Кое скапо достоинство, плачковци едни?

by Фокус

Ајде јунаци, во Собранието предложете амандмани со кои ќе се избришат Албанците и другите националности од Уставот. Да видиме како ќе ве дочекаат опозициските албански партии, вашите поддржувачи и идни коалициски партнери, кои ви се посраа на вашето скапоцено, национално достоинство со масовните оргии во Чаир и во Тетово

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Уставот и достоинството! Во една земја, во која најмалку 80 отсто од популацијата нема прочитано ниедна книга, освен задолжителната лектира од школските денови кај оние генерации пред појавата на интернет, во земја во која главно четиво е филмската верзија по мотиви од некои популарни сериски книжевни дела, речиси исклучиво од американски автори (европските се здодевни, а, пак, руските класици се „удав“)…

Е, во таква земја, од мало до големо, од шуто и рогато, речиси сите опнато се загнати во „одбрана“ на Уставот, не поради бенигната промена со внесувањето на Бугарите, што божем ќе ни го преврти животот наопаку, туку, просто, за инает!

Еднаш и ние да тропнеме на маса, мамето нивно! И ние имаме достоинство. Сите нека видат! И Американци и Французи, море, сите Европејци што нѐ лажат и ни ветуваат сенешто со децении и си поигруваат со нашето достоинство.

Деновиве прочитав една колумна од автор што мислев дека е попромислен и дека така лекичко не може да се стопи со антипротивната толпа. Вели, на граѓаните во оваа земја, последното нешто што им останало да си го одбранат е најскапото – достоинството! Кое скапо достоинство, плачковци едни?

Достоинственото копање по контејнерите, достоинственото клањање пред шалтерите, достоинствениот крш по болниците, достоинственото поднесување на расфрлените ѓубришта насекаде, достоинствениот говор на омраза, кое достоинство?

Е, драги мои квазиродољупци, вмровчиња, академичиња, професорчиња, писателчиња, новинарчиња, очигледно ви е разнишано сопственото човечко достоинство, па поудобно се чувствувате во стадото. Не, бре! Не вообразувајте си дека си го браните најскапото – достоинството.

КОЕ СКАПО ДОСТОИНСТВО?

Ако ви е до вашето скапоцено достоинство, дајте и вие еднаш некој предлог, перфектен, не таков недугав како овој на СДСМ и ДУИ за да ги внесеме Бугарите во Уставот и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Ако ви е за достоинството, еве предложете еднаш и вие нешто што ќе го израдува вашиот дел од народот и ќе му го спаси единственото скапоцено што му останало, достоинството.

Ајде јунаци, во Собранието предложете амандмани со кои ќе се избришат Албанците и другите националности од Уставот. Да видиме како ќе ве дочекаат опозициските албански партии, вашите поддржувачи и идни коалициски партнери, кои ви се посраа на вашето скапоцено, национално достоинство со масовните оргии во Чаир и во Тетово околу ѕвездата на сеалбанското небо – косоварот Курти.

Владата на ДУИ и „помалиот коалициски партнер СДС“, тие ли ви го избербатија националното достоинство? Се гребете на ситно: власта ја третирала посетата на Курти како државничка зашто одредила засилено полициско обезбедување.

Не, бре срциња, власта си ја знае работата и посетата на Курти ја истретира како гостување на некој фудбалски тим на натпревар од висок ризик.

Вртам по порталиве, телевизииве, да видам некоја реакција на Мицкоски и друштвото кон новите пријатели од албанскиот опозициски блок за настаните во Чаир и во Тетово, ама ништо, молк!

Е, па и СДСМ баш не реагираше кога во кабинетот на Груби си играа со топка, велат запалените вмровци што ми се во околината! Исто било! Е, не е исто.

Тоа со Груби ептен наликуваше на видеоролна од некоја голема американска компанија во која менаџерите во пауза си играат мал голф во канцелариите.

А, тоа во Чаир и во Тетово опасно потсетуваше на националистичките иконографии и еуфории од раните 1990-ти, кога отворено беснееше шовинизмот низ бившите ЈУ-простори – најпрвин со вакви митинзи, па со закани, па со оружје, со жртви и на крај со мировни договори стокмени од големите сили.

Страстите се примирија, а договорите (дејтонски, кумановски, охридски…) никој нема стискавец да ги раскине или пак да ги преиначува. Само Мицкоски се сили, го лаже и му ветува на овој забеган народ дека ќе издејствува подобра преговарачка рамка, и тоа со истата онаа Европска Унија со која ова парламентарно мнозинство, миц по миц, со силна нејзина поддршка, заеднички успеаја да ја натокмат рамката според која ќе се одвиваат преговорите.

БУГАРСКИ ДИКТАТ НЕ ПОСТОИ

Ама ние овојпат не се даваме да не прелажат како со Преспанскиот договор! Ни ветија НАТО и ЕУ, па ништо. Како ништо? Влезот во НАТО по толку години „обесуење“ е огромната придобивка од таа вистински јака, државничка одлука.

Добро ќе беше со едно мавање да се реши и почетокот на преговорите со ЕУ, но ветото од Бугарија нѐ сопна и нас, но и нашите пријатели, кои си имаат свои обврски кон нивните земји членки.

Но, и покрај тоа, најдоа начин да ја скротат Бугарија. Ѝ понудија една корка за која ќе се фати, а тоа е да ги вметнеме Бугарите во нашиот Устав; за нив „чудо големо“, а за нас како да нѐ каснала болва – малку крвца за вистински почеток на преговорите со ЕУ.

Зашто бугарски диктат не постои. Овој диктат пред кој сме исправени е диктат на ЕУ и на Америка. Бугарија змија ќе ја клукне ако ние го прифатиме овој „диктат“ и си ги продолжиме преговорите со ЕУ како таа земја да не постои.

А, со билатералните договори и протоколи ќе „обесуеме“, а бе ќе се влечкаме со години, ептен нѐ бива за тоа. Важно е европскиот карван да врви. А кучињата нека си лаат!

Поврзани новости