Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип и увидни екипи на МВР извршија увид на автопатот Штип – Миладиновци, каде вчера во тешка сообраќајна несреќа животот го загубија три лица.
Според првичните информации што ги соопштија, до несреќата дошло кога автомобил „шевролет“ со скопски регистарски таблици, во кој се превезувале петмина патници од едно семејство кои се враќале кон Скопје по веселба во Кочани, започнал да претекнува возило „тојота“ со кочански регистарски ознаки во кое се превезувале две лица.
„Во моментот на престигнувањето, возачот на „шевролетот“ загубил контрола врз возилото, па најпрвин удрил во левата банкина, а потоа се одбил и удрил во автомобилот кој паралелно го претекнувал. Како последица на сударот, двата автомобила се превртеле во канал покрај патот, при што животот го загубиле три лица од скопскиот автомобил – сопруга, ќерка и мајка на сопругата на возачот. Останатите четворица учесници во несреќата се здобиле со телесни повреди, при што најтешки повреди се констатирани кај сопатникот во кочанското возило“ информираат од Обвинителство.
Јавниот обвинител веднаш издаде наредби за испитување на целиот настан.
Првичното тестирање кај возачот на автомобилот „шевролет“ покажало присуство на алкохол, но дополнително, со цел да се утврди точниот процент, земени се примероци од крв за анализа.
На местото на несреќата беше повикан сообраќаен вештак, а обвинителството ќе издаде наредба за комплетно сообраќајно вештачење, велат оттаму.