Клопчето за случајот со уривањето на „Космос“ еден ден ќе се одмота до крај

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 11-ти ноември 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 854

Останува мистерија, чија е фирмата од карипската држава Белизе, која е еден од газдите на фамозната „Искра ММ“, компанија која, според опозицијата, гради веднаш до разрушениот објект на Фијат Цаноски?

Интересно е дека покрај карипски, во оваа фирма има и швајцарски капитал, а претставникот на парите од Лугано не е расположен да зборува за своите партнери во Македонија и Швајцарија!

Во меѓувреме, Миле Јанакиески, Џорџе Арсов и градоначалникот на Кисела Вода молчат по обвинувањата на Весна Бендевска, дека тие му вршеле притисок на деканот на Архитектонскиот факултет да ги прогласи за неважечки стручните мислења на професорот Грчев, во кои тој вели дека „Космос“ е сто отсто легален објект!

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

МРТВ ќе го тужи парламентот, бидејќи законодавниот дом ѝ должи на телевизијата околу 100 милиони денари за преносите од собраниските седници. Така барем пренесуваат нашите колеги од другите медиуми, а анализите и стравовите на опозицијата се дека ова е само мал чекор кон една поголема идеја за згаснување на оваа тв-програма.

Факт е дека ретко кој го следи Собранискиот канал, но, да не постоеше оваа програма, ние барем немаше да го чуеме пратеничкото прашање на Јани Макрадули до министерот Миле Јанакиески, на распитот по повод рушењето на комплексот „Космос“. Тоа е така, оти речиси ниту една телевизија, со исклучок на Телма, не пренесе оти пратеникот на СДСМ се сомнева дека на 300 метри од разрушениот „Космос“ на Фиат Цаноски гради фирмата во сопственост на кумашинот на министерот за транспорт и врски, Дејан Панделески.

А, како стојат работите, во догледно време нема да има друг електронски медиум кој ќе ги пренесува ваквите контроверзи од Собранието, со оглед дека власта ќе менува закон со кој најверојатно ќе ѝ стави крај на сагата околу А2 телевизија, односно, нема да дозволи таа повторно да проработи!

СЕ БАРА ЖРТВА ЗА ДА СЕ ПОКРИЕ ГАНГСТЕРСТВОТО НА ВЛАСТА

Токму поради ваквите прилики во етерот, слична медиумска судбина доживеа и второто продолжение од сослушувањето на сведоците и на учесниците во скандалот околу рушењето на „Космос“. Минатата недела на жешкото столче беа министерката за внатрешни работи и деканот и продеканот на Архитектонскиот факултет.

Јанкуловска требаше да сведочи за нејзината улога во полициската акција на денот на рушењето, додека раководството на факултетот имаше задача да објасни, како преку ноќ стручното мислење на професорот Мирослав Грчев (според кое „Космос“ е легален) стана невалидно?

Министерката уште на почетокот од сослушувањето се прогласи за ненадлежна во врска со овој случај и го искористи прилично нервозниот настап на пратеникот Сафет Бишевац, за буквално ништо да не каже што се случувало дента на 1 август, кога полицијата го обезбедуваше рушењето на објектот на Цаноски. Бишевац, пак, инсистираше да дознае, кој ја дал наредбата, 500 полицајци тоа утро да се „нацртаат“ пред „Космос“,и, според кој закон специјалците не му дозволиле на Цаноски и на истражниот судија да влезат во кругот на објектот?

Деканот на Архитектонски факултет, Тихомир Стојков, и неговиот колега Владимир Арсовски објаснуваа зошто за нив се неважечки стручните мислења на професорот Мирослав Грчев, со кои тој тврди дека власта, всушност, го рушела сосема легалниот „Космос“!

Токму на таа седница, пратеничката од СДСМ, Весна Бендевска, упати уште едно бомбастично прашање. Таа сакаше да знае, дали е точно дека министерот Миле Јанакиески, градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски и директорот на државниот Просветен инспекторат Џорџе Арсов, уште во август се сретнале со продеканот на Архитектонски и дали на таа средба му вршеле притисок на Тихомир Стојков, да ги прогласи за неважечки мислењата на Грчев?

Наводно, состанокот се одржал веднаш откако Стојков се вратил од одмор, а продеканот на Архитектонски, Владимир Арсовски, потврди дека имало средба.

Фокус се обиде да ги контактира Миле Јанакиески, Џорџе Арсов и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, но тие до затворањето на овој број од весникот не беа достапни да ни ја кажат нивната страна од приказната во врска со скандалот околу „Космос“, што го обелодени пратеничката Бендевска. Директорот на Просветниот инспекторат Џорџе Арсов прво ни крена слушалка, па замоли да му се јавиме подоцна, но потоа ниту одговараше на нашите повици, ниту пак врати на пораката по СМС. Трајковски од Гази Баба воопшто не крена мобилен телефон, ниту врати на пораката, а слично поминавме и во обидот да исконтактираме со кабинетот на министерот Јанакиески. Патем, сакавме да дознаеме, зошто Јанакиески сѐ уште, еве веќе втора недела, не ни одговора на прашањето, дали тој му бил кум на Дејан Панделески?

Нејсе, според нашите информации, Архитектонскиот факултет во петокот го посетила и финансиската полиција, но тоа не можевме да го потврдиме во Министерството за финансии, ниту пак од деканот Стојков, кој минатиот петок, според неговата секретарка, бил надвор од градов и најверојатно не би сакал да зборува за случајот „Космос“. Оставивме контакт-телефон, но деканот се уште не нѐ исконтактирал!

Професорот Грчев за Фокус објаснува дека инвеститорот на објектот, фирмата „Фине“ на Цаноски, една недела пред рушењето побарала од него да изработи стручна анализа.

– Утврдив дека целата постапка на рушење е воспоставена со потполно лажни и фалсификувани наоди. Државата со динамит сруши потполно легален објект – категоричен е професорот.

Грчев има објаснување, зошто една обична анализа, која нема правно дејство, крена голема прашина.

– Во нашата тоталитарна државичка, каде институциите се суспендирани и инструментализирани да работат на уништување на Цаноски, испадна дека единствено цврсто објективно мислење кое ја потврдува легалноста на објектот е мислењето на Архитектонскиот факултет. Се разбира дека тоа нема никакво правно дејство во моментов, но може да биде клучно во судските процеси, кои Цаноски ги води против државата – објаснува Грчев.

Професорот вели оти министрите за транспорт и за образование, Државниот просветен инспекторат и финансиската полиција, од половината на август, па до сега, спроведуваат акција со интенција да најдат дека тој ја злоупотребил службената позиција, печатот или да откријат финансиска проневера.

– И навистина, по месец и кусур шиканирање и вршење притисок, пронајдоа дека по грешка е заменет влезниот со излезен печат. Која фарса… Најдоа и оти продеканот немал овластување да потпише и да стави печат на мислењата, додека деканот бил на одмор. И, taka, врз основа на ваква минорна глупост, деканот му ги врати парите на Цаноски и напиша писменце во кое му кажува нешто што не е можно, а тоа е дека тој ги смета мислењата за – неважечки!? За да не испадне дека се работи за гол притисок и за фабрикување на нерегуларности, што е единствената вистина, црната министерска тројка му наложи на деканот да спроведе дисциплинска, во која некој мора да настрада за да се покрие гангстерското делување на владата и на државните органи – вели Грчев.

ПОКРАЈ БЕЛИЗЕ, ИНВЕСТИТОРИ И ОД ЛУГАНО

Во минатиот број објавивме дека фирмата „Искра ММ“, која според опозицијата гради на 300 метри од рушевините на „Космос“, има тројца сопственици. Првиот газда е компанијата „Базики лимитед“ од карипската држава Белизе, која во светот е позната како оф-шор зона, каде државните регистри во голема тајност ги држат информациите за тоа кој стои зад компаниите формирани на брегот од Карипското море. Во оваа држава се стационирани и бизнисите на еден од најголемите донатори на британските конзервативци, Лордот Мајкл Ашкрофт, кој важи за угледен член на партијата што ја води премиерот на Велика Британија Дејвид Камерун.

Името на вториот косопственик на мистериозната „Искра ММ“ е избришано од документите на Централниот регистар, но податоците што се оставени упатуваат на адресата на која во Охрид има живеалиште Цветан Панделески, таткото на Дејан, кој, според опозицијата, е кумашин на Миле Јанакиески. Дејан Панделески минатата недела не демантираше дека министерот за транспорт и врски бил еден од сведоците на неговата венчавка, ниту пак одрече дека тој или некој од неговото семејство стојат зад фирмата „Искра ММ“.

Третата компанија која учествува во сопствеништвото на „Искра ММ“ е скопската градежна фирма „Ексико“, која во македонските медиуми уште во 2006  година се спомнува заедно со „Мала Богородица“, во текстовите посветени на нивната градба под хотелот „Панорама“.

Според документите, пак, од Централниот регистер, „Ексико“ е формирана од швајцарска компанија со седиште во Лугано.

Станува збор за фирмата „Т&МЈ Инвестментс СА“, за која нема многу податоци на интернет, освен дека компанијата има капитал од 100.000 швајцарски франци и има борд на директори составен од тројца, најверојатно швајцарски државјани од италијанско потекло. Интересно е дека и оваа европска држава често се вбројува меѓу земјите кои ја носат етикетата на оф-шор даночен рај.

Имено, Швајцарците не сакаат нивната држава да се смета за даночен рај, но, без разлика дали тоа им се допаѓа или не, Швајцарија е токму тоа. Околу 21 отсто од популацијата во оваа алпска држава се луѓе кои потекнуваат од други земји и најмногу од оваа популација живеат во Швајцарија поради големите фискални поволности!

ИНВЕСТИЦИИ ОД ДАНОЧНИТЕ РАЕВИ

Според податоците од Народната банка, вкупниот капитал вложен од државата Белизе во Македонија до минатата година изнесувал точно 30.000 евра, од кои 10.000 се влезени пред две години, а остатокот е пласиран лани. Освен од Белизе, инвестиции во Македонија има од другите карипски дестинации, како Бермудите, британските Девствени острови, Барбадос и од холандските Антили. Покрај островчињата во Карипското Море, инвеститори во Македонија се оф-шор државите и од другите делови на светот, како Куковите острови близу Австралија и Џонстон островот, кој се наоѓа во близина на Хаваите и кој административно им припаѓа на САД. Во портфолиото на странските директни инвестиции во нашата држава свој удел имаат и државите како Маврициус, која се наоѓа во Индискиот океан и европските оф-шор држави како Лихтенштајн и Гибралтар.

И, по сето ова, станува појасна пораката од владината реклама „Македонија – инвестициски рај“. Aко смееме да се пошегуваме, ќе кажеме дека власта сакала да каже оти еден куп држави со етикетата даночен рај, ете, милуваат да инвестираат баш во нашава родна грутка!

Партнерот во „Искра ММ“
МИРЧЕВСКИ НЕМА ВРЕМЕ ЗА ОБЈАСНУВАЊЕ

Фокус преку телефон исконтактира со директорот на компанијата „Ексико“, која се јавува како сосопственик на фирмата „Искра ММ“. Токму од управителот на „Ексико“, Тодор Мирчевски, сакавме да дознаеме кои се неговите партнери од карипската држава Белизе, односно, кој стои зад фирмата „Базики лимитед“ со седиште во Белизе сити?

Понатаму, нѐ интересираше и кој е неговиот втор партнер во фирмата што гради близу „Космос“, со оглед дека во документот од Централниот регистaр тоа име е избришано.

И, на крај, сакавме да прашаме, која е швајцарската компанија „Т&МЈ Инвестментс СА“, која стои зад фирмата во која тој е управител – „Ексико“, која, нели, учествува во сосопствеништвото во мистериозната „Искра ММ“?

– Сега сум на состанок и „неам време, може друг пут“! – кратко искоментира Мирчевски и ни ја спушти слушалката.

Што е Лимитед
ОФ-ШОР КОМПАНИИ СО СЛИЧНИ БЕЛЕЗИ
!

Интересно е дека фирмата од карипската држава Белизе, која е сосопственик на фамозната „Искра ММ“, покрај името Базики, го носи и називот „Лимитед“. Една сосема друга фирма за која пишуваа медиумите во минатото и која исто така потекнува од оф-шор зона имаше сличен назив „Репро 1 лимитед“. За оваа компанија се пишуваше дека му припаѓа на бизнисменот Минчо Јорданов и дека таа купи акции од градежната компанија „Бетон“. „Репро 1 лимитед“, според пишувањата на медиумите, потекнуваше од Британските Девствени острови.

Зборот „лимитед“ во називот на овие фирми одговара на македонското ДОО, односно, тоа е кратенка од Друштво со ограничена одговорност. Тоа покажува дека фирмата „Базики лимитед“ е всушност основана од повеќе од еден газда, бидејќи ДОО е форма на организирање на претпријатијата, која може да се окарактеризира како нешто помеѓу партнерство и акционерско здружување.

Поврзани новости