување на коњи и работен тим што би се грижел за животните. Во барањето на Анима Мунди стои и „итно одземање сите коњи кои ќе се проценат како  најизнемоштени, стари, болни, повредени и нивно сместување во наменското живеалиште“, а потоа да следи обештетување на лицата кои го користеле коњот како превозно средство со соодветни превозни средства кои ќе овозможат непречено движење во градот. За сето ова, Здружението нуди волонтери кои би помогнале да се реши проблемот.

„Бараме да се запре мачењето на животните и да се стави крај на пеколот што го живеат на скопскиот асфалт. Бараме Скопје да биде препознаето по хуманоста, а не преку мачењето на животните по улиците кое е трауматична слика за секој жител, но и бројните странски посетители кои не контактираат и се шокирани од она што го гледаат во главниот град на Македонија“, велат од Анима Мунди.

Поврзани новости