Носителите на кандидатските листи за пратеници на Коалицијата за демократија и правда, Павле Трајанов и Слободан Богоевски денеска на прес конференција пред Специјалното јавно обвинителство побараа да се формира специјален суд.
-По 11 декември ќе направиме царски рез во судството и ќе формираме посебно судско одделение кое ќе постапува по кривичните пријави на СЈО. Веќе објавивме војна против криминалот и таа војна ќе биде силна, непристрасна и секој мора тоа што го украл од народот да го врати назад и да помине 10 години во “Бизнис Центарот во Идризово”- рече Трајанов.
Богоевски, кој од името на Коалицијата за промени и правда е носител на листата во четвртата изборна единица, исто така искажа поддршка за СЈО.
-Специјални обвинителства и судови секогаш и секаде се формирале за специјални криминали и криминалци. Секогаш ќе ја имаат нашата силна поддршка- рече Богоевски.
Инаку, Коалицијата за промени и правда обедини три партии, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, ФРОДЕМ на Јове Кекеновски, МОРО-Работничка партија и ДЕМОС.